Музика и огномет за масовност на референдумот


Голема прослава организира Владата в сабота вечер за добивањето на поканата за членство во НАТО. Паралелно ќе се прославува во 15 градови низ земјава, со учество на познати естрадни уметници.
„Ве повикувам на 14 јули да прославиме заедно во градовите низ Македонија. Владата подготвува свечености во 15 градови каде што со домашна музика ќе си честитаме затоа што одиме напред. Македонија влегува во НАТО и чекори кон ЕУ“, изјави Заев во своето обраќање до граѓаните од Брисел, пред генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг и официјално да му ја врачи поканата на свечената церемонија.
Како што кон крајот на 2005 година СДСМ и ДУИ (и тогаш како владејачки партии) организираа голема прослава на плоштадот во Скопје, по повод добивањето на кандидатскиот статус во ЕУ, овој пат за поканата во НАТО ќе се слави и низ други градови во земјава. Покрај тоа што поканата значи јасен патоказ за остварување на една од стратешките цели на државата уште од почетоците на независноста, проценките во политички кругови се дека најавената прослава е и во функција на претстојниот референдум. Тогаш, независно од тоа како ќе гласи референдумското прашање, граѓаните практично ќе треба да изберат меѓу промената на уставното име и влезот на земјата во НАТО и во ЕУ под новото име „Република Северна Македонија“. Објаснувањето на придобивките од членството на земјава во евроатлантските структури и неопходноста за таа цел да се спроведе договорот со Грција се очекува да биде главна тема во претстојната референдумска кампања на владејачкиот СДСМ, со оглед на тоа што, според проценките, и кај дел од неговото традиционално гласачко тело постои одредена сензитивност во поглед на промената на името. Од тој аспект, владејачката ДУИ, на пример, е во далеку поповолна ситуација.
„Треба да се подигне моралот кај граѓаните и нивната свест за тоа дека договорот со Грција ги отвора евроатлантските перспективи на државата. Тоа е многу битно со оглед на тоа што успешноста на претстојниот референдум зависи од тоа дали ќе биде постигнат потребниот цензус од најмалку 50 проценти излезност“, коментира за „Независен весник“ висок владин функционер.
Според проценките на нашиот соговорник, доколку ВМРО-ДПМНЕ не оди на организиран бојкот на референдумот, големи се шансите тој да успее, макар и само половина од гласачкото тело на опозицијата да се појави на избирачките места и да гласа спротивно од одговорот што го посакува владејачката гарнитура, а кој ќе зависи од тоа дали прашањето ќе биде афирмативно и негативно. Но, како што вели нашиот соговорник, иако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави учество на референдумот и гласање против договорот со Грција, прашање е до која мера новото партиско раководство може да влијае врз своето гласачко тело. Прашање е и какво е влијанието на стариот партиски естаблишмент, ако се имаат предвид, на пример, последните опструкции во однос на изборот на ДИК, а кои се поврзуваат со барањата на опозицискиот лидер за амнестија – засега само за настаните во парламентот на 27 април минатата година.
Опозицијата нема да се приклучи на прославата по повод добивањето на поканата, иако нејзините пратеници во Комисијата за одбрана и безбедност вчера гласаа за предлогот за донесување собраниска декларација за поддршка на пристапниот процес на Македонија во НАТО. Наспроти тоа, ден по прославата, односно в недела, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе повторно на протестен марш – овој пат во Кавадарци, по минатонеделниот протест во Струмица, а претходно во Битола. Со протестот во Кавадарци почнува т.н. работно лето на ВМРО-ДПМНЕ, кое се очекува исто така да претставува почеток на референдумската кампања на опозицијата.
Не е дозволиво, велат од ВМРО-ДПМНЕ, да се прават прослави за договор за промена за името и за таа цел да се трошат огромни суми пари.
„Во 2008 година беше јасно дека Македонија ги исполни критериумите за НАТО, но доби јасен услов за името. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ не прославуваше. Сега Македонија нема безусловна покана, но државата и официјално станува заложник на капитулантскиот договор на Заев. Поразите не стануваат победи. Исто како што и за договор за промена на името не е дозволиво да се прават прослави и да се трошат огромни суми пари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев верува во успешен референдум, ама кој ќе го спроведе

Додека премиерот Зоран Заев изјавува постојано деновиве дека нема шанси престојниот референдум за името да не успее, во парламентот е заглавен изборот на новиот состав на ДИК која треба да го спроведе плебисцитарното изјаснување.
„Ни под точка разно не размислувам дека нема да успее референдумот. Ќе успее и ќе биде порака дека има народи, нации и мултиетнички општества кои веруваат во својата иднина“, изјави вчера Заев во Брисел.
Само неколку часови претходно во Скопје, министерката за правда Рената Дескоска предупреди дека задоцнетото формирање на ДИК може да предизвика проблеми во организирањето на референдумот.
„Изборот на ДИК не смее да биде ставан во пакет со никакви амнестии, со никакви услови за технички, Пржински или какви било влади, бидејќи ни требаат институции кои функционираат особено во најава на престојниот референдум“, рече Дескоска.
Таа посочи дека секое доцнење со формирање на Комисијата може да значи и недоволна подготвеност новоизбраните членови да ги спроведат сите активности што се неопходни.
Дескоска рече дека таа не е дел од преговарачките тимови на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за изборната регулатива. Поради тоа, како што наведе, не може да каже што бара опозицијата во однос на законот за финансирање на партиите, што е поставен како еден од условите за деблокада на изборот на ДИК, покрај измените во Законот за влада.
Според пратеникот на СДСМ Хари Локвенец, измените во Законот за финансирање на политичките партии и Изборниот законик се целосно усогласени меѓу партиите во работната група која подготвува темелни измени во изборната регулатива. Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на „Пржинската влада“, Локвенец посочи дека тој модел на преодна влада е надминат со надминувањето на политичката криза во земјава.
И покрај ваквите аргументи на владерјачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и вчера остана на ставот дека измените на законите за финансирање на партиите и за влада треба да му претходат на изборот на ДИК, за што, пак, е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.
Артан Груби од ДУИ, пак, вели дека се потребни измени во делот на финансирањето на партиите за тоа да биде главно од буџетот, ама нагласи дека ДИК треба да се избере што поскоро и да не се поврзува со носење други закони.

Александра М. Митевска