Судии нема, а стручните не се избираат


Стручните судски службеници со години им ја завршуваат работата на судиите, им ги пишуваат пресудите и со стаж од десет, па и 20 години по судовите, не можат да бидат избрани за судии и да носат пресуди во името на граѓаните.

Во време кога Европа бара реформирање на судството до јуни 2019 година, Македонија се соочува со недостиг на судии. Сите завршени кандидати од Академијата на судии и јавни обвинители се избрани и нема нови кадри. Следната генерација завршува кон крајот на првата половина од идната година, а голем број на стручни судски службеници не можат да бидат избрани за судии бидејќи ја немаат завршено Академијата.

Во овој вакуум-простор од една година судските соработници бараат да бидат избрани за судии, па потоа дополнително да ја завршуваат обуката во Академијата за судии и јавни обвинители и да се вметне законска одредба кандидатите во Академијата да се избираат од редот на стручните соработници со стаж од над осум години.

„Сега од факултет, од клупа, завршуваат академија и веќе се судии, а ние не можеме да станеме суди бидејќи политиката така ни налага и судиите се избираат политички. Европска Унија налага дека мора судиите да имаат завршени Академија, но во Академијата влегуваат само луѓето кои имаат дебели врски, а ние колку и да учиме, колку и да сме квалитетни, џабе ни е“, велат дел од стручните соработници.

Стручните судски службеници потпишаа и петиција и ја поднесоа до премиерот, министерот за правда, Законодавната комисија при Собранието, Судскиот совет, Јавнобвинителскиот совет, Делегацијата на Европската Унија во Македонија, американската амбасада, Здружението на судии, Здружението на судска администрација и синдикатот на УПОЗ.

Нивната прва забелешка е тоа што вработените во судовите, односно стручните соработници, не се вклучени во конечната верзија на стратегијата за реформа во правосудниот систем.
Тие предлагаат одделување, разграничување на стручните соработници, кои со години работат по судовите и го стекнале своето образование по стар образовен систем, со усно полагање на испитите и правосудниот систем, а не по Болоњскиот систем, со кликање на точни одговори.

„Претходната власт целосно ја исклучи оваа категорија квалитетни правници, ја занемари и тврдиме дека тоа е една од причините поради што судството се здоби со ваква репутација. Ние не предлагаме стручните соработници да бидат ослободени од обврската да посетуваат обуки во Академијата за судии и обвинители, но тоа да биде откако ќе бидат избрани за судии и јавни обвинители“, велат од судските соработници.

Според нив, сегашниот избор е само избор на кадар кој знае теоретски, но не и практично, и избраните судии се губат во кривичната, граѓанската, управната област, за кои се избрани.

Тие го објаснуваат начинот на кој се полагаат приемните испити во Академијата. „Академијата објавува оглас за ограничен број кандидати за прием и се објавуваат 2.000 прашања од кои 100 се на странски јазик, но и околу 1.000 прашања кои немаат врска со нашето законодавство, а притоа се запишуваат кандидатите кои имаат најдебели врски, а не знаење“, пишува во петицијата.

Стручните соработници коментираат дека со стариот закон за судови имаше скалила и многу сегашни судии се избрани од редот на стручните соработници, меѓу кои и сегашниот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев.

Министерството за правда пред неколку дена им доставило одговор во кој ги потсетуваат дека просекот од 8 не е повеќе услов за упис. Од Министерството за правда информираат дека во Македонија неодамна престојувала оценска мисија од Европската комисија која подготвувала мислење за работата на Академијата за судии и јавни обвинители.

Една од темите за дискусија било токму ова прашање, стручните соработници да бидат избрани за судии и обвинители со скратени програми за едукација. „Конечната одлука сè уште не е донесена со оглед на тоа што се уште сме во исчекување на извештајот од оценската мисија во кој ќе биде наведено мислењето и препораките на експертите од Европска Унија“, велат од Министерството за правда.

Македонската Академија за обука на судии и јавни обвинители е основана во 2006 година, а од јануари 2013 година судиите и јавните обвинители се избираат исклучиво од редовите на кандидатите од Академијата.

Академијата три години со директор со истечен мандат

Измените на Законот за Академијата на судии и јавни обвинители кои предвидуваат поедноставни услови за избор на директор и управен одбор на оваа институција веќе влегоа во собраниска процедура. В понеделник измените на овој Закон се на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Целта на предложеното законско решение е подобрување на постојната законска регулатива согласно утврдените недостатоци во примената на законот и отстранување на формалните критериуми кои претставуваат пречка за примена на законот, а ќе овозможат ефикасен избор на органите и функционирање на Академијата согласно закон. Со усвојувањето на овој закон веројатно ќе биде ставен крај на директорувањето со Академијата со истечен мандат уште пред три години. Директор на Академијата е Анета Арнаудова.

Од Академијата во овие три години повеќе пати се обиделе да номинираат лица од институциите кои ќе ги исполнат условите од наведениот закон, но обидете останале без успех.

Судиите и јавните обвинители не се пријавувале поради комплицираната постапка и полагање на електронскиот испит за директор, членови на управен одбор и програмски совет.

Исто така, проблем се дополнителните трошоци за лицата што ги исполнуваат условите за управувачки органи бидејќи им се бараат посебни сертификати за највисоко познавање на странски јазик, психолошки тест и тест за интегритет и други услови кои се бараат од кандидатите.
Предложените измени имаат цел да се поедностави постапката со што ќе се овозможи пријавување членови од редот на судиите и јавните обвинители кои ги исполнуваат законските услови за да се формираат органите на управување и да се овозможи Академијата легитимно да функционира согласно законот.

На комисиската расправа ќе се разгледуваат и измените на Законот за судска служба кои предвидуваат поедноставување на постапката за вработување преку јавен оглас.
Со измените во Законот за судска служба се одложува примената на одредбите кои се однесуваат на полагањето стручен испит за познавање на јазиците.

Фросина Факова – Серафиновиќ