За чисти патишта, потребна е прочистена администрација


Ана Павловска-Данева

Ова што „Македонија пат“ не успева навреме да го исчисти снегот од патиштата, секако е последица на немањето заменик-директор. Да имаше претпријатието заменик-директор, сè ќе беше поинаку – пoефикасна работа, суви и безбедни патишта, задоволни граѓани. Единствениот во моментов директор на „Македонија пат“ изјави дека никаде патиштата не се чистат во исто време додека паѓа снегот!? Не знам што точно сакал да каже со изјавава, освен ако не постои некоја научна методологија со која се утврдува точното време кога по падот на последната снегулка треба да отпочне чистењето на наврнатите патишта со снег.
Во Австрија надлежните не слушнале за ваква методологија. Не би ни можеле да ја применат во услови кога десет дена непрекинато паѓа снег. Наспроти тврдењата на нашиот директор, австриските власти пуштиле механизација за чистење снег низ цела држава и тоа токму додека тој паѓа со најсилен интензитет. Две огромни возила паралелно возат по двете ленти на автопатот. Чистат, го фрлаат снегот по страните и истовремено истураат сол. И, функционира ова, патиштата им се чисти и проодни при нападнат снег од неколку метри. Елките, високите борови по планините, натежнале од снегот кој непрестајно паѓа. Тоа е опасност за австриските граѓани и туристите. Можат да се скршат, да паднат и да повредат луѓе или да попречат пат или скијачка патека. Властите и за тоа имаат решение: огромни хеликоптери ниско ги надлетуваат дрвјата создавајќи силно струење на воздухот кое го оддувува снегот од нивните гранки. Сега и дрвјата на австриските планини се чисти, а снегот сè уште паѓа.
Прашањата за (не)можноста да се стигне од еден град во друг во Македонија во зима; обврската да се патува во родниот град (за оние што не живеат веќе во него) за да се добие нов извод на родени; борбата за паркинг на скопските клиники; потребата физички да се поднесуваат документи за упис на македонските универзитети, наспроти можноста истите деца електронски да се запишат на Јејл, Оксфорд и Харвард… се прашања на ефикасност на јавната администрација. Токму ова се проблемите на секојдневното живеење на македонскиот граѓанин. Не високата политика и случувањата во политичките партии. Туку овие „дреболии“ го сочинуваат квалитетот на животот.
Најголемиот апсурд се состои во тоа што правопропорционално со порастот на проблемите предизвикани од неефикасната администрација, расте нејзиниот број, како и бројот на експерти за јавна администрација. Експерт за јавна администрација стана моден тренд во Македонија. Посебен моден правец претставува правењето функционални анализи во кои само се бројат и пребројуваат министерствата, другите органи на државната управа, регулаторите, вработените во нив… и никако да се добројат. Се подготвува и нов закон за функционери (именувани и избрани лица), исто така работен врз некоја од бројните експертски функционални анализи на администрацијата наша напатена и ставена врз грбот на уште понапатените граѓани. И така од анализа во анализа, од закон во закон, од измени во измени, сè си е исто само бројот на експерти и анализи расте. Народов за таквите состојби вели – од шупливо во празно.
Би сакала да предложам нешто поконкретно: за подобрување на ефикасноста на администрацијата, потребни се две работи: ветинг и интероперабилност. Два не многу разбирливи странски термини и два исклучително скапи и болни процеси. Ако се изведат правилно и објективно, токму тие ќе бидат ветерот во крилјата не само на младите, туку и на целото општество да се крене од калта во која сите заедно се прпеламе.
Ветингот значи процес на реевалуација. Процес на преиспитување на професионалните заслуги, на критериумите за вработување, на стекнатиот имот, на напредувањето, на статусот и стажот во администрацијата. Долготрајно, скапо, болно! Но, нема бесплатна и безболна реформа. Функционалната анализа на администрацијата подразбира најпрво утврдување на дејностите кои неопходно (треба да) ги врши администрацијата. Па издвојување на сите правни субјекти што вршат одредена дејност. Детектирање на преклопувањата во нивните надлежности. И на крајот, лоцирање на субјекти (државни органи, се разбира) кои постојат, а немаат дејност (има и такви, за жал). Крајно е укинување на последните и фузионирање на оние кои вршат идентични дејности и надлежности поради што дошло до преклопување.
Ова е организациска реформа на администрацијата. Следната треба да е кадровската. Не треба никаква функционална анализа, треба само „клик“ на компјутер за да се добие податок колкав е бројот на државни службеници кои се вработиле пред десет или петнаесет години и оттогаш, иако ги имаат исполнето законските услови, не мрднале на хиерархиската скала на напредување. Бројот не е мал. Зошто овие луѓе не мрднале од место? Затоа што не биле подобни (за ниту една партија) или затоа што не биле способни! Ако е првото, треба да се унапредат. Ако е второто, треба да се отпуштат. Нешто мора да се преземе. За тоа е потребен ветинг. Колку административци потрошиле огромни (државни и сопствени) пари за најразлични видови обуки, едукации, тренинзи, работилници и сл.? Како се тие валоризирани? Со тоа што некои службеници ќе ги впишат во своите професионални биографии. Некои службеници немаат професионални биографии. Некои и не знаат што е тоа. За да се провери кој одел на „туристички“ обуки, а кој ги посетувал обуките и трошел време за да се надгради себеси и својата работа, кој пак никогаш не бил пратен на обука и покрај законската обврска, потребен е ветинг. На крајот, ветинг е потребен и за да се види кој е вработен и унапреден без исполнување на законските критериуми, кој доаѓа на работа, а кој седи дома. И за целиот процес да биде транспарентен и објективен, тој треба да се изведува под будно око (просто кажано, под контрола) на меѓународната заедница. Во спротивно, ветингот ќе се сведе на свој антипод – процес на целосна партизација на администрацијата.
Интероперабилноста е она што сите влади го промовираат со различни терминологии, со различен пи-ар и со различни тендери и ИТ-компании, но никако да профункционира. Поедноставено, тоа значи дека треба да се обезбедат пари (ЕУ-фондови, странски донатори) за компјутери и софтверски решенија со чија помош документот ќе патува електронски од еден до друг орган, јавните органи така ќе комуницираат меѓу себе без да ја обременуваат странката (граѓанинот) сам(а) да си го прибави документот од еден шалтер и да го носи на друг вртејќи се во круг. Се разбира, тоа подразбира и обучени службеници за користење на овие програми. Уште попросто: кога сакам да оптужам решение на некој инспектор, не сакам Управниот суд да чека месеци Инспекторатот да се смилува да му го испрати предметот, туку да може судот електронски да го преземе целиот предмет директно од регистарот на Инспекторатот за брзо и ефикасно да ми донесе пресуда.
Без возбуда, ве молам. Овој систем постои и функционира во дел од Министерството за транспорт и врски. Зошто да не постои во сите министерства и органи во нивниот состав? И најпросто: кога се пријавуваат кандидати за упис на државните универзитети сè уште мора да донесат уверение за државјанство. Физички. На шалтер на факултетот каде што се запишуваат, додека во меѓувреме електронски можат да аплицираат и да бидат примени на кој било светски универзитет. Па да сте вие на местото на овие млади луѓе, што би избрале?
Значи, да повторам: ветинг и интероперабилност на администрацијата. Експертите да даваат придонес за брза и објективна реализација на овие цели, а политичарите да смогнат волја тоа да го спроведат. Доволно е!