Стојанче Ангелов за М-НАВ: Се пријавив на огласот, па ми кажаа дека ме примиле


Генерал Стојанче Ангелов неколку дена работи во Македонска навигација (М-НАВ) како советник. На „Фејсбук“, како претседател во оставка на политичката партија Достоинство, напиша дека „во овој чувствителен и пресвртен момент за нашата татковина, момент од кој зависи нејзината иднина како единствена држава на Македонците и на сите други нејзини граѓани“, чувствува обврска за политичко реактивирање. И бидејќи полицијата е неспоива со политички ангажман, во договор со раководството на партијата одлучил МВР да го замени со провајдерот на воздухопловни услуги. Сега е советник во воздухопловна техника, ќе биде задолжен за безбедносните аспекти, а почетната плата му е 41.000 денари. Негова обврска е безбедносната заштита на уредите и системите во контролата на летање и на оние што се на истурени позиции.

Свесни сте за реакциите во јавноста откако станавте вработен во М-НАВ. Како воопшто дојде до тоа?

Во периодот кога ние во Достоинство размислувавме да излезам надвор од МВР, излезе оглас во М-НАВ на кој се бараа советници и тоа ми привлече внимание, особено затоа што моја страст од младоста ми се летањето и падобранството, па аплицирав на огласот. Јас толку знам. Во М-НАВ ми кажаа дека имале комисија, која како еден од кандидатите ме избрала мене. Многу битен момент е тоа што јас не сум именуван од Владата, гледам дека тоа создава забуна. Најнормално конкурирав, а како и зошто ме избрале, треба да ја прашате комисијата, но сметам дека сум најдобар кандидат од сите пријавени во делот на безбедноста.

Што конкретно ќе работите?

Овде имам сериозни обврски, на кои максимално ќе се посветам. Досега, и додека работев во Ирак и на брод, покажав на дело дека истовремено можам да се грижам за моите професионални обврски, а притоа и политички да бидам активен. Јас од Ирак дејствував во Македонија преку мојот фејсбук-профил и преку давање интервјуа, достапни до секој новинар. Мојот политички ангажман од Ирак во Македонија не ми пречеше и не дозволив да го намали мојот професионален ангажман.

Дали Вашиот активен политички ангажман ќе влијае врз имиџот на оваа воздухопловна институција?

Ќе изгледа нескромно, но јас мислам дека оваа институција треба да биде горда затоа што има профил како мене во своите редови. Зборувам за професионалниот аспект. Да не го заборавиме овде моето огромно искуство во работата со луѓе. Јас безмалку целиот мој професионален век менаџирам со луѓе. Бев командир на одделение, на вод, заменик командант на специјална единица, виш инспектор, односно командант во посебната единица. Менаџирав со луѓе во војна, менаџирав со луѓе кога имаше мртви, со ранети луѓе, со луѓе во заседи, со луѓе во непријателско опкружување. Во два наврата спречив дезертирање на припадници на безбедносните сили од Тетово. Луѓето беа исплашени. Оправдано. Ги охрабрив, ги задржав на нивните позиции. Менаџирав во Ирак со странци, со луѓе од различни раси, вери и националности. Сметам дека моето животно и професионално искуство ќе даде позитивни резултати. Јас немам проблем со суетата и со отворено срце ќе ги прифатам моите надредени, бидејќи тие знаат да ја водат оваа институција. Верувам дека ќе ме упатат во работата и ќе ми кажат што треба да работам, а чисто професионалниот дел е неоспорен. Ќе овозможам примена на најдобрите практики од развиените европски системи. Факт е дека во последните 7-8 години сите македонски институции покажуваа значајни слабости. М-НАВ треба да функционира како институција каде што не е битно дали работи Стојанче, или друг, но институцијата ќе функционира.

Во моментов Вие сте единствен од вработените што има безбедносен сертификат, иако тоа е законска обврска за ваков тип институција?

Треба да се реши тој проблем.

Претпоставувам дека ги следите негодувањата од голем број од бранителите, чии права не се регулирани, се соочуваат со егзистенцијални проблеми додека вие се сместивте на добро платена позиција?

Ова е апсолутна невистина. Не знам од каде ова тврдење. Клучната улога и најголемиот товар во 2001 година ги изнесоа бранителите вработени во МВР и АРМ и тие до ден-денес се во работен однос или во пензија. Благодарение на Достоинство, го решивме и проблемот со професионални војници кои остануваат на работа до пензионирање. Најголем дел од бранителите кои активно учествуваа во воениот конфликт во 2001 се во работен однос и имаат пристојни плати во МВР и во АРМ. Еве пример, во ‘тигрите’ сѐ уште имаме припадници што ја бранеа Македонија во 2001 година, а земаат поголема плата од таа што ќе ја земам во М-НАВ. Припадници на специјалните единици во армијата земаат поголема плата од мојата и не е точно тврдењето дека бранителите се невработени. Ние како Достоинство им помогнавме на многу бранители, мислам, пред сѐ, на резервниот состав, да почнат да работат, а тоа го правиме и денес. Јас имав повисока плата во МВР и нормално е дека колку што сте повисоко во хиерархијата, да имате повисока плата. Но ако мојата сегашна плата ја споредам со платата што ја земав во Ирак, таа е безмалку десетпати пониска, бидејќи во Ирак земав 6.000 долари месечно. Нема реакции на вистинските бранители.

Каков е Вашиот став во однос на договорот за името со Грција?

Достоинство се залагаше за прекин на преговорите со Грција. Со оваа понуда ние два пати излеговме на избори, еднаш во 2011 и во 2014. За жал, граѓаните не ни дадоа доверба и освоивме по околу 9.000 гласови. Во 2017 година, Достоинство настапи како дел од коалицијата ‘ВМРО за Македонија’, каде што беа и Обединети за Македонија и ВМРО-Народна. Го знаете ставот на Љупчо Георгиевски на кој начин проблемот требаше да биде решен, така што како коалиција немавме чист став по ова прашање. Денес имаме договор кој е изнуден, кој не е праведен, но сепак имаме договор со кој на Македонија ѝ се отвораат евроатлантските интеграции. Апсурдно е ние како Достоинство да зборуваме за прекин на преговорите, бидејќи тоа е завршено со договор. Достоинство го разгледува сегашниот договор и во него има многу добри работи, особено ни се допаѓа тоа што и официјално е бетониран македонскиот идентитет, ние сме Македонци кои зборуваме на македонски јазик и во иднина кога Македонците ќе одат да работат во Швајцарија или во Германија, нема да бидат принудени тоа да го прават со бугарски пасоши. Останува да се проучи детално договорот, ги следиме сите анализи и сметаме дека сепак со него оваа Влада избоксува максимум и не веруваме дека кој било друг преговарачки тим можеше да добие повеќе, особено ако ги земеме предвид актуелните реакции во Грција.

Кога го кажувате ова, не чувствувате ли идеолошко прекршување?

Се работи за практика. Ние многу пати во животот правиме компромиси кога правиме работи со кои интимно не се согласуваме, но ги преземаме бидејќи така налага реалноста. Нашето инаетење може да ја одведе државата во многу несакана насока: Особено јас се чудам на изјави на некои врвни интелектуалци кои сметаат дека влезот во НАТО немало да гарантира безбедност за Македонија, притоа покажувајќи го примерот со замрзнатиот конфликт меѓу Грција и Турција. На Македонија не ѝ се заканува воена опасност однадвор, ние имаме внатрешен проблем во Македонија, кој доколку не влеземе во НАТО и ЕУ ќе се продлабочи и може да ескалира до степен на распад на државата.

Како функционира коалицијата на партија од ваша идеолошка матрица со левицата?

Одамна се надминати овие идеолошки разлики, бидејќи во ВМРО како десна партија беа преземани многу леви методи, се користеа популистички методи, дел од нејзините политики се карактеристични за левицата. Некои работи што денес ги прави СДСМ повеќе прилегаат на десница.

Лесно ли Ви беше да го направите компромисот и да се вработите овде?

Од професионален аспект, и досега во МВР работев во делот на безбедноста на македонските граѓани и сега продолжувам да работам во истиот дел.

Рековте дека летањето ви било младешка страст?

Луѓето ме доживуваат како поранешен припадник на безбедносните сили, специјалец кој крши ќерамиди, политичар. Но, многу малку луѓе знаат за мојата прва љубов, а тоа е летањето. Уште на 16 години завршив падобранска обука во Битола, со пет падобрански скока. Следната година уште во средното училиште почнав обука со едрилица. Дојдов до лаширање, односно до самостојни летови. Неколку години летав во аероклубот во Штип, како еден од најактивните членови. Се надевам дека сега, со нормализирањето на состојбата во државата, ќе можам повторно да скокам и да надоместам тоа што сум го испуштил. Во меѓувреме најдов нови активности кои ме исполнуваа од адреналински аспект.

Како пилот на едрилица и како падобранец од аероклубот во Штип бев пратен на прегледи во Военомедицинскиот центар „Батајница“ во Белград, каде што се вршеа прегледи на пилоти на воени авиони. Сакав да конкурирам за воен пилот. Иако претходно требаше да служам воен рок во Ниш, во падобранската единица во ЈНА, беше решено во септември да одам во Школата за резервни офицери (ШРО) во авијација, откако ги поминав прегледите. Имам завршено преглед на центрифуга со забрзување 5.7, преглед во баро-комора, под притисок. Во тоа време, во јуни 1991, како завршен гимназијалец во гимназијата во Штип, конкурирав на Природно-математичкиот факултет, на отсекот теоретска математика. Иако не изгледам така, математиката ми беше другиот предизвик. Во јуни кога требаше да одам на приемни испити, ми стигна повик од „Батајница“, за втор контролен преглед. Требаше да избирам дали да останам на ПМФ, па одлучив да заминам во Батајница. Но, летото почна војната и не успеав во септември да ја почнам обуката за воен пилот во ЈНА. Во септември 1991, кога беше реобновен претходно укинатиот Факултет за безбедност во Скопје (Идризово), се запишав таму. Има уште многу работи за кои можам да зборувам, но тоа ќе го кажам во мојата биографија на која работи мојата сопруга.

Анита Салтировска, Горан Адамовски

Фото:Борис Грданоски