Пролет


ЛЕЈЛА САБИТ

Пролетта и карантинот не зближуваат како семејство, сфаќате кој ви е пријател, а кој познаник, обичаите и празниците пак ги славиме како свети работи

 

Зошто ја сакаме пролетта?

Зашто доаѓа полека, на прсти, нечујно.

Како срамежлива дама која уште не сака да ги покаже убавите нозе.

Како мало дете кое уште не го пуштаат да се игра на улица.

Како магуп кој ги брои деновите за да се пофали со новите очила за сонце и кожената јакна.

Не потсетува дека се што е слатко кратко трае, дека треба да ги засукаме ракавите за да не огрее сонце, или ако треба да не фати дожд за да сфатиме што ни е најважно, а тоа е здравјето, благосостојбата и солидарноста.

Пролетта во карантин не става пред нови животни, професионални и здравствени предизвици, искушенија, надежи и очекувања.

Се затоплува времето, се затоплуваат односите меѓу луѓето.

Се буди природата, се буди свеста кај луѓето.

Животот не е црно-бел, туку полн со нијанси како пролетната гардероба, растителниот свет и домашната трпеза.

Прозорците во вашите дом и канцеларија се секогаш отворени во пролет, а и вашите тело и душа кои во зима се туткаа под мек јорган, со чај пред камин –се желни за прошетки на воздух и враќање на здравата и полесна исхрана.

Пролетта како со магично стапче депресивните ги прави среќни, мрзливите, енергични, болните, здрави, песимистите-оптимисти, молчаливите-зборлести, а гурманлукот се заменува со пост.

Пролетта и карантинот не зближуваат како семејство, сфаќате кој ви е пријател, а кој познаник, обичаите и празниците пак ги славиме како свети работи.

Чукни во дрво, чукни три пати.

Пролет е, живи сме.

Што повеќе ни треба?