Администрацијата на Трамп ја напуштаат уште кадри


По вчерашната најава на првиот човек на Пентагон, Патрик Шанахан, дека се откажува од кандидатурата министер за одбрана и ќе даде отказ, своја оставка најави и Фиона Хил, специјален советник на претседателот Доналд Трамп за европски и руски прашања.

Иако американскиот претседател вчера и официјално со голема помпа ја започна својата кампања за избор на втор мандат, фокусот на вниманието на јавноста во САД е свртен кон проблемот со кадрите во неговата Администрација, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Оставките на Шанахан и Хил се уште една потврда дека власта на Трамп се соочува со кадровски проблеми. Според достапните податоци, повеќе од 200 функции во Администрацијата, вклучувајќи и раководни позиции во федералните органи, остануваат испразнети.

Причината за оставката на Шанахан, чија функција раководител на Пентагон е една од најчувствителните и најважните во Вашингтон, е семејно насилство што се случило во 2010 година.

Шанахан тогаш бил обвинет од својата сопруга Кимберли дека ја тепал, иако записниците од полиција до кои дојдоа „Вашингтон пост“ и „Ју-Ес-Еј Тодеј“, укажуваат дека сопругата била во пијана состојба и всушност повеќе пати го удрила Шанахан, кој се здобил со модро око и раскрвавена глава. По расправата, таа била уапсена од полицијата но подоцна пуштена поради недостиг на докази.

Во соопштението за својата оставка, Шанахан, поранешен раководител во компанијата Боинг, изјави дека со задоволство ја прифатил понудата да стане министер за одбрана но дека се откажува од кандидатурата бидејќи не сака да „ги потсетува децата на тоа тешко поглавје од нивниот живот“.

Според познавачите, Шанахан се судри со конфликт на интереси, бидејќи како учесник во семејно насилство тој не е подобен да раководи со министерството кое со години работи на искоренување на насилството врз жените во армијата на САД.

Демократската партија и опонентите на Трамп уште еднаш го покренаа прашањето за процедурата „ветинг“ во Белата куќа, и како можело претседателот да го назначи Шанахан за вршител на должност министер за одбрана кога информациите за неговото минато биле општо достапни.

Уште еден важен кадар што наскоро заминува е Фиона Хил, советничка на Трамп за Европа и Русија во Националниот совет за безбедност.

Нејзиното назначување во 2017 година беше прифатено со зачуденост во Вашингтон, бидејќи американскиот претседател тогаш сакаше да ги подобри односите со Москва, а таа се смета за голем критичар на рускиот претседател Владимир Путин – Хил е еден од авторите на политиката на санкции кон Русија.

Нејзината книга „Господин Путин – оперативец во Кремљ“, е еден најисцрпните западни трудови за ликот и делото на Путин, а во нејзините настапи таа повеќекратно има нагласено дека „Москва претставува опасност по трансатлантската безбедност“.