Инсајдер и Азманов – убиство во најава


Ѓорѓи Спасов

Умберто Еко пред неколку години го објави својот роман „Нултиот број”.

Тоа е извонредно добра пародија на сметка на новинарството и неговата злоупотреба.
Во неа еден пропаднат писател е ангажиран да подготвува издание на нов весник кој ќе го има насловот „Утре”.

Но задача на уредникот и тимот околу него е да подготвува нулти броеви со сканалозни приказни кои ќе бидат печатени само во неколку примероци за да им бидат покажани на оние кои би платиле за таквите броеви никогаш да не се појават во јавноста. Ниту еден од подготвените 12 нулти броеви од весникот „Утре” нема да биде печатен во поголем број примероци од оној што е потребен за да им се покаже на оние кои од неговата содржина би биле засегнати. А засегнатите плаќаат за „Утре“ никогаш да не се појави на киосците.

Зад идејата стои медиумски магнат од Италија кој пресметал колкава добивка ќе има лично ако скандалозните приказни од нултите броеви на весникот „Утре” само им ги покажува на тие што треба, иако од самиот почеток ќе подготвува само нулти број од наредното издание.

Умберто маестрално ја раскажува приказната за луѓето во редакцијата кои преку еден вид на пародија на сензациналистичкото новинарство измислуваат теми, настани, конспиративни теории, па и историски фалсификати во кои се вклучени познати личности за секој нареден нулти број од весникот „Утре” кој е само најава за весник што треба да почне да излегува.

Се сетив на овој роман по долгите најави на тв серијалот „Инсајдер” на 1 ТВ, кој треба да почне да се емитува дури од 17. февруари или отприлика по еден месец.

Но, уште сега, секојдневно по неколку пати на таа телевизија, се највува нултиот број на „Инсајдер“ со досиеа за криминал и мафија со конкретни имиња на бизнисмени со надеж веројатно дека тоа ќе ја зголеми гледаноста на емисијата.

Во една од најавите се најавува разоткривање на „градежната мафија“ и пораката завршува со прашањето: „Што се крие зад името Азманов“ – Досие Мафија на квадрат.

Никој не знае што се крие зад тоа име, ама авторите си дозволиле месец дена пред да понудат било каков доказ името на некој граѓанин да го поврзуваат во својата најава со „мафија на квадрат“ во градежниот бизнис.

Бидејќи и од зборот се гине како и од мечот, оваа маркетиншка стратегија личи на „убиство во најава“.

И телевизијата однапред се оградува од тоа дека некој, таквите најави би можел да ги сфати, разбере или толкува како рекет или уцена кон засегнатите и нивниот бизнис.
Тие без да понудат сѐ уште било што, се прогласуваат себе си за бескомпромисни борци против криминалот и праведници.

И не дозволуваат никој да им се заканува, ниту да ги заплаши со преземање мерки за своја заштита од јавна тортура, јавен линч или неосновано оцрнување.

И оттука се поставува прашањето за нивната одговорност.
Кој им дал право на медиумите и на новинарите, без да понудат било каков доказ, цел месец на телевизиите нечие име да поврзуваат со мафија. Месец дена без право да се одбраниш и да се заштитиш од лаги и клевети.

Во светот е познато дека лошиот глас преку медиумите може да уништи нечиј бизнис и да доведе до пропаста на цели семејства па и до самоубиства. Доволно е да се протнат само гласини дека некоја банка нема да може да ги враќа парите на штедачите па сите штедачи во ист ден да си ги побараат парите и таа да пропадне.

И за таквите штети од страна на медиумите во светот се одговара.
Во државите во кои владее правото, казните за такава штета од медиумите се толку големи што може да доведе до нивен банкрот и затворање. И тоа се рамноправни услови на борба.

Јас не го познавам Азманов. И никогаш не сум го сретнал во животот. Не ги оправдувам неговите закани. Ама го разбирам неговиот гнев.

Ако некој медиум има докази нека ги понуди веднаш. А не месец дена однапред да најавува дека ќе докажувал нечија вмешаност во мафијашки зделки и никој не смее да му приговори на моќниот медиум за ваква злоупотреба.

Умберто Еко во својот роман „Нултиот број“ за да го долови апсурдот на ваквото новинарство ја наведува приказната од романот на Џовани Моска под наслов „Сојузот на чесните“.

Во тој роман се раскажува за еден „свет сојуз на угледни луѓе кои требало да се инфилтрираат меѓу нечесните за да ги демаскираат, и во крајна линија преобразат во чесни. Меѓутоа за да успеат да бидат прифатени од нечесните, членовите на сојузот морале да се однесуваат нечесно. Така лека полека Сојузот на чесните се претворил во Сојуз на нечесни.

Не е само познато дали биле лиценцирани како „Инсајдер“ или не.

(ФБ статус на авторот)