Премиера во ТДМ: „Сонот на Вилијам“ според преводи на Ѓузел, Михајловски и Сталев


Премиерна изведба на претставата „Сонот на Вилијам“ во режија на Кренаре Невзати – Кери во среда во Театарот за деца и младинци. Текстот е според делата на Вилијам Шекспир, а преведени од Богомил Ѓузел, драги Михајловски и Георги Сталев на делата „Сон на летна ноќ“; „Ромео и Јулија“; „Магбет“ и „Хамлет“.

Адаптацијата на драмите, кореографијата како и сценографијата и изборот на музика ги потпишува исто така Кренаре Невзати – Кери. Користењето музика од времето на Шекспир, како и друга класична музика е со цел децата да се запознаат и со прекрасните дела на големите композитори на класичната музика.
„Сонот на Вилијам“ е драмски производ во потрага по старо-новото фантастично пријателство на Шекспир со сите генерации и во секое време-невреме.

Со оглед на фактот дека Шекспировото книжевно дело е безвремено и универзално, разбирливо и блиско до сите луѓе ширум светот, нема дилема дека и децата би знаеле да ги препознаат и да ги почувствуваат најсуптилните емоции и целата магија што ја нудат неговите ликови.
„Потребата од комуникација меѓу Шекспир и децата е неминовност. Соочувањето со него, доаѓа порано или подоцна, но секако е неизбежно. Децата, несвесно, секојдневно се среќаваат со неговите современи живи „човечки реплики“ и животни ситуации, а нивната универзалност само ја потврдува надвременската мисла на Шекспир: „ Да се биде или не, прашање е сега“; „Царство за коњ давам“; „ Красното е гнасно, а гнасното красно.“; Згасни, згасни кандилце“; „В манастир, в манастир бегај“; „О Ромео, о Ромео! Но зошто ти Ромео си?“; „Совеста нѐ прави сите кукавици“; „Бидете силни во делата, како што сте силни во мислите“… Друг мотив за приспособување на неговата единствена книжевна оставина на перцепцијата на децата, е фактот што последно такво претставување на Шекспир во Македонија е направено пред повеќе од 30 години.
Водечката идеја, spiritus movens за претстава „Сонот на Вилијам“: децата да „пораснат“ преку претставата, а возрасните, макар за миг, да се вратат во детството“, се вели во најавата за претставата.

Овој жанр е наречен фантазија и е со цел да апелира не само на мислите и чувствата, туку и на фантазијата, на имагинацијата, на неочекуваните пресврти.
Претставата „Сонот на Вилијам“ е посветена на театарски критичар и театролог, Иван Ивановски кој, меѓу другото, пишувал за деца.

Во претставата играат Бојан Кирковски во улогата на Вилијам како дете, неговата мајка ќе ја игра Катарина Илиевска -Силјановска, а Јулија ја игра Наташа Петровиќ. Во останатите улоги се Симона Спировска, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Бојан Лазаров, Изабела Новотни, Ана Левајковиќ-Бошков, Емра Куртишoва, Винета Дамческа Мојаноска, Марија Ѓорѓијовска.
Костимографијата е на Барбара Цвејиќ-Рив и нејзиниот асистент Александра Младеновиќ. Изработката на костими е на Љубица Велкова, Раде Василев, а изработка на кукли и реквизити е на Кирил Василев и Барбара Цвејиќ-Рив. Декоратери се Бујамин Селими , Јовица Видески и Мирсат Камбери, а за шминката е задолжен Игор Петрески. Видеоанимацијата и фотографијата се на Емил Петро. (И.Н.)