Матс Стафансон: Не го „купувам“ аргументот за патриотизам


Амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стафансон секогаш ги коментира настаните во Македонија без влакно на јазик, па и претходно,кога не беше пожелно тоа да го прават амбасадорите во земјава. Во првото интервју за „Независен весник“ тој не остава дилема дека одговорните за 27 април треба да одговараат за кривично дело и дека политиката што ја води сега власта во Македонија не води во позитивен правец. Најпрво, тој го  честиташе излегувањето на нашиот весник што, како што рече, го чита секој ден и мисли дека е многу добар.„Добро е да се има конкуренција. Македонија имаше многу малку квалитетни дневни весници и вашиот весник е вредно дополнување на нив“, вели Стафансон.

Како ја оценувате “новата ера” во македонската политика? Дали ова што се случува одговори на вашите очекувања или не? Во кој правец според вас оди Македонија?

-Ова што се случува е голема промена во Македонија, голем пресврт.Ветровите дуваат во комплетно различен правец од претходните една, две години. Едноставно, многу е понадежно за земјата сега, нешто што не сме го имале долго време. Ова е златна можност за Македонија, каква што немавме подолг период, конечно да напредува.

Секоја нова влада е нова можност. Што ви дава причина за ваков оптимизам?

-Тешко е да замислиме пониско ниво од она што го видовме последните неколку години тука. Само да споменам некои од случувањата:

Скандалозните настани во 2012 година кога опозицијата и новинарите беа исфрлени од парламентот. Скандалот со илегалното масовно прислушување што беше откриен во 2015 година и беше огромен скандал на европските  скалила.Сите непотребни проблеми при формирањето на новата влада по изборите во декември лани и настаните од 27 април во Парламентот. Ова беше навистина многу, многу ниско ниво на паѓање за земјата.Откако дојде новата влада, имате многу подобрени односи со надворешниот свет, што беше апсолутно неопходно за Македонија да оди напред кон НАТО и ЕУ.Има и радикално подобрување на односите со соседите и комплетно различна клима во односите со Грција. За првпат по многу години има реална надеж дека може да се реши прашањето за името . Исто така, се одржаа заеднички седници на владите на Македонија и на Бугарија, и на владите на Македонија и на Албанија. Се случи првата воопшто официјална посета на македонски премиер на Косово. Така се почнува, со добри односи со соседите, бидејќи ако немате добри односи со нив, нешто не е како што треба.

Што би и препорачале сепак да избегнува  новата влада?

-Би и препорачал едно нешто: да не ги зголемува очекувањата за радикално подобрување на економската состојба, зошто за тоа ќе треба време. Сега меѓу населението се многу големи очекувањата дека промените ќе се случат веднаш. Мој совет на министрите и на премиерот е да не ги прават очекувањата превисоки туку реалистични. Но, работите дефинитивно одат во вистински правец и тоа не е само мој личен заклучок туку и на другите странски набљудувачи.

Го споменавте спорот за името. Знаете нешто повеќе од нас што ве прави оптимист околу решението?

-Немам повеќе заднински информации. Ова е процес што се одвива повеќе од 20 години, но досега всушност немаше вистински преговори меѓу Македонија и Грција. За тие однадвор спорот изгледа чудно и не многу комплицирано,  особено ако го следите од далеку. Но,кога живеете тука сфаќате дека ова се тешки и чувствителни прашања, но сепак решението треба да се најде бидејќи без него нема интеграција во НАТО и пат напред кон ЕУ. Ја слушнав изјавата на министерот Никос Коѕиас дека двете земји треба да направат компромис и да се сретнат  некаде со ставовите,  за да и двете речат дека се победници. Се чини дека има поволна ситуација и во Грција за постигнување решение. Тука нема дирекна улога на други земји и јас не гледам дека се случуваат некакви преговори зад сцена.Гледам дека новата влада, а особено министерот Никола Димитров се многу активни во создавањето на многу подобра заедничка клима, што е позитивно. За првпат сум доста оптимист дека работите можат да се придвижат.

Дали иницијативата на Жан Моне е се уште жива или, како што можеме да  слушнеме, постои нов Берлински процес за ова?

-Не сум сигурен за Берлин, но знам дека неколку земји членки го  олеснуваат  подобрувањето на дијалогот меѓу главните политички партии. Иницијативата Моне потекна од Европскиот парламент  и таа не треба да се гледа како нов Пржински процес. Но, очигледно е дека ќе биде потешко за земјата да се придвижи и да ги постигне целите  ако опозицијата не соработува со Владата. На Македонија, како и на сите други земји, и треба силна и конструктивна опозиција. ВМРО-ДПМНЕ сега е во состојба на очекување на ново лидерсто, откако на локалните избори помина катастрофално. Јас се надевам дека конгресот ќе резултира со нов лидер кој  гледа напред  и со лидерство што ќе соработува со новата влада и со меѓународната заедница.Важно е да има нови лица во партијата кои ќе соработуваат со власта и со ЕУ исто така.

Како ги коментирате секојдневните протести на ВМРО-ДПМНЕ и  тврдењата дека уапсените за настаните од 27 април се жртви на политички прогон и  треба да се амнестираат?

Пред се, не мислам дека ќе добијат многу симпатии од граѓаните со  секојдневните блокирања на улиците.Но, за нас што бевме тука на 27 април, она што го видовме во парламентот беше еден од најлошите напади на демократијата во Европа во последно време. Мене тоа ми изгледаше како пропаднат обид за државен удар, а не како спонтано собирање демонстранти. Едно беа патриотските протести што се одржуваа неколку недели претходно, а друго она што го видовме на 27 април, кога поголема група на добро организирани луѓе, некои со маски а некои  се чини и со оружје, упаднаа во парламентот и ги нападнаа избраните преставници на земјата, само за да го спречат спикерот  да биде избран од уставното мнозинство. Кога тоа се случи Заев веќе докажа со потписи дека има солидна основа од 67 пратеници што го подржуваат. Тие влегоа во парламентот, како што изгледа, со помош на некои членови, ги тепаа, во некои случаи многу жестоко избраните членови на парламентот и речиси убија еден од нив и повредија неколку други.Тоа е далеку, многу далеку од сваќањата за дозволени протести. Тоа беше напад на демократијата и, во било која земја во светот, тоа е криминално дело. Јасно е дека тие што стоеја зад ова сценарио, кои го планираа и кои го извршија треба да се соочат со  одговорност за криминал зошто ова беше директен и брутален напад на демократијата каков што не сме виделе многу долго време. Секако и пратениците не се имуни од одговорност, дотолку повеќе што имунитетот им беше одземен на легален начин. Така што навистина не го купувам тој аргумент. Но, прашањето за амнестијата треба да го решат владата и парламентот во некоја подоцнежна фаза. Не мислам дека претседателот  ќе учествува во нешто слично како тоа што го направи последниот пат, што наиде на силен отпор од меѓународната заедница.

ЕУ ја подготвува новата Стратегија за Западен Балкан. По толку многу стратегии, каков нов квалитет ќе донесе таа?

-Важно е што Западниот Балкан се враќа во фокусот на ЕУ, откако од внатрешни причини, т.е. разни кризи, апетитот за прием на нови членки  беше многу намален. Но, видовме дека откако ЕУ остави вакуум во регионот се појавија многу заинтересирани актери да го пополнат. Исто така, поради драматичните а сега позитивните случувања во Македонија, земјата  повторно влегува во фокусот на Унијата. Бугарија ќе биде претседавач на почетокот на идната година со ЕУ, а таа го стави како свој приоритет проширувањето  кон Западниот Балкан така што овојпат навистина се отвора прозор на можности, колку и да звучи тоа како фраза. Овојпат е навистина тоа.

Ќе има ли во неа датум за прием или нешто конкретно?

-Не знам се уште, но сепак не можеме да ставиме вештачки датум  кога некоја земја ќе влезе во ЕУ бидејќи тоа зависи од преговорите, инаку тие не би имале смисла. Оваа стратегија ќе биде објавена во фебруари, во април ќе биде извештајот за прогресот на земјата, на 17 мај ќе биде самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе го организира Бугарија , а на 28 и 29 јуни ќе се одржи самитот на лидерите. Ова се многу важни датуми за идната евроинтеграција на Македонија. Македонија дотогаш треба да заврши многу реформи и да продолжи со решавање на спорот за името.

Како гледате на настаните меѓу албанските коалициски партнери деновиве, што предизвикуваат криза и застој околу именувањата министри?

Беше неизбежно да се случи вакво нешто. Колку што знам за првпат, барем по подолго време, доминантната македонска политичка партија дели власт со две албански партии меѓу кои има конкуренција, а конкуренцијата е секогаш тешка работа кога не сте научени на неа. Но, не гледам дека некоја од нив ја напушта владата.

Слободанка Јовановска