Катиљ-ферман за Груевски среде уставната драма


Додека вчера попладне фокусот на политичката јавност беше насочен кон Собранието, ретко кој го забележа отсуството во парламентарната зграда на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во изминатите денови беше речиси постојано присутен на расправата за предлогот за пристапување кон уставни измени, иако не се јави за дискусија.

Ниту непотврдената информација дека Груевски најавил дека нема да дојде на вчерашната седница не предизвика поголемо внимание во собраниските кулоари – сè додека не стигна веста дека до Кривичниот суд во Скопје е испратена одлуката на скопска Апелација со која на актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ му беше потврдена казната затвор во траење од две години за случајот „Тенк“. Наспроти тоа, неговиот сопартиец и колега во законодавниот дом – Крсто Мукоски, кој лани на 27 април им ги отвори вратите на протестантите да влезат во парламентот, додека Груевски беше во Виена, вчера беше ослободен од домашен притвор. Со тоа се заокружи списокот од петтемина обвинети пратеници за „крвавиот четврток“ кои сега ќе се бранат од слобода.
Катиљ-ферманот, кој за Груевски значи „влезница“ во затвор во скоро време – освен ако не најде законски основ за одложување на казната – како поради болест, семејни причини, неодложни службени обврски…, не го поколеба поранешниот премиер доцна попладнето да се појави во парламентот, додека се чекаше сè уште да почне седницата за уставните измени. Чекањето се покажа неисплатливо, па повторно замина оттаму.

По игра на случајот, дефинитивната одлука за затворска казна го стигна Груевски во време кога владејачкото мнозинство и опозицијата се пребројуваа „за“ и „против“ уставните измени, согласно со договорот со Грција, а не пред референдумот, како што тој прогнозираше на единствената прес-конференција што ја одржа (минатиот месец) откако замина од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Со исклучок на тогашниот негов настап во прес-центарот во Собранието, во изминатиот период Груевски се воздржуваше од коментари за актуелната политичка ситуација, поточно за договорот од Преспа, референдумот, а сега и за процесите чиј епилог треба да биде или промена на Уставот или предвремени избори.

Случајот со набавката на луксузниот „мерцедес“, во вредност од 600 илјади евра – по барање на поранешниот премиер, како што можеше да се заклучи од „бомбите“, е само еден од предметите што против Груевски го води Специјалното јавно обвинителство. За него тоа е и првиот случај за кој доби правосилна пресуда, односно затворска казна, што се очекува да почне да ја издржува наскоро.

Ако се суди според висината на казната, Груевски, како обвинет за незаконско влијание во набавката на луксузниот „мерцедес“, помина подобро од другите обвинети во случајот, кои се товарат за злоупотреба на службената должност и овластување. Со одлуката што Апелација ја испрати вчера до Кривичниот суд, се потврдува и намалената казна од 6,5 на 4,5 години затвор за поранешниот шеф на набавки во МВР Ѓоко Поповски. Повисокиот суд допрва ќе треба да одлучува и по жалба на пресудата што неодамна Кривичниот суд ѝ ја определи на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која доби затворска казна од шест години за случајот „Тенк“, за кој против неа се водеше издвоена постапка, поради ризичната бременост.
Со одлуката на Апелација, пресудите против Груевски и Поповски стануваат правосилни, а со примањето на решението тече рокот до кога поранешниот премиер треба да се јави на издржување на затворската казна. Пресудата, како што објаснуваат од Кривичниот суд, ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката.
Откако пресудата ќе заврши кај судија за извршување санкции, според Законот за извршување санкции, тој е должен најдоцна во рок од осум дена да постапи по одлуката. Датумот до кој Груевски ќе треба да се јави во затвор судијата треба да го определи така што ќе му остави најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт.

Во историјата на македонскиот плурализам, Груевски е првиот премиер што е правосилно осуден на затворска казна за дело што го сторил за време на извршување на премиерската функција. За разлика од Груевски, неговиот претходник на „Илинденска“ – Владо Бучковски заработи затворска казна за случајот „Тенковски делови“ од времето кога беше министер за одбрана.

По деветгодишен стаж како премиер и речиси една и пол деценија неприкосновено претседателствување со ВМРО-ДПМНЕ, аферата со прислушувањето и кривичните прогони што произлегоа од „бомбите“ ја запечатуваат политичката кариера на Груевски. Според проценките, и да се одржат наскоро предвремени парламентарни избори, довчерашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ тешко дека ќе може повторно да се најде на кандидатска листа за пратеник, со оглед на тоа што сега е правосилно осуден и допрва треба да издржува затворска казна.

(А.М.М.)