Драган Марковина, историчар: Југославија беше модерна, ова е примитивизам
Зошто никој кај нас не се буни? Затоа што од политиката живеат стотици илјади луѓе, одбрани невладини организации и црквата; Поминаа 70 години од Универзалната декларација за човекови права и сè уште за многу работи од неа не успеавме да се избориме; Огромните пари што ги даваме во БиХ главно одат во црквата и фолклорот наместо да им помогнеме на тие луѓе; Да, Пуповац и малцинствата се тие што ја држат оваа влада. Но нивниот протест против усташите е сепак важен.
Ова се само некои од насловите на историчарот Драган Марковина објавени во последните недели во „Телеграф“, кои сведочат за широчината на неговите интереси и длабочина на размислување во оваа област, која, иако опкружена со војни и судири, уште во културна смисла има една одредница – ЈУ. За формирање и распадот на Југославија, Марковина пишува во неодамна објавената книга „Југославија во Хрватска (1918-2018) – од еуфорија до табуа“.
Што беше еуфоријата и кои се табуата и како се стигна до таму за сто години?
Хрватска, а особено Далмација, во голем страв го дочека крајот на Првата светска војна; од една страна, имаше радост што Австрија е поразена и се отвора нова перспективи, а од друга страна постоеше страв од италијанска окупација. Присуството на сојузничката флота го натера и Јосип Смодлака во хрватскиот Сабор да условува обединување со Србија. Со еуфоријата беше дочекана српската војска и создавањето заедничка држава бидејќи во таа идеја се веруваше многу долго. Поголемиот дел од луѓето веруваа дека ова ќе го спаси далматинскиот брег од италијанските претензии.
Ова беше на почетокот – во меѓувреме се случи неколку истории во овие сто години и денешната Хрватска е митолошки базиранана пресметка со какво било наследство на социјалистичка Југославија, се разбира, и со лошото, а најмногу со она доброто што го остави таа земја; и со модернизмот, и со идејата за братство и единство меѓу луѓето и, конечно, со антифашизмот, иако тој номинално останал во Уставот. Денес е слободно да се зборува за Југославија, во хрватската јавност тоа не е забрането, но многу луѓе се воздржуваат, па темата не се проблематизира и за неа се зборува со половина глас. Терминот Југославија многу ретко се користи, по правило се нарекува „поранешната држава“ и нешто слично. ХДЗ тврдеше „ние не сме ништо од тоа југословенско, ние сме против тоа“.
Темата долго време е табу. Ја објавив книгата „Југославија после сè“ во 2015 година кај еден мал издавач во Белград, „Мостарт“, и само по десет дена во „Половина час култура“ на ХРТ, Слободан Просперов Новак и Бранка Каменски организираа разговор за мојата книга со обвиненија за непријателство, обновување на Југославија и слични глупости, што само го покажува степенот до кој е развиена хистеријата. Еден објективно невлијателен како јас, медиумски присутен, но без влијание, напиша полунаучна, полуесеистичка книга и ја објави кај маргинален издавач, и тоа на ниту еден начин не заслужува третман во ударен термин на телевизијата.
Во книгата „Југославија во Хрватска…“ забележувате дека ниту првата ниту втората Југославија не заживеа затоа што не постоеше демократија. Велите дека за распадот на втората е одговорен Сојузот на комунистите на Југославија, но кои беа кочниците за првата?
Различни се доживувања за тоа што би требало да биде Југославија, без оглед на ентузијазмот со кој се влезе во неа. И покрај стравувањата од италијанските барања, хрватската елита веруваше дека е економски надмоќна над Србија, што и беше, и ќе ја надмине Србија во новата држава, а влеговме со идејата „бевме минорна нација во Хабсбуршката монархија, но мора да ги задржиме сите права што ги имавме и да ги прошириме“.
Србија, веројатно, во основањето на новата држава со соседите влезе со идејата на победникот во војната, но и свесна дека е најмногубројна, чија војска победи… И од почетокот тргна еден чуден процес, во Крфската декларација воопшто не се расправаше дали ќе биде република или монархија, комунистите, кои беа трета сила во парламентот, потоа беа забранети. Единствената интегративна партија, повеќе класна отколку национална, така беше елиминирана… Логично беше дека не може да се оди понатаму, убиството на Радиќ не е поентата на таа држава, иако хрватската прашање е важно, но многу поголема и континуирана беше репресијата спрема комунистите – Радиќ, Мачек и ХСС едно време се бунеа против системот, но потоа станаа дел од него. Комунистите беа прогонувани.
Го споменавте Јосип Смодлака – тој, како што пишувате, бил подготвен директно да ја спои Далмација со новата држава?
Тоа е точно и логично – Хрватска и Далмација во основа беа два ентитета, физичката одвоеност со Велебит беше голема пречка во комуникацијата, како што тоа беа високите планини меѓу Србија и Црна Гора. Далмација со векови беше порта за Херцеговина и Босна, мост со италијанскиот брег, увозно-извозно пристаниште и логично дека тука се создаде наследство поинакво отколку во Хрватска, која дури најпосле се приклучи на југословенската идеја. Југословенската традиција во Хрватска беше државотворна и заснована на тежнеењето за сопствена држава, а Далмација беше повеќе емотивна. Тогаш е логично што Смодлака, соочен со сојузничките бродови, изјави во Саборот: „Ако не сакате со нас, ние сами ќе одиме во новата држава“.
Драгољуб Јовановиќ напиша дека првата Југославија се распадна бидејќи кралот сакаше една нација, но го призна повеќепартискиот систем и ги предупреди комунистите (во чиј затвор помина девет години), дека втората ќе се распадне бидејќи има повеќе нации, но само една партија.
Националните преродби се случија пред да биде создадена Југославија, а не можете да ја негирате стварноста, но факт е дека еден значаен број луѓе искрено веруваа дека тоа е еден народ и дека може да има заедничка нација, а наметнување на кој било принцип е насилство што не може да заврши добро.
Мислам дека е во право Дејан Јовиќ кога вели дека на втората Југославија, гледајќи ги вистинските проблеми во ова прашање, со идејата за федерација го поттикнуваше националното изјаснување врз темелот на кој настанаа националните држави. Југословенството беше симулирано со изјаснување, но тоа југословенство немаше клуч како нација, па кога СКЈ се распадна кога умре Тито, многу малку остана нешто интегративно.
Како заклучок од вашата книга следува дека и првата и втората Југославија имаа поголем напредок, модернизам и цивилизациски придобивки од која било од новосоздадените држави.
Тоа е апсолутна вистина, посебно вреди за втората. Социјалистичка Југославија беше сериозна модерна земја во архитектурата и социјалните прашања, во здравството, во образованието на работничките слоеви, урбанизмот, индустријата. Таа земја имаше еден проблем – демократизацијата на општеството и една партија на власт, и тие беа, повеќе или помалку, сите нејзини важни проблеми. Денешните земји, исто е и кога зборуваме за Хрватска, се втемелени во разградбата на сите овие вредности и антифашистичката традицијата и модернизмот, и урбанистичко планирање, индустријата е целосно уништена, огромен број луѓе се невработени, демографската ситуација е многу полоша отколку што беше порано; бројот на луѓето во Југославија упорно растеше, сега упорно паѓа, луѓето си заминуваат.
Се случува еден по инерција логичен крај на националистичката идеја, нејзин фактички пораз бидејќи не направи ништо од она што го вети; но од друга страна, со појавата на конзервативни движења во текот на последните пет години, откако се пресмета со вредностите на Октомвриската револуција и социјализмот, исто така се обидува да се пресмета со вредностите на Француската револуција, просветителството, секуларната држава, модернизмот како таков. Тоа е сега борбата што се случува во јавната сфера.
Сепак, можеме да кажеме дека кога ќе ги отстраниме сите идеолошки наслаги дека Југославија, особено втората, беше модернизам, а ова сега е антимодернизам. Денес дебатираме дали треба да се укине абортусот, што е добро само затоа што многу жени што гласаат за конзервативците ќе сфатат дека им се одзема правото за кое некој одамна се изборил.
Од каде се толку нови феномени кои може да го носат истото име „повторното раѓање“ на профашистичките, длабоко религиозни идеи во Хрватска. Како се поништи сето она што претходно беше секуларно?
Парадигмата на новата држава е втемелена на синонимот Хрватска=Католичка црква во тој јавен простор и тоа започна во деведесеттите години. Денес низ цела Европа, особено во источниот дел, овие милитантни, клерикални движења се прилично силни. Она што некогаш беше ЦК, Агитпроп, идеолошки комисии, тоа денеска е Католичката црква, тие го даваат главниот правец на идеолошкото читање на општеството, тие влегоа во јавните училишта, на јавна телевизија имаат часови загарантирана програма.
Овие ватикански договори целосно го изложија хрватското општество на клерикализмот, а прашање е дали ќе го имате повеќе или помалку. Факт е дека имаме движења што сакаат да имаат повеќе, иако и ова сега е на многу високо ниво, и тоа е сега борбата што се води.
Кога ќе се погледне во 2018 година и периодот порано, кога беа силни движењата на јужнословенските народи и интелектуалци, заеднички весници, силата што интелектуално ја поттурна таа идеја, на што ви изгледа денеска овој простор?
Постјугословенски простор, всушност, сè уште изгледа како единствен културен простор, тоа е факт што никој не може да го негира, некого може да го нервира, некому ќе му биде драго, но тоа е факт. Југословенскиот културен простор како единствен постоеше и многу пред Југославија, постои и денс, постоеше дури и во деведесеттите години и нему идејата за државотворност многу повеќе му одмогна отколку што му помогна. Соработка е сè поголема, и секој што е навистина талентиран, за чија работа има интерес надвор од неговата држава, регуларно функционира и патува, без разлика дали се тоа театарски и филмски режисери, музичари, писатели, историчари, новинари, нормално функционираат во сите постјугословенски општества, особено во оние со ист јазик, но на Словенците и Македонците им е потешко да зачекорат надвор од границите на своите земји.
Во тие застрашувања со духовите на југословенството важна улога игра и факторот на завидливоста, но она што е важно е дека на тој единствен културен простор не му паѓа на ум создавање или обновување на некаква држава. Тоа не е тема. Само нормално функционирање и животот, ништо друго. (Нови магазин)