Косовскиот тим за преговори отпатува за Брисел откако ја посети Тирана
Водачите на косовската државна делегација за преговори со Србија, лидерот на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и вицепремиер Фатмир Лимај и лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД) и градоначалник на Приштина Шпенд Ахмети, последните консултации пред утрешната посета на Брисел ги имале во Тирана, објави „Газета Експрес“.
Како што јави МИА од Приштина, веста во изјава за порталот ја потврди Авни Арифи, политички советник на премиерот Рамуш Харадинај. Арифи, кој е и дел од преговарачкиот тим, додаде дека средбата имала „координирачки карактер“ и дека „во оваа фаза за таа тема можат да зборуваат само копретседателите на делегацијата“, односно Лимај и Ахмети.
Членовите на косовската делегација, која минатиот месец беше изгласана од Собранието на Косово, денеска отпатуваа за Брисел, каде што утре ќе имаат средби со посредниците од Европската унија во преговорите со Србија.
Претставници на делегацијата пред заминувањето за Брисел најавија дека први прашања што ќе ги отворат на средбите ќе бидат нерешените економски проблеми со Србија и судбината на исчезнатите лица од војната во 1998-99 година.