И народните канцеларии на Иванов го чекаат крајот на мандатот


Четириесетина македонски иселеници од Швајцарија пред неколку дена ја посетиле народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов во центарот на Скопје. Се потпишале и му искажале поддршка зашто не става параф на договорот со Грција за името, како и за Законот за јазици. Токму последните две вета против одлуките на Владата му го зголемија рејтингот кај десно ориентираните граѓани, како и кај незадоволните од политиките на премиерот Зоран Заев и неговиот тим. Поради тоа, се зголемија и посетите во народните канцеларии на Иванов во Скопје, Битола и во Тетово, иако далеку од тоа дека има врвулица од луѓе.

Првата канцеларија беше отворена во Скопје во април 2010 година, односно на крајот од првата година од првиот мандат на Иванов. Следната година се отвори канцеларијата во Тетово, а во 2012 година и во Битола. Се запре на три, иако беа најавени уште неколку други. Тие беа замислени како можност за непосреден контакт со граѓаните, за слушање на нивниот став и мислење, проблеми и решенија. На почетокот, граѓаните беа поентузијастички расположени, редовно навраќаа на популарниот „Рекорд“ во Скопје, па меѓу другото бараа помош од претседателот и за работи што не зависат од него: легализација на градби, комунални проблеми или лични услуги за вработување. Како што минуваа годините и како што се минимизираше неговата улога во политичките збиднувања, така опаѓаше и интересот за посета на канцелариите.

Бројката на посети во текот на еден работен ден во народните канцеларии на претседателот во Скопје, Битола и во Тетово е променлива и зависи од периодот на годината, како и актуелните состојби во државата. По последните политички случувања и изнесените ставови во јавноста на претседателот Иванов во однос на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата со Грција, бележиме зголемен број посети во народните канцеларии, каде што граѓаните му ја изразуваат својата отворена поддршка на претседателот Иванов и на неговата политика во однос на актуелните прашања. Во писмата со поддршка, граѓаните најчесто бараат од претседателот Иванов да остане доследен на своите ставови, да ги брани државните интереси, да го чува Уставот и да не дозволи промена на уставното име“, велат во кабинетот на Иванов.

Канцеларијата во Скопје беше демолирана пред две години при протестите, по донесувањето амнестија за вкупно 56 инволвирани во „бомбите“ на тогашната опозиција. На списокот на Иванов, за кој никогаш не се дозна како бил составен, имајќи предвид дека во тоа време за никој од прозваните не се водеше правна постапка, беа тогашниот премиер и други функционери од врхушката на поранешната власт. По бојадисувањето, палењето негови фотографии и демолирањето, правно беа гонети беа 13 лица, а беше соопштено оти е причинета материјална штета од 200.000 евра. Канцеларијата не работеше точно една година. Во мај 2017 година, повторно беше отворена.

На белите ѕидови висат портрети и фотографии на Иванов направени во различни пригоди. Волонтери што се менуваат на секои три месеци, како и вработени во кабинетот на претседателот секојдневно ја отклучуваат влезната врата во 9 часот, а ја затвораат осум часа подоцна. Има денови кога едвај по некој човек ќе влезе, а сега, по последните настани, десетина посети дневно е просекот. Посетителите можат да поразговараат со вработените, да прашаат што ги интересира, а истото можат да го направат на бел лист хартија. Од нив зависи дали ќе бидат анонимни или ќе се потпишат.

Одделението за претставки и предлози во кабинетот на претседателот со особено внимание ја разгледува секоја претставка и предлог согласно Законот за постапување по претставки и предлози, и доколку утврди дека се покренуваат прашања што се од негова надлежност, постапува по истите, односно се преземаат мерки за нивно решавање, а ако за тоа е надлежен друг орган, истите се доставуваат до надлежниот орган. За преземените мерки се известува подносителот, согласно законски утврдените рокови“, соопштуваат соработниците на претседателот.

Просториите во кои се наоѓаат трите народни канцеларии се во државна сопственост, а со одлука на Владата се отстапени на користење на кабинетот на претседателот, и тоа без надомест. Единствено во Тетово се плаќа месечен надомест, затоа што државата во меѓувреме го продаде објектот и сега е во приватна сопственост.

Народните канцеларии во Скопје, Тетово и во Битола ќе функционираат до истекување на мандатот на претседателот. Посакуваме оваа идеја на претседателот Иванов, за поголема отвореност кон граѓаните, да ја продолжи и идниот претседател“, посочуваат од вилата на Водно.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски