Осудениците бегаат додека ги викнат во затвор


Софискиот медицински центар „Мајчин дом“ му забрани на д-р Николче Дамчевски да ја извршува медицинската дејност, имајќи предвид дека против него постои правосилна одлука за издржување двегодишна затворска казна во Македонија. Пред нашето Министерство за здравство да се обрати до бугарските власти, Дамчевски уредно си ја извршуваше работната задача во главниот град на Бугарија, па дури и важеше за еден од подобрите лекари.

Дамчевски е осуден затоа што во периодот од септември 2015 до април 2016 година, презентирал состојба на лажна бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување. Иако знаел дека оштетената не е бремена, ѝ правел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо-апарат, презентирал лажни ехо-снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.

Но, кога дошол редот да оди во „Идризово“, ја напуштил Македонија. Од Кривичниот суд велат дека тие си ја завршиле работата, биле предвидени мерки за претпазливост и му бил одземен пасошот. Неофицијално се зборува дека границата ја минал со бугарски пасош. Неговата екстрадиција во Македонија е неизвесна.

Примерот на Дамчевски потсетува на бегството на Никола Груевски, кој, иако имаше правосилна одлука да оди две години во затвор поради набавката на луксузниот „мерцедес“, во последен момент ѝ побегна на правдата. Тоа отвора дилеми колку правосудниот систем во земјава навистина функционира или, пак, важи правилото: секој е виновен додека не побегне.

Адвокатот Филип Медарски вели дека главната алатка лежи во Обвинителството кое во која било фаза од судската постапка може да одреди притвор за обвинетото или осуденото лице доколку почувствува опасност од бегство.

„Обвинителството мора да биде поажурно и да внимава. И тука е главниот проблем, а не во законот, кој е прецизен и јасен околу начинот на примена и пракса. Постапката за извршување на санкцијата подразбира и хуманост, да му се остави можност на осуденото лице да ги заврши работите што евентуално ги почнал пред да се упати во затвор“, смета Медарски.

Постоечкиот закон предвидува низа мерки за одложување на одењето во затвор.

По приемот на предметот од повторената пресуда во Апелацискиот суд, согласно АКМИС – електронскиот систем за процесирање предмети, предметот се распределува кај судија за извршување санкции за понатамошно постапување. Осудените имаат рок од три дена да се жалат на правосилноста на одлуката. Потоа, се чека одлуката од судот, а во зависност од неа, постои уште една можност: жалба до Кривичниот совет. Тоа трае со денови, а за тоа време осуденикот може да подготвува и реализира бегство.

„Тоа се инцидентни ситуации, не е правило. Новинарите се сконцентрирани на случајот со Груевски, еве и на овој со докторот, па затоа се создава впечаток оти тоа се случува често. Но на крајот се откриени во странство и екстрадирани“, вели адвокатот Костадин Богданов.

Тој потсетува дека пред неколку години постоеле предлози за воведување слична пракса како во САД, каде што обвинетите се задолжени да присуствуваат на изрекување пресуда на која може да им биде одреден затвор.

„За жал, не се усвои и затоа имаме случаи на злоупотреба на ‘луфтата’ што им се остава на осудениците во периодот од изрекувањето на правосилната пресуда до моментот кога треба да се пријават во затвор. Од друга страна, тоа не може да е толку лошо, затоа што, сепак, осудените треба да се подготват за да одат во затвор, можеби се болни или, на пример, се самохрани родители, па им треба време да средат кој ќе го чува детето“, заклучува Богданов.

Согласно законските можности, правосилно осудените можат да побараат одложување на затворска казна од неколку причини: доколку се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности, се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице, одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода или со друга несреќа… Груевски бараше одложување поради обврските да присуствува на собраниските седници, како и за да пишува книга. Беше одбиен, но додека траеше процедурата за одбивање на неговите барања, тој побегна во Унгарија, каде што доби и азил.

Горан Адамовски