Роденденот на Нимиц стана роденден на договорот за името


Кога пред близу две децении, како специјален претставник на генералниот секретар на Обединетите нации го презеде медијаторството меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, веројатно, не очекувал дека речиси до крајот на осмата деценија на неговиот живот ќе траат напорите за надминување на спорот за името и дека дури тогаш ќе може да замине во дипломатска пензија во вистинска смисла на зборот.
Нимиц штотуку навлезе во седмата деценија од животот, кога во декември 1999 година стана специјален претставник на ОН во преговорите за спорот за името. Претходно, како заменик на тогашниот медијатор Сајрус Венс, Нимиц сведочеше на потпишувањето на Времената спогодба меѓу Македонија и Грција – во Њујорк во 1995 година.

Медијаторот на светската организација вчера наполни 79 години. Но, место роденденска прослава, тој во Преспа го славеше потпишувањето на договорот што го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
„На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата на потпишување на договорот.

Претходно, додека грчките владини претставници чекаа во Псарадес (Нивици) да пристигне македонската делегација од другата страна на Преспанското Езеро, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас му ја запеа на Нимиц роденденската песна, а му се придружија и другите присутни, меѓу кои и високите претставници на Европската комисија – Федерика Могерини и Јоханес Хан.
„Да се најде решение за овој проблем бара мудро лидерство и стратегиска визија на четворицата лидери од двете земји. Тие покажаа дека ги поседуваат тие важни квалитети. Не можете често да пронајдете истовремено и мудрост, политичка визија и дипломатски вештини, а сите тие квалитети беа присутни и кај овие четворица лидери кои напорно работеа. Тоа е реткост“, посочи Нимиц.

Тој додаде дека верува оти Договорот е во стратегиски интерес на двете земји.

„Ми беше задоволство што бев медијатор и што сега можам да бидат сведок на потпишувањето на овој договор. Ми беше задоволство да соработувам со овие двајца министри, но и со сите претходно на овој долг и тежок процес, разрешувајќи го овој проблем со една спогодба која е правична, чесна и спроведлива. Тоа ќе биде успех не само за односите меѓу двете земји, туку и ќе служи како пример за регионот дека соседите можат да решат проблем ако се заложат за истиот“, изјави Нимиц.

Во последните дваесет години, во периодите кога се интензивираа преговорите за името, Нимиц постојано беше на релација Њујорк – Скопје – Атина. Во изминатите месеци, пак, откако преговорите за името се подигнаа на ниво на шефови на дипломатии, Нимиц беше редовен учесник и на разговорите што се водеа низ европските метрополи, како Виена или Брисел.

Иако неговата кариера како правник и дипломат е богата и разновидна, почнувајќи уште од средината на шеесеттите години на минатиот век, посредништвото во спорот за името, всушност, го обележа професионалниот пат на Нимиц. „Благодарение“ на често непомирливите разлики меѓу Македонија и Грција, како и честите кризи во нивните односи и затишја во преговорите, Нимиц ќе остане запишан во хрониките на ОН како најдолгогодишен специјален претставник на генералниот секретар досега за решавање на кој било спор или проблем под покровителство на светската организација. А, ОН имаат барем петнаесетина специјални претставници за разни проблематики и спорови низ целиот свет.

За време на мандатот на Нимиц како специјален пратеник се сменија тројца генерални секретари на ОН, почнувајќи од Кофи Анан и Бан Ки-мун, до актуелниот Антонио Гутереш, во чија биографија ќе влезе дека долгогодишниот спор Скопје – Атина е решен во негово време. Посредништвото на Нимиц ги „преживеа“ и сите влади во Грција од 1999 година досега, како и сите досегашни премиери во Македонија (седум), со исклучок на првиот – Никола Кљусев. Дузина предлози за ново име на Македонија и неколку формули (како двојната и ерга омнес) за решавање на спорот се разгледуваа во присуство на Нимиц во изминатите две децении. Ниту едно од овие предлог-решенија не се покажа успешно се до последното „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба, но со зачувување на придавката „македонски“ во однос на јазикот и идентитетот. Тоа решение го постигнаа двајцата премиери од левичарска политичка провениенција – Заев и Ципрас, кои Нимиц вчера ги нарече лидери со визија за иднината.
Александра М. Митевска