Филм


Филмот е како живот или животот е како филм.

Сапуница или трилер, политичка драма, комедија или трагедија.

На ТВ, на филмски фестивал, во кино или во стварноста.

Некој снима филм, некој учествува во филм, некој парадира во филм…

Некој режира, некој финансира, некој игра главна улога, некој статира, некој е во публика, некој оценува, а некој е во жири…

Некој е професионалец, а некој аматер.

Некој ѕвезда, а некој дебитант.

Некому филмот ќе му донесе слава, некому пари, некому моќ и функција, некому пријатели, а некому непријатели.

За некого филмот е егзистенција, за некого престиж, за некого политички поен, а за некого само црвен ќилим.

Некој филм можеш да го догледаш цел, а од некој заминуваш по пет минути.

Некој филм ќе доживее овации, некој ќе добие аплаузи, а некој ќе биде исвиркан.

Некои ги спомнуваме цел живот, а некој веднаш го забораваме.

Филмовите се сведоштво на едно време, на една амбиција, на една (не) моќ, често си велиме: ти во кој филм си?

Тешко е да успееш во Холивуд, не е Оскар се што сјае, а уште подолго да останеш на врвот. Каде има врв, има и дно.

И кај нас е „драма“ да снимиш филм, да те поддржи државата или европски фонд, да добиеш пари и внимание колку што бараш. Потоа е „драма“ кои гости да ги викнеш а да не се налутат другите, со каков дрес-код зашто ние или премалку или премногу се дотеруваме, никогаш таман.

Ама некои „други“ актери сега ја окупираат македонската јавност, а филмскиот сет се префрли на локалната политичка арена.

Ја мериме глумата, паметот, однесувањето, искреноста и изгледот на новите кандидати и си размислуваме или озборуваме кои се „режисерите“ и “спонзорите“.

Златната средина значи дека учиме од грешките, но не и ние.

Сите сме во некој филм, нели?