Папата Лав Четиринаесетти во посета на јужноиталијанскиот регион загрозен од мафијашкиот токсичен отпад


Папата Лав Четиринаесетти денеска престојува во посета на јужноиталијанскиот регион познат како „Земја на огновите“, каде што локалната мафија со децении вршела нелегално исфрлање и палење на токсичен отпад.

Посетата се реализира во пресрет на 11-тата годишнина од објавувањето на големата еколошка енциклика на претходниот папа Франциск под наслов „Слава тебе“ (Laudato si’). Со овој чекор, новиот поглавар на Римокатоличката црква ја потврдува својата силна посветеност за продолжување на еколошката политика на Ватикан.

Минатата година, Европскиот суд за човекови права ги потврди тужбите на повеќе генерации жители од овој регион, утврдувајќи дека мафијата е одговорна за сериозното загадување на почвата и воздухот. Ова илегално депонирање доведе до енормно зголемување на случаите на рак во околу 90 општини околу градовите Казерта и Неапол, каде што живеат околу 2,9 милиони луѓе. Судот нотираше дека италијанските власти уште од 1988 година знаеле за токсичното загадување припишано на мафијашкиот клан Камора, но не преземале соодветни заштитни мерки.

Папата утрово пристигна во градот Ачера, каде што оствари емотивни средби со семејства кои ги загубиле своите деца поради онколошки заболувања. Локалниот епископ Антонио Ди Дона истакна дека во изминатите три децении во овој град со 58.000 жители починале 150 млади лица како директна жртва на еколошкото загадување.

За време на престојот во Ачера, папата Лав Четиринаесетти ја посети катедралата „Свето Успение Богородица“, каде што одржа свечена проповед пред верниците и свештенството. – Дојдов пред сè за да ги соберам солзите на оние кои ги загубија своите најблиски, убиени од загадувањето на животната средина предизвикано од безмилосни луѓе и организации кои предолго дејствуваа неказнето – порача Светиот отец.