СДСМ прво ќе решава дали да има нов премиер


Владејачкиот СДСМ в петок ќе одлучува дали наскоро ќе има седница за распуштање на парламентот или престојаните избори ќе бидат само редовни и претседателски. Веднаш по враќањето на лидерот Зоран Заев од Давос, ќе заседава централниот одбор на партијата, иако неформалната дебата во СДСМ за тоа дали да се распишат предвремени парламентарни избори е веќе почната на највисоко ниво. Според неофицијални информации, уште завчера утрото имало координација меѓу најтесното раководство на „Бихаќска“ на оваа тема, а потоа некои партиските функционери имале и брифинг со амбасадорите на ЕУ, кои имаат извесна резерва во однос на можните парламентарни избори во период кога Владата треба да се посвети на реформи.
Иако евентуалните предвремени избори би се одржале заедно со вториот претседателски круг – веројатно на 5 мај, што значи дека Собранието би требало да се распушти не порано од 5 март, оваа дебата, според информациите, е моментно поургентна од таа за редовните избори за шеф на државата. Причина за тоа е што, ако се оди на парламентарни избори, треба да се фатат роковите за формирање техничка (пржинска) влада – 100 дена пред датумот определен за гласање. Според тоа, ако вториот претседателски круг, заедно со единствениот круг избори за пратеници, се одржи на 5 мај (што е и последен можен термин ако се има предвид дека мандатот на Ѓорге Иванов истекува на 12 мај) тогаш преодната влада би требало да биде избрана веќе кон крајот на овој месец.
Премиерот Зоран Заев изјави вчера дека одлуката за тоа дали ќе има паралелни избори за претседател и за пратеници може да биде донесена уште во петок, но можеби и во некој од наредните денови. Тој нагласи дека Македонија изминатите години се соочи со повеќе ситуации на застој поради предвремени избори, од аспект на ограничувањата што се наметнуваат од нивното распишување до изборот на владата. Но, потенцира дека, ако гледа од партиски аспект, избори се поволна алтернатива и за СДСМ и за коалицијата, како можност да ги зацврстат позициите.
Во партиски кругови веќе се споменуваат и имиња на можниот технички премиер, со оглед на тоа што во случај на парламентарни избори Заев ќе треба да се повлече од функцијата. Во тој контекст, најмногу се спомнува името на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој и така ќе треба да замине од министерското место во случај на избори и да го отстапи на кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Се врти и името на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, како заменик-претседателка на СДСМ, но притоа се посочува дека во нејзиниот ресор не се предвидени кадровски промени според пржинската влада. Сепак, според информациите, не е исклучено и трето решение (на пример, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски), со оглед на тоа што Спасовски и Шекеринска фигурираат како можни кандидати на СДСМ за претседател на државата, за што, пак, конечната одлука владејачката партија ќе ја донесе веројатно подоцна. Процедурално, последните рокови за објавување на имињата на кандидатите за шеф на државата би биле кон средината на март, доколку првиот изборен круг се одржи на 21 април, како што беше најавено. Поради тоа, владејачката партија веројатно уште извесно време ќе го испитува пулсот на јавноста околу тоа кој од можните кандидати би мобилизирал најмногу гласачи и поддржувачи на претстојните редовни избори, а истовремено да биде и прифатливо решение за ДУИ, со оглед на намерите за заеднички изборен настап на двете владејачки партии.
Според Заев, на тест се ставени десетина имиња како потенцијални кандидати за претседател од редовите на СДСМ и тоа од различна етничка припадност – Македонци, Албанци, Турци и Срби.
– Се оценува како размислуваат граѓаните, како тие би им парирале на кандидатите на противничката страна, се вршат и консултации со граѓанскиот сектор. Целта е да се пронајде личност која ќе биде најприфатливо и максимално консензуално решение, колку што е можно тоа да се направи за да се опфатат сите – истакна Заев. Тој најави дека ќе разговара со дел од владејачките партии, но дека тој процес на дебата ќе почне во СДСМ, а потоа и во коалицијата што ја предводи оваа партија.
Според премиерот, кандидатот на СДСМ треба да биде личност која има потенцијал да биде претседател на сите граѓани и да ги нема слабостите на актуелниот шеф на државата Иванов во однос на мултиетничкиот карактер на општеството, европските и евроатлантските интеграции. Притоа, Заев повтори дека тој лично не планира да биде кандидат на претседателските избори.
– Дебатата е отворена и во коалицијата и во политичкиот субјект што го водам. На крајот, можам да ветам чесна и одговорна одлука – порача Заев.
Одлуката дали ќе има двојни или само редовни претседателски избори, паралелно со вонредните избори за градоначалници во Охрид, Дебар и во Ново Село, според проценките, ќе се одрази и на разговорите меѓу СДСМ и ДУИ за евентуален заеднички кандидат за шеф на државата. Ако СДСМ отиде контра волјата на коалицискиот партнер, во чиј табор се силно против предвремени избори, тогаш проценките се дека потоа ќе треба да се направат одредени отстапки кон ДУИ за возврат на очекуваната поддршката за претседателскиот кандидат на главната владејачка партија. Всушност, првата одлука што треба да ја донесе СДСМ во однос на профилот на претседателскиот кандидат е дали ќе се оди со автентично партиско решение, како Шекеринска или Спасовски, или со натпартиска личност, како националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, или министерот за надворешни работи Никола Димитров, или евентуално универзитетскиот професор Денко Малески.

Мицкоски ќе стане пратеник и ќе виси двотретинскиот кворум

Врвот на СДСМ, според проценките, смета дека ќе обезбеди постабилно парламентарно мнозинство од сегашното во идниот собраниски состав, доколку изборите се одржат напролет. Но дилемата е дали во следниот состав ќе има двотретинско мнозинство за дел од реформските закони што престојат, вклучително и за регулативата за СЈО, какво што беше обезбедено со независната пратеничка група што произлезе од ВМРО-ДПМНЕ. Според информациите, осумтемина независни пратеници со кои СДСМ го формираше телото за помирување се исто така против вонредни избори. Тоа, наводно, го поставувале и како услов во текот на разговорите со СДСМ.
И во таборот на ВМРО-ДПМНЕ, всушност, владее поделеност во однос на предвремените избори, но по друга основа од СДСМ, и покрај тоа што опозициската партија секојдневно бара распуштање на овој парламентарен состав. Против предвремени избори се дел од актуелните пратеници кои во изминатиот период не секогаш беа на страната на новиот лидер Христијан Мицкоски, кои се свесни дека нема повторно ќе се најдат на кандидатските листи за да обезбедат нов мандат. Освен тоа, извесна резерва има и кај дел од поддржувачите на Мицкоски со оглед на проценките дека актуелниот лидер тешко ќе може да оправда евентуална поголема предност на СДСМ на избори што опозицијата прва ги побара. Односно, проценките се дека во таков случај, а со оглед на разногласијата што владеат во партијата, можно е да се бара политичка одговорност од Мицкоски. Од друга страна, очекувањата се дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му одговараат вонредни избори затоа што така ќе може и тој да влезе како пратеник во законодавната власт и да формира пратеничка група која ќе му биде во целост лојална.
Александра М. Митевска