Реформите во образованието ќе причекаат


Некои од директорите на основните училишта коишто ги контактираше „Независен весник“ велат дека уште не добиле никакво известување од Министерството за образование и наука дали првачињата од учебната 2018/2019 година ќе учат по нова или стара програма. Тие нагласуваат дека сѐ додека не добијат известување, ќе се учи според меѓународната програма „Кембриџ“, по која се едуцираа претходните генерации.

Директори посочуваат и на дел од проблемите со кои се соочуваат.

„Имаме по 34 деца во паралелка, а во предлог-измените на Законот за основно образование стои дека треба во едно одделение да има 20 ученици. Тоа не е возможно“, вели директор на едно скопско основно училиште.

Ако се намали бројот на ученици во одделение, се отвора и потребата од повеќе училници, ама и вработување на нов наставен кадар, за што треба да се добијат согласности од Министерството за финансии.

„Имаме недостаток од просторни услови, ама и потреба од уште наставници“, вели директор на друго скопско училиште.

Министерот за образование и наука, Арбр Адеми, неодамна изјави дека откако ќе биде усвоен новиот закон за основно образование, а за кој се подготвува втора верзија, ќе следуваат реформи. За да се спроведат реформи, потребни се пари за новите наставни планови и програми, новите учебници и прирачници, а за сето тоа од Министерството разговарале со домашни и странски експерти. Министерот подвлече дека добил забелешки за најавените новини во програмите и плановите и од Бирото за развој на образованието, а и писмено и усно бил известен од имплементаторот за финансиските импликации. Тој верува дека реформите ќе бидат квалитетни и дека нема да создадат нови проблеми.

„За пилот-проектот во основното образование ќе донесеме одлука кога ќе бидеме сигурни дека една реформа ќе функционира и ќе биде продуктивна за нашите деца. Се работи за нашите деца и во некои чекори не треба да избрзуваме“, рече Адеми на прес- конференција пред неколку дена.

Засега она што е извесно е дека ветените образовни реформи ќе почекаат најверојатно до следната година. Поранешната министерка Рената Треневска-Дескоска најави низа новини, ама следуваше промена во ресорот. Дали можеби тоа создаде извесен застој? Во дел од плановите за образовните програми, за чија подготовка Министерството ангажираше тим професори, беше предвидено наставниот час за првоодделенците да трае 55 минути, во кој ќе биде пресметан и одмор од 15 минути, кој би следувал по проценка од наставникот, кога учениците ќе почнат да губат концентрација. Учениците не треба да имаат повеќе од четири часови дневно, а домашните работи треба да се заменат со вежби на час, под контрола на наставникот. Промените на содржините се однесуваат на делот на интеграција на досегашните предмети. Предметите „Природни науки“ и „Општество“ би требало да се интегрираат во еден „Светот околу нас“, предметите „Ликовно образование“ и „Музичко образование“ во „Уметност“, а би требало да се воведе и предметот „Физичко и здравствено образование“. Најавена беше и редуцирана примена на тестови на знаења,  повеќе да се оди на непосредна проверка од страна на наставниците, со цел да се види како размислуваат и заклучуваат децата и како кај учениците се развиваат јазичните компетенции, а беше најавено и редуцирање на бројот на учениците.

Уште кога беа презентирани новините на почетокот на годинава, надлежните рекоа дека подготвениот материјал ќе оди на јавна дебата и неговото прифаќање ќе зависи од таа дебата. Ако не, ќе се примени како пилот-проект во неколку училишта, ама и од тоа нема ништо.

Рокот кога требаше да аплицираат училиштата што се заинтересирани да бидат дел од пилот-проектот, а со тоа првачињата да учат по нови наставни планови и програми, завршил пред повеќе од еден месец, брифираа за „Независен весник“ од Министерството за образование и наука. Тоа вклучуваше и обука за оние наставници што предаваат во училиштата во кои беше предвидено да се предава по нови програми, но и тоа се изјалови. Што ќе содржи втората верзија која се подготвува во Министерството како предлог-закон за основно образование, засега не се знае. Извесно е дека ќе има новини. Во првата стоеше дека учениците од прво до трето ќе имаат најмногу до 20 наставни часа неделно, а учениците од четврто до шесто најмногу до 25 наставни часа неделно.

„Измените за  учениците од седмо до деветто предвидуваат најмногу до 30 наставни часа неделно, а паралелно со тоа се намалува и неделниот фонд на наставни часови за одделенските наставници и тоа од 18 до 23 наставни часови“, објасни Рената Треневска-Дескоска  пред три месеци кога ги најави измените.

За предметните наставници, кои немаат доволно часови, стоеше можноста да бидат ангажирани на одржување на интегрираната база на податоци, на веб-страницата, е-дневникот на училиштето,  за што беше планирано да добиваат 3, 6 или 8 часа во фондот на часови, во зависност од бројот на ученици. За децата, пак, со посебни образовни потреби беше посочено да се формираат мобилни служби составени од стручни лица, психолог, специјален едукатор – дефектолог, логопед, социјален работник, педагог, а исто така се предвидува училиштето да обезбеди и личен асистент на ученикот со посебни образовни потреби, при што асистентите ќе добиваат надомест за својот ангажман.

Вероника Мароска-Леова