Пуштен во употреба новиот капитален објект на ФФМ


Во присуство на претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и потпретседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев денеска на Свечена церемонија е пуштен во употреба новиот капитален објект на Фудбалската федерација на Македонија – сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ и младите национални селекции.

– Ако ве дефинираат по делата, а не по зборовите тоа значи дека сте успеале. Денеска е голем ден за македонскиот фудбал. Кога пред три години ФФМ влезе во новата програма за развој на УЕФА јасно ги претставивме нашите идеали за развој на младинскиот фудбал. Најмногу внимание посветивме на Академијата – таа да биде школа за иднината со цел да ги подготвиме нашите млади фудбалери, истакна Ѓорѓиоски.

Првиот човек на УЕФА, Чеферин е задоволен од работата на ФФМ и придонесот за развивање на фудбалот низ целата држава.

– Помогнавме за обновување на многу стадиони во Македонија и ќе продолжиме со поддршката. Посебна е важна поддршката за младинскиот фудбал, а во таа насока е и денешното отворање на сместувачките капацитети за Академијата, рече Чеферин

Тој се осврна на успесите кои ги постигнуваат младите селекции, посебно учеството на ЕП за играчи до 21 година и порача дека чека и сениорската селекција да ја види на едно големо натпреварување.

– Условите се тука, веќе нема оправдувања. Македонија преку Лигата на нации има шанси да постигне многу. Ова е многу добра шанса. Тоа му го кажав и на претседателот Ѓорѓиоски, дополни предводникот на Европската фудбалска федерација.

Потпретседателот на Владата Кочо Анѓушев им посака многу успеси на младите фудбалери и им порача со многу работа да стигнат до врвот.

– Во името на Владата на Македонија се заблагодарувам на УЕФА што помогна да се направи ваков објект кој нуди идеални услови за овие деца. Се согласувам со Чеферин дека откако се создадени услови веќе нема простор за лоши резултати. На младите фудбалери им посакувам многу убави моменти во овие прекрасни простории и среќа и успех во кариерата.

Меѓу присутните беше и техничкиот директор на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Марко ван Бастен кој ги посети најмладите од Академијата и им посака успешна кариера.