Неготино и Демир Капија имаат потреба од згрижувачко семејство


Во Македонија има повеќе згрижувачки семејства кои во одредени ситуации се спремни да згрижат деца на кои од најразлични причини им е потребно згрижување, но во Неготино и Демир Капија, за жал, се уште нема такво семејство. А овде, иако досега ретко, сепак има потреба од згрижувач, пишува МИА.

Директорката на неготинскиот Центар за социјална работа, Виолета Тасева раскажа како едно дете го носеле повеќе од сто километри, за да биде дел од згрижувачко семејство.

– А секогаш настојуваме детето да биде блиску до своите родители, иако тие од некои причини се спречени да се грижат за него. Настојуваме да им овозможиме да го посетат своето дете и да му дадат љубов барем на еден час или еден ден. Но за жал, оддалеченоста си го прави своето. Родителите се сместени во здравствена институција на југ, а детето во згрижувачко семејство на запад од нашата држава. Затоа настојуваме да ја анимираме јавноста за да му помогнеме на секое едно дете кое останало без своето семејство, нагласи Тасева на средбата во рамките на националната кампања, со која се укажува дека на секое дете му треба семејство.

Ништо не влијае подобро на растот и развојот и целокупната благосостојба на децата, од семејното опкружување, нагласи Зорица Ѓорѓиева, психолог во Центарот.

– Во земјава има над 200 деца до 18 години кои се уште се сместени во институции и кои чекаат семејство. Згрижувачките семејства обезбедуваат најдобра алтернатива на грижа во случај кога биолошкото семејство не е во можност да им ја пружи сета грижа и љубов кои му се потребни на детето. Сакаме да се обезбедат доволен број на згрижувачки семејства способни да се грижат за децата на кои им е потребна привремена грижа, за да нема ниту едно дете, во голема институција. Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ ја отпочнаа кампањата на секое дете му треба семејство. Таа има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и среќно семејно опкружување исполнето со љубов. Има за цел да мобилизира поддршка и грижа и до 2020 година да нема ниту едно дете до три години во големи институции, нагласи Ѓорѓиева.

Институцијата не е убаво место за живеење за децата

Елка Тодорова, претставник од Министерството за труд и социјална политика, појасни дека со оваа кампања се сака на децата да им се обезбедат услови на живеење кои се најслични на природната семејна средина. Затоа што без своја вина, со овие деца си поиграла судбината. Станува збор за деца кои од најразлични причини се напуштени, или пак одземени од нивните родители.

– Институцијата не е убаво место за живеење за децата. Таму кај децата нема ведрина, радост, среќа. Затоа ни е потребно секаде да има згрижувачки семејства. И посебно е добро секој град да има свое згрижувачко семејство. Затоа што за децата најубаво е да си останат сместени таму, од каде што потекнуваат. Немаме доволно, во сите делови на Македонија. Седумдесет деца од оние кои во моментов се во институција, се на возраст до три години. Сите истражувања покажуваат дека најлошо е тие на таа возраст да бидат сместени во институција. Тоа е период кој најмногу остава траги во понатамошниот развој, нагласи Тодорова.

А да се биде згрижувач во Македонија, додаде, воопшто не е тежок и комплициран процес. Потребно е да се исполнат определени услови предвидени во законот, во поглед на возраста, образованието, материјалната и станбената положба. Најбитно е да се отвори срцето за овие деца. Во вршењето на оваа функција згрижувачите имаат поддршка од центрите за социјални работи, невладините организации, а тенденција е и развивање на повеќе сервиси и услуги на министерството, со подготовка на новиот закон и нова лепеза на сервиси, која ќе им олесни на згрижувачките семејства. Згрижувачите добиваат соодветен паричен надоместок за извршување на оваа функција.

– Во земјава има позитивни примери за задоволни згрижувачки семејства и среќни и ведри деца, кои израснале во нив. Се надевам дека после оваа кампања дека и овде ќе се отворат вратите и ќе се појават згрижувачи кои за жал сега сеуште ги нема. Со поддршка и на локалната заедница и на сите други ресурси, апелираме да го отвориме овој процес, да заживее и тука. Министерството и Центарот стојат на располагање за сите прашања и дилеми кои постојат околу овој процес, категорична беше Тодорова.

Треба да се направи мрежа на згрижувачи на територијата на целата држава, за децата да продолжат да живеат во познато опкружување и блиску до таму од каде што потекнуваат, заради одржување на блиски врски со своето семејство. Во секоја општина треба да се идентификуваат згрижувачи, кои ќе обезбедат грижа и заштита на децата и одржување на врските со семејството, заедницата и своето културно потекло.

Законот за социјална заштита предвидува форма на згрижување на деца како преодна фаза од излегувањето на детето од биолошкото семејство, до решавањето на неговиот статус.

Потребна е армија на згрижувачи и згрижувачки семејства

Градоначалникот на Неготино, Тони Делков, ја поздрави кампањата чија цел е промовирање на алтернативните форми на грижа за оние на кои тоа им е најпотребно. Тој нагласи дека дава целосна поддршка за овој хуман проект. Делков изрази надеж дека и во Неготино ќе се пријават заинтересирани за да згрижат деца без семејство и да им подарат љубов. Бидејќи, како што потсети, токму тоа е и целта на кампањата, покрај обезбедувањето на нови згрижувачки семејства, паралелно да се подигнува и свеста на јавноста, дека секое дете има право да расте во средина опкружено со неопходна грижа, нега и поддршка, кои им се повеќе од неопходни на децата. Бидејќи престојот во семеен дом и во голема институција е драстично различен.

Претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс информираше дека кампањата има за цел до 2020 година да нема ниту едно дете од раѓање до три години, кое би живеело надвор од семејство. Да нема деца кои ќе живеат во институции. Семејството претставува уставно човеково право на секое дете и всушност семејството за секое дете претставува примарно место и извор на сигурност, безбедност, идентитет, пред се на љубов.

– Кога едно дете е напуштено од своето семејство во раните години од животот, тоа не само што е трогателно за животот, туку има и огромно штетно влијание и врз неговиот понатамошен развој. Децата кои се напуштени и осамени завршуваат во Мајчиниот дом во Битола и лежат таму во креветчињата и чекаат, чекаат, чекаат да бидат земени оттаму. А имајќи ја во предвид структурата на човечките ресурси во таа установа, тие деца на располагање имаат само еден до два часа само да им се посвети во текот на денот внимание. А ние како родители, баби и дедовци, знаеме дека тоа не е доволно. На почетокот тие плачат за да привлечат внимание, но како поминува времето тие престануваат да плачат. А изолацијата низ која поминуваат, е навистина трогателна, имајќи во предвид дека станува збор за мали деца. Многу едноставно, сево ова можеме да го трансформираме во земјата, ако обезбедиме една цела армија на згрижувачи и згрижувачки семејства, но и да го подобриме системот за социјална заштита ширум земјата. Оние родители кои се згрижувачи и згрижувачките семејства, кажуваат дека ваквото искуство навистина ги збогатува. Не само нив како родители, туку и самите деца и целата заедница. Не можеме со зборови да го измериме влијанието кое згрижувачите го имаат врз развојот на овие деца, изјави Перкс.

Кога предизвикот е да се помогне

Подготовката, изборот и поддршката за згрижувачките семејства ја врши надлежниот Центар за социјална работа. Тасева, директор на Центарот во Неготино, рече дека ги следат сите законски акти кои настојуваат оваа форма на згрижување да отпочне да се развива што помасовно и да се отворат многу згрижувачки семејства, кои ќе му подадат рака на едно дете кое останало без семејство од најразлични причини. Таа се осврна на причините поради кои едно дете останало без семејство и било сместено во институција. Тука се здравствените проблеми на родителите, поради кои тие може да се на лекување во институција, на краток или подолг рок. Во одделни случаи во државата, фактор кој влијае врз потребата од згрижувач е запоставеноста, воспитното запуштање, семејното насилство, или евентуалниот престој на родителот во затвор, но и сторено кривично дело или прекршок од страна на детето. Сиромаштијата, на национално ниво, поретко е причина за заминување на некое дете во згрижувачко семејство. Поради смрт на родители се случува исто така да е неопходно згрижување на нивните деца. Но, за жал, понекогаш се случува и тоа да има потреба од згрижувач за дете кое најблиските го напуштиле поради неговата попречност и го оставиле во институција. Низ годините, некои од нив својот живот го минале во институција.

Во моментов, половина од 200 деца во институциите, се со попреченост.

Директорката зборуваше и за критериумите кои треба да се исполнат за да се стане згрижувач, а не се многу тешки. Полнолетство, деловна способност, општа здравствена состојба, материјални и станбени услови, возраст не повеќе од 65 години, неосудуваност и неодземено родителско право, возраста на згрижувачот и детето да има 18 години разлика.

– Само човек да се потруди, да сака, да има желба за тоа, документацијата може да се извади за еден ден. Згрижувачите поминуваат и низ обука, а постојано ја имаат поддршката од центрите за социјална работа, нагласи Тасева.

Во едно згрижувачко семејство може да престојуваат најмногу до пет деца на кои им е неопходна грижа. Доколку згрижените се со попреченост, може да бидат максимум три на број. Беше изразена надеж дека Неготино и Демир Капија ќе добијат барем едно згрижувачко семејство.

На средбата се проговори и за поволностите за згрижувачките семејства, месечниот надоместок за згрижувачот и за згриженото дете и другите права кои следуваат.

Присутни побараа одговор на прашањата во што е разликата помеѓу згрижувањето и посвојувањето и дали може да се помине од згрижување во посвојување, се планира ли зголемување на паричниот надоместок кој го добиваат згрижувачките семејства, дали поединец може да биде згрижувач на дете, како да се надминат проблемите на родителите кои чекаат да посвојат дете и слично.

– Да им се помогне на децата кои доживеале своевидна трагедија во животот и ја изгубиле грижата од страна на своите родители, е предизвик. Тие често се чувствуваат исплашени, збунети, лути, вознемирени, заради тажните чувства кои им тежнеат. Ним им треба време за да научат дека на возрасните, може да им се верува. А светот, може да биде безбедно место за живеење. Згрижувачот ја обезбедува грижата како безбедна и поттикнувачка семејна средина на дете, за кое не може да се грижи неговото биолошко семејство, рече психологот Ѓорѓиева.

Светлана Дарудова