15 години без Тоше: Спомен-куќата во Крушево е најпосетуван музеј во регионот


Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој пред 15 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, на само 26 години. Да беше жив, Тоше денес ќе наполнеше 41 година.

Освен песните и хуманитарните дела, споменот на мегаѕвездата го чува и Спомен-куќата  на Гумење во Крушево кој лани, во април, одбележа 10 години откако е отворена за посетители, за обожаватели и за гости во чест на голема музичка ѕвезда. На 25 април 2011 година е отворен овој импозантен музеј, Спомен дом кој една деценија ја раскажува приказната за Тоше, за големиот музичар, за хуманистот, човекот кој и денес ги плени срцата на луѓето од земјава, Балканот и од Европа.

Спомен-куќата е симболиката на сѐ во што веруваше Тоше, најпосетуваниот музеј на овие простори и со меѓународна награда за уникатно архитектонско дело.

 

 

Во домот е приказната за Тоше, за неговиот живот, за песните, за сето во што веруваше тој. Зрачат љубовта, но и тагата.

10 години преку музејот е отворена душата на Тоше. Балканот и пошироко живеат со спомените за Тоше. Од отворањето до денес во Спомен-куќата дошле околу 750 000 посетители, државни, домашни и странски делегации, фанови, обожаватели на Тоше го посетиле овој музеј, ги почувствувале љубовта, среќата, но и тагата, празнината. Во 10 години се одржани бројни настани: музички, едукативни работилници со учениците од градот, промоција на монографија, поетски читања, пеење на неговите песни, но и создадени песни за Тоше, потоа хуманитарни настани, ревии, крводарителски акции. Во него се изложени 350 експонати, предмети, дел од животот на Тоше, а во депото има уште.

Проектот е осмислен од тројца архитекти на кој работеа една, а се градеше две години. Преку разни симболики е прикажан животниот пат на Тоше Проески. Објектот се простира на 1 200 метри квадратни, на две нивоа. Има околу 20 витрини. И секоја посебно раскажува за животниот пат на Тоше. Сите се порзани со дигитална технологија, со аудио и видео опрема. Тука се и восочните фигури, музичкото студио на Тоше.

Во ноември 2012 година на фестивалот во Барселона, проектот ја доби наградата „People’s choice Award“ за најдобро идејно решение во конкуренција од 704 објекти од светот. Спомен-куќата во 2011 година ја освои и големата годишна награда за архитектура од македонската Асоцијација на архитекти.

Од Спомен-куќата каде секогаш се отворени вратите на посетителите се уверени дека музејот постојано ќе биде дом на почитувањето, на љубовта, вербата, но и на тагата и одминливоста на животот, но не и на делата кои зад себе ги остави Тоше Проески.