Поправена е пораката на Тито


Поправена е грешката со интерпукциските знаци на пораката на солидарноста на Тито, која неодамна беше повторно поставена на источниот ѕид на Музејот на Град Скопје. Изменетите реченици, со различно поставени точки и запирки, наидоа на реакции во јавноста, која негодуваше и за изменетиот фонт на буквите.

Од Градот Скопје вчера информираа дека веднаш штом забележале е исправена грешката со речениците, па сега пораката е идентична со претходната. Што се однесува до фонтот на буквите, тој нема да се менува, затоа што вака пораката подобро се чита.

„Во процедурата се консултиравме со стручни лица и констатиравме дека фонтот користен во сегашниот натпис се користел и во многу други натписи во периодот на солидарноста. Исто така, доколку ги споредувате фотографиите од стариот натпис и сегашниот, ќе видите дека на сегашниот ѕид има прозорци и просторот е помал во споредба со некогашниот. Уште една причина за менување на фонтот е перцепцијата, бидејќи положбата од каде што сега и тогаш се гледал ѕидот не се исти. Затоа се потрудивме натписот да се направи видлив и да може лесно да се прочита од повеќе позиции“, информираат од Градот Скопје.

Титовата порака за солидарност на фасадата на Музејот на Скопје беше откриена со свеченост со која започна одбележувањето на 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Буквите беа извадени во 2001 година со изговор дека фасадата ќе се реконструира, но никогаш не беа вратени.

„Пораката која долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес и беше препознатлив нераскинлив дел од Музејот и градското јадро, повторно се врати на своето место“, рече градоначалникот Шилегов. (С.Н)