СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во дијалог: Се расчистува теренот за референдумот


Почнуваат подготовките за референдумот за името. Ако сè оди по план, 16 септември, според наши информации, е сега првиот можен датум за одржување на референдумот на кој граѓаните, ќе треба да се изјаснат најверојатно дали се за промена на уставното име со цел зачленување на Македонија во НАТО и во ЕУ.
Одлуката за распишување на референдумот, како што најавуваат партиски извори, би можела да се најде на дневен ред уште на 17 овој месец, односно на седницата што е веќе закажана за тој датум. Сепак, од разговорите што се водат моментно меѓу владејачките партии и ВМРО-ДПМНЕ, наводно, зависи дали дотогаш ќе биде договорена содржината иницијативата за одржување референдум. Речиси извесно е дека оваа иницијатива ќе потекне од парламентот, а намерата, според наши соговорници, е потпис на неа да стави и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која, иако не се согласува со договорот со Грција, се залага во својата партиска програма граѓаните да го имаат последниот збор во врска со името на државата.
Со одлуката за распишување референдум треба да се утврдат референдумското прашање, датумот на гласање и формата на изјаснување, односно дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки. Во таа насока, ВМРО-ДПМНЕ инсистира референдумот да биде задолжителен, а од СДСМ велат дека каков и да биде – одлуката на граѓаните ќе биде обврзувачка за носителите на власта.
Конечниот датум за гласање не е утврден сè уште, ама намерата, според наши информации, е тоа да се случи до крајот на септември, за да има време за уставни измени до крајот на годината, доколку референдумот биде успешен како што се очекува во владејачки кругови. Со оглед на рокот од 60 до 90 дена што треба да поминат од распишувањето до одржувањето на референдумот, 16 септември се смета за прв можен датум доколку на 17 овој месец биде усвоена одлуката. Во таков случај, последниот рок, пак, би бил кон средината на октомври.
Разговорите меѓу мнозинството и опозицијата, според информациите, сега се концентрирани на изборот на новиот состав на ДИК. Доколку има договор, седницата за избор на седум нови членови на Комисијата би се одржала до крајот на неделава. Поточно в петок, откако претходно ќе заседава Комисијата за избори и именувања, со која претседава Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа Комисија треба да направи селекција на седум од 41 кандидат пријавен на конкурсот што го распиша Собранието. Седумтемина кандидати треба да добијат поддршка од најмалку 80 пратеници за да бидат избрани во ДИК. Според информациите, најсериозни кандидати на СДСМ се поранешните пратеници Борис Кондарко и Јанаќе Витановски и Радица Ристеска, судијка од Охрид, а на ВМРО-ДПМНЕ поранешните пратеници Оливер Деркоски и Светлана Карапетрова, така што еден од нив ќе биде претседател на ДИК.
Во меѓувреме, претседателот Ѓорге Иванов ќе се најде пред нова одлука дали да го потпише указот на Законот за ратификација на договорот со Грција. Овој Закон е засега единствена точка на дневен ред на собраниската седница што спикерот Талат Џафери ја закажа за в четврток. Сега се повторно на потег пратениците кои треба да обезбедат минимум 61 глас за да ја потврдат ратификацијата на договорот, по што претседателот е обврзан со Уставот да стави потпис.
Собранието на Македонија го ратификуваше договорот за решавање на спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и во отсуство на опозицијата, која најави дека нема да присуствува ниту на второто гласање за оваа регулатива. Истиот ден, спикерот Џафери го потпиша Законот за ратификација на договорот и го испрати во кабинетот на Иванов кој, пак, минатата недела, како што и најави, го врати законот во предвидениот рок без да го потпише указот. Според Иванов, договорот со Грција е противуставен и спротивен на резолуциите на ОН.
Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците. Џафери најави дека, ако Иванов не се премисли, тој ќе го испрати законот по прегласувањето во „Службен весник“ со еден потпис. Првиот парламентарец планира да го направи истото и со Законот за употреба на јазиците. Александра М. Митевска