Ратификација: Во САД најтешко, во Холандија и Германија најдолго


Откако министрите на земјите членки ставија потпис на Протоколот за прием на Македонија во НАТО, од полноправно членство нè дели само ратификацијата. Веќе денес се очекува Грција да стави „печат“ на овој документ со гласање во парламентот, и да биде не само првата земја што ќе го ратификува туку и да го направи тоа во историски рекорден рок – бидејќи досега ниту еден прием не бил ратификуван практично за два дена.

Покрај тоа, „Еурактив“по вторпат излезе со информација дека ратификацијата на Протоколот за прием на Македонија ќе се забрза, дека земјите членки добиле таква препорака и дека намерата е нашата земја да го „фати“ самитот на НАТО во декември оваа година во Лондон. Иако некому тоа ќе му изгледа како рок помалку или повеќе во рамките на другите ратификации, факт е дека тоа што некогаш требало да помине во, на пример 21 земја, сега треба да помине во 29, со што автоматски се комплицира процесот.

Истражувањата направени во Црна Гора пред приемот покажале дека ратификацијата е најтешка во Луксембург, Хрватска и во САД, бидејќи само во овие три земји за да пројде таа – треба да се обезбеди двотретинско мнозинство. Притоа, во 27 од 29 земји членки ратификацијата се прави во парламент, а само во Канада за тоа решава владата, додека во Велика Британија потпис става шефот на дипломатијата, а Протоколот само оди на разгледување во парламентите 21 ден. Анализата на претходните проширувања покажува дека процедурата за ратификација е најдолга во Холандија, а по неа е Германија, при што по големото проширување со седум нови земји во 2004 година таа одзела рекордни 275 дена во Холандија и 160 дена во Германија. И тоа под услов да се стави брзо на дневен ред, при што во просек во претходните проширувања во Холандија траела 200 дена, а во Германија 103. Како илустрација, Чешка, Унгарија и Полска станале земји членки 15 месеци по потпишувањето на Протоколот за прием, седумте (Естонија, Бугарија, Литванија, Латвија, Романија, Словачка и Словенија) станале членки за 16 месеци, Албанија и Хрватска за една година, а точно толку ѝ требаше и на Црна гора да го помине патот од потпишувањето до активното членство.

Различни практики има и во начинот како се спроведува ратификацијата, со закон или само со резолуција, од еден или од два дома на парламентите (во САД ратификацијата се гласа, на пример, само во Сенатот), при што во 21 земја таа се изгласува преку наједноставна процедура – со просто мнозинство. Практично, освен Албанија, Естонија и Словачка, сите други земји ќе го поминат процесот само со глас повеќе.

Она што е најбитно е дека вообичаено земјите со политичка и демократска традиција, дури и кога имаат промена на владите, ги почитуваат меѓународните договори што ги потпишале, па кога веќе ставија потпис на документот, ќе биде преседан ако не го ратификуваат приемот. Но, ако членството на некој начин ни е загарантирано од земјите членки, крајниот збор го има Македонија која по сите ратификации треба да каже дали сè уште сака да биде членка на Алијансата, односно на крајот може да се премисли и самата да си го загрози приемот во Алијансата, пред сè доколку во меѓувреме дојде на власт анти-НАТО гарнитура. Од тој аспект важно е, исто така, како овој процес добива поддршка во јавноста на идните земји членки. Па, така, анализите покажуваат дека од сите 14 земји кои станаа членки на НАТО за време на последните пет проширувања, само две ја потврдиле желбата да влезат во Алијансата со референдум, а сите други го изгласале тоа во парламент. Станува збор за Унгарија, каде што за влез во НАТО гласале дури 85,3 отсто од излезените граѓани, и Словенија каде што поддршката за влез изнесувала 66,2 отсто. (Н.В.)