Листата на бегалци се шири – Мијалков и Камчев не мрдаат од дома


Додека се шири листата на бегалци по кои е распишана меѓународна потерница, полицијата редовно ги проверува поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, кои се во куќен притвор, осомничени во последниот случај на Специјалното јавно обвинителство, „Империја“. Досега полицајците што отишле во нивните домови, на адресата каде што го издржуваат куќниот притвор, утврдиле дека двајцата ја почитуваат мерката и не излегуваат од дома. Специјалното јавно обвинителство редовно добива известувања од Министерството за внатрешни работи за спроведувањето на мерката и досега сите осомничени, кои околу новогодишните празници беа пуштени дома, се придржуваат на правилата.

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека интензивно работат на истрагата за овој случај за кој остануваат нешто повеќе од три месеци да се поднесе обвинение. Со оглед на тоа дека за кривичните дела за кои се товарат осомничените е предвидена затворска казна од најмалку пет години, притворот може да трае шест месеци и во тој период СЈО треба да собере докази и да го поднесе обвинението. Случајот „Империја“ беше отворен во периодот кога поранешниот премиер Никола Груевски требаше да биде спроведен во затвор. Додека новинарите го чекаа него пред Шутка, во притвор заврши најбогатиот Македонец, Орце Камчев и четворица други негови соработници – Ненад Јосифовиќ, директор на Стопанска банка, Цветан Панделески, сопственик на „Пелистерка“, сопственикот на компанијата „Ексико“, Тодор Мирчевски и сметководителката на фирмите на Камчев, Зорица Арсовска. Сите се осомничени за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.

За Мијалков првично не се бараше притвор и тој беше спроведен во Шутка по бегството на неговиот братучед. По еден месец поминат во затвор, сите осомничени во „Империја“ беа пуштени во куќен притвор на барање на СЈО. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева овој чекор го правдаше со тоа што обвинителите собрале доволно докази. Јанева тогаш изјави дека во следниот период ќе се вршат финансиски анализи и оцениле дека осомничените не можеле да влијаат врз сведоци и да го повторат делото ниту да избегаат. Мијалков како гаранција дека нема да бега понуди 1 милион евра, а Камчев рекордни 14 милиони евра.

Додека Мијалков е во куќен притвор, во бегство е неговиот телохранител Драганчо Стоименов, кој во петокот попладне со пиштол пукаше во свој пријател и избега. Обвинителството го товари Стоименов за обид за убиство. Тој беше верна сенка на Мијалков додека доаѓаше на судските рочишта и го штитеше кога беше на слобода, а потоа ги следеше судските рочишта на својот шеф како јавност. Мијалков од куќен притвор треба да биде спроведен на судење утре, како обвинет за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 2“, а задутре треба да се соочи со свиркачот кој ги откри „бомбите“, Ѓорѓи Лазаревски на судењето за „Тврдина – Таргет“.

Клучните случаи на СЈО сè уште немаат разрешница, а листата на бегалци е сè поголема. Прво бегство што ја разниша довербата во институциите и за кое уште нема одговорност е бегството на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои требаше да ги откријат основните информации за прислушувањето. Двајцата разузнавачи и поранешниот премиер се најпознатите бегалци обвинети во случаите на СЈО. За најголемото судење за крвавиот четврток, од 33 обвинети 15 добија амнестија, а еден е сè уште недостапен за органите на прогонот. Со меѓународна потерница се бара Дејан Давидовски, кој е обвинет дека заедно со Александар Василевски-Нинџа го мобилизирале членството на ВМРО-ДПМНЕ да упадне во Собранието. Последниот избеган е Никола Војминовски, кој беше осуден за нападот на пратеникот од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој беше претепан до бессознание при упадот во Собранието. Војминовски беше осуден на 13 и пол години затвор, но беше во куќен притвор до правосилноста на пресудата поради неговата здравствена состојба. Освен бегствата на обвинети и осудени во звучни судски процеси, во бегство се и осомничени за убиства. Полицијата уште трага по Филип Секуловски, осомничен за убиството на Игор Јанушев, кое се случи во 2017 година во скопската населба Аеродром. На судскиот процес што се води за убиството на навивачот Никола Саздовски не присуствува третиот обвинет Јетон Јужа, кој се товари дека со уште двајца свои пријатели го претепале Саздовски до смрт. И тој се бара со меѓународна потерница.

Со пасоши од други држави избегаа и газдата на „Секјурико“, Австриецот Волфганг Гампер, кој беше осомничен за соизвршителство во местење на 11-милионскиот тендер за одржување на Владата. Со бугарски пасош избега и гинекологот Николче Дамчевски, кој беше осуден дека со месеци лажел пациентка дека е бремена и ѝ давал хормонска терапија.

Фросина Факова-Серафиновиќ