Политичарите веќе нема да се богатат со пари на граѓаните?


Идните членови на Комисијата за спречување на корупцијата ќе имаат увид во банкарските сметки на функционерите и ќе го проверуваат имотот што ќе го пријавуваат во своите анкетни листови. Но, сепак, политичарите и носителите на јавни функции ќе имаат уште некое време да ја средат имотната состојба, со оглед на тоа што веќе половина година не функционира комисијата која треба да открива корупција, а според сегашните најави, новиот состав треба да биде избран кон крајот на октомври.

Новините во Законот за спречување на корупцијата ги објасни министерката за правда Рената Дескоска, а за нив дебатираа и експертите и невалидните организации. Досега функционерите само формално ја пријавуваа имотната состојба, податоците се собираа само преку анкетните листови, а проверката на нивната вистинитост не беше ефикасна.

„Ние не знаеме што се случува со имотите на функционерите, иако тие доставуваат анкетни листови што се објавуваат на веб-страницата на Комисијата. Сега Комисијата треба да има пристап и самата да врши проверки, пристап до сите потребни бази на податоци и да може да доставува барања до сите институции вклучително и до банките, кои ќе ѝ достават информации за банкарските сметки на носителите на функции“, вели поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева.

Според предлог-измените, антикорупционерите ќе ја проверуваат имотната состојба ако некој функционер не поднел анкетен лист и изјава за интересите во рокот што е предвиден, доколку функционерот не дал податоци или дал невистинити или непотполни податоци и во случај кога комисијата постапува по одреден предмет. За проверка на вистинитоста на податоците од анкетниот лист членовите ќе собираат податоци од органи, од правни и од физички лица кои располагаат со потребните податоци. Ако податоците не се совпаѓаат, функционерот што ќе биде фатен во лага треба да достави детални податоци за основата на стекнување имот.

За ова се предвидени и санкции од страна на Управата за јавни приходи, која поведува постапка против лицето што има обврска да поднесе анкетен лист, ако се утврди дека неговиот имот или имотот на член на неговото семејство, во текот на траењето на мандатот, односно вршењето на должноста или траењето на вработувањето, е несразмерно зголемен во однос на редовните примања во вид не плати, дивиденди и други приходи од вршење на дејност или имот.

„Со поведување на постапката Управата за јавни приходи може да поднесе и предлог до надлежниот основен суд за времена мерка за забрана за располагање со имот. Ако во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат или зголемен како резултат на примања што се пријавени и оданочени, односно е стекнат без правна основа, даночната обврска се регулира согласно законот кој го уредува соодветниот вид данок. Доколку се утврди дека имотот е зголемен во големи размери, Управата за јавни приходи поднесува кривична пријава против лицето до надлежното јавно обвинителство“, е наведено во измените на Законот.

Во делот на финансирање на изборните кампањи содржани се рокови според кои во текот на една изборна кампања Антикорупциската комисија ќе мора да се произнесе за евентуални нерегуларности и доколку станува збор за злоупотреба на буџетски средства во изборна кампања. Исто така, Комисијата ќе има кратки рокови за постапување, со цел да не се повторуваат случаи кога имаше отворено постапки пред Комисијата, но тие немаа завршница во текот на изборната кампања, вели Дескоска.

Предвидено е членовите на Антикорупциската комисија да се избираат во транспарентна постапка. Еден од критериумите за избор е лицето што ќе биде избрано за член на Комисијата да не вршело политичка функција во Владата, парламентот, ниту да било донатор на политички партии во последните десет години. Идните членови ќе треба да имаат искуство во откривање или спречување корупција со професионално искуство.

Законот за спречување на корупцијата е обединет со Законот за спречување на судир на интереси и во него се содржани сите препораки на меѓународните институции. Предлогот е ставен на дебата и се очекуваат сугестии од експертите, невладините организации чија област е корупцијата. Веднаш по референдумот, кој треба да се одржи на 30 септември, законот ќе биде ставен во собраниска процедура и на крајот од октомври министерката очекува Македонија конечно да формира Антикорупциска комисија која ќе биде имуна на политички влијанија и ќе ја гони корупцијата меѓу политичката елита.

Фросина Факова – Серафиновиќ