Путин доаѓа во Белград со тенкови и ракети


По четврти пат во последните петнаесетина години, рускиот претседател Владимир Путин доаѓа во официјална посета на Србија. На 1 ноември ќе присуствува на големата воена парада во Белград по повод 100-годишнината од завршувањето на Првата светска војна. Притоа, како што наведуваат српските весници, ќе донесе по триесет современи тенкови Т-72 и модернизирани борбени возила што ќе бидат подарок за српската армија, но уште поважно, моќниот ракетен систем „панцир“, кој по „багателна“ цена ќе ѝ биде продаден на владата во Белград. Станува збор за систем за одбрана од авиони и крстаречки ракети, поседува 12 противавионски проектили и два автоматски топа, може да нападне четири цели истовремено, а метите ги гаѓа на далечина од 1,2 до 20 километри.

Ќе бидеме единствена земја во регионот што поседува толку моќно оружје“, рече српскиот воен аналитичар Мирослав Лазански.

Иако главна тема на разговор, според најавите, ќе биде дијалогот меѓу Белград и Приштина, меѓу редови може да се прочита дека доаѓањето на Путин на Балканот е реакција на американското вооружување на Хрватска, како и на предвидувањата дека в година Македонија ќе стане 30 земја членка на НАТО. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласува оти евентуалното членство во Алијансата е суверена одлука на нашата земја, а тие ги ценат и сакаат да ги одржат добрите односи со Македонија.

Но, што се однесува на приближувањето на НАТО и неговата инфраструктура кон нашите граници, познат е ставот на Москва за тој процес и во тој поглед не е ништо променето“, рече Песков.

Пред три месеци, македонската и руската дипломатија имаа недоразбирања што резултираа со протерување на еден вработен во руската амбасада во Скопје, кој ги пречекорил своите овластувања. Скандалот избувна по солидаризирањето на Македонија со Велика Британија во врска со случајот Скрипаљ. И рускиот амбасадор рече дека нема ништо против зачленувањето на Македонија во НАТО, но истакна дека треба да се знае оти при каков било судир меѓу Русија и Алијансата, и нашата земја станува легитимна цел на Москва.

И покрај сѐ, не мислам дека Русија сака преку Србија да ѝ испрати порака на НАТО алијансата, а непосредно и на Македонија. Србија не е некоја точка што може да влијае не безбедноста, а Русија кога сака да испрати порака го прави тоа во своето соседство“, вели генералот Благоја Марковски.

Тој потенцира дека, имајќи ги предвид аспирациите на Србија за членство во Европската Унија, но и искажаната неутралност кон приближување до НАТО, Русија ја користи шансата да ги зајакне позициите на Балканот.

Објективно, треба да се каже дека на Балканот не постојат аспирации за агресија на и кон која било соседска земја. Што се однесува конкретно на безбедноста на Србија, оваа опрема и средства што ги добива и купува од Руската Федерација, повеќе се за психолошки ефект кон сопственото население отколку реална потреба за одбрана на земјата од кој било вид агресија. Во таа смисла, можеби е подобро за Србија повеќе внимание да посвети на личното вооружување на војниците отколку на опремување со вакви стратегиски средства“, порачува Марковски.

Генералот смета дека вооружувањето на Србија може да биде само престиж во опремувањето на армијата, но тоа не би требало да претставува сериозна закана за кој било од соседите, без оглед дали се или не се дел од НАТО.

Едноставно, такви се во моментов политичките и воените состојби, а верувам ќе останат да се развиваат во таа насока и во наредниот период, така што не гледам никаква закана. Ова го мислам дури и за Косово бидејќи јасно им е на сите дека тоа е неповратлив процес, па двете страни мора да го разрешат тој јазол за да може непречено да се развиваат“, анализира генералот Марковски.

Од 2001 година досега, Путин дури четири пати дојде во посета на Белград. Само во изминатите 12 месеци имаше три средби со својот српски колега, Александар Вучиќ, кој заедно со лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, беа единствените политичари од Балканот што беа поканети да присуствуваат на неговата инаугурација во Москва. Интересно, и двајцата ја одбија можноста: Додик имал куќна слава, а Вучиќ имал договорена посета кај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, па во Москва дојде со ден-два задоцнување.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека, и покрај предупредувањата на Москва дека со зачленувањето на Македонија во НАТО се загрозува безбедноста на регионот, Руската Федерација е и останува наш голем пријател.

Економската, културната соработка, во областа на земјоделството, е на високо ниво, очекуваме и да се развива. Евроатлантската иднина на Македонија нема да ја наруши таа соработка, напротив, Русија ќе добие во Македонија посилен, постабилен партнер на полињата каде што се допираат интересите на граѓаните на двете земји. Убеден сум дека постои свест дека светскиот мир е светски интерес, а за тоа се потребни стабилни и безбедни држави кои се развиваат по патот што го одбрале. Над 75 проценти од граѓаните на Македонија се за членство на нашата држава во ЕУ и НАТО, тоа е наше право и треба меѓусебно да се почитуваме и поддржуваме. Тоа е демократија“, посочи Заев.

Горан Адамовски

Фото: Танјуг илустрација