Туризмот се развива, но неопходна е сеопфатна стратегија


Развојот на туризмот бележи нагорна линија во последните години, но за уште подобри резултати потребен е развој на туристичките зони, изградба на инфраструктура, зголемување на бројот на хотелски сместувачки капацитети, законски измени за намалување на нелојалната конкуренција, но и поголем фокус на домашните туристи. За сето ова потребно е донесување на Национална стратегија, која во моментов Македонија ја нема.

Ова се дел од размислувањата на учесниците на денешната конференција за развој на туризмот во Македонија организирана од Министерството за економија.

Државниот советник за туризам и угостителство Шовкет Хазари, вели дека Националната стратегија била изготвена во 2016 година, но поради приликите во земјата не е донесена. Се надева дека до крај на јануари и почеток на февруари таа ќе биде донесена и ќе почне да се имлементира.

Досегашните преземени мерки, рече тој, покажале резултати во областа на развојот на туризмот.

– Туризмот иако е најранлив, во последните осум години е единствена гранка која има раст од 100 проценти. Идејата е да дојдеме до три милиони ноќевања или еден милион посетители. Во моментов имаме околу 900 илјади евидентирани гости, вели Хазари.

Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажевски очекува доколку не се случат непредвидени работи бројот на ноќевања во 2018 година да се зголеми од 10 до 15 проценти. Годинава што изминува, рече, имало некој процент зголемување во однос на претходните, но не биле остварени очекувањата.

За развој на туризмот, смета тој треба развој на инфраструктура, патишта, одржување на чистотата во центрите, развој на туристичките зони, воведување бродски транспорт, вложување во изградба на нови хотели, бидејќи Македонија споредено со земјите во регионот на овој план многу заостанува.

– Сега имаме околу 27 илјади хотелски легла со 3, 4 и 5 ѕвезди. Тие во наредните десеттина години треба да се удвојат. Само така може да се очекува поголем број гости, а во тој период треба да се изгради и инфраструктурата, рече Блажевски.

Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија вели дека бројките покажуваат раст во делот на бројот на туристи и ноќевања, и тоа од 12 до 20 проценти на годишно ниво, раст на девизниот прилив и приходите од туризам, но, вели, недостига контрола на нелојалната конкуренција.

– Бараме измени во законите за угостителство и за туристичка дејност, бидејќи во двете дејности има недоречености, кои овозможуваат нелојална конкуренција на овој пазар, рече Михајловска.

Смета дека Националната стратегија треба да претрпи измени, оти ваква како што е изготвена нема да даде резултати оти за да се спроведе треба претходно да се донесат уште пет потстратегии.

Деканот на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, Цветко Андреевски вели дека стратегиите кои се однесувале на привлекување странски туристи вродиле со плод и оти бројот на ноќевања е во континуиран пораст, но, потенцира, треба да се насочи фокусот и на домашните туристи, чија бројка на ноќевања последните години не се менува.

Тие, рече Андреевски, остваруваат поголем просечен број на ноќевања од околу 4,5 ноќевања по лице, за разлика од странските кај кое се регистрирани во просек 2,2 ноќевања по лице