За „Тврдина“ не може да има амнестија


Александра М. Митевска

Актуелната владејачка гарнитура налета на „минско поле“ поставено веројатно во периодот пред избувнувањето на политичката криза во земјава, со оглед на информациите дека уредите за прислушување на телефонската централа во новата зграда на јавното обвинителство датираат од времето на сè уште неприкосновеното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Поточно, од периодот пред опозициските „бомби“ да ја разнишаат до темел „тврдината“ на тогашната власт, како што подоцна беше наречен и случајот што го отвори СЈО за нелегалното прислушување во УБК и за уништувањето на опремата што била користена за таа цел.
Од „Тврдина“ всушност произлегоа уште многу други политички и корупциско-криминални афери што испливаа на површина од снимките од прислушуваните разговори. За нив моментно се водат повеќе процеси во Кривичниот суд во Скопје – втората адреса на која биле поставени уреди за следење на комуникациите, како што беше посочено деновиве.
Можеби по игра на случајот „Таргет – Тврдина“ влезе во Кривичниот суд и во текот на изминатиот викенд, кога се одлучуваше дали ќе му биде укинат притворот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за овој предмет, за потоа да му биде одреден друг притвор за еден од поновите случаи на СЈО – „Империја“. Во тоа време, неколку стотици метри подалеку – во Собранието се пребројуваа гласовите за поддршка на нацрт-амандманите на Уставот. Двотретинското мнозинство што беше сизифовски постигнато за отворање на Уставот сега падна на шеесет и нешто гласови.
Пратениците што на 19 октомври беа експресно исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, во оваа фаза од уставните измени го возвратија ударот за притворањето на Мијалков, кој исто како и тие заработи исписница од опозициската партија. Експресната и вонредна седница на работната група за помирување, која следуваше веднаш по објавата дека независната пратеничка група овој пат ќе гласа „воздржано“, ја врати надежта за „среќна“ завршница на сагата со уставните промени. Затоа што клучната мисија на новоформираното координативно тело е селективна амнестија за настаните во парламентот на 27 април – како своевиден гест на одоброволување на дел од пратениците што, во меѓувреме, го условија процесот на промена на Уставот со „помирување и простување“.
Поразително е сознанието, кое почна да се наѕира уште на 19 октомври, дека опозициските пратеници што го поддржаа понатамошното спроведување на договорот од Преспа не го направиле тоа затоа што веруваат дека тој документ е гаранција за влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ, како единствена перспектива за државата. Туку дека влегле во таа приказна, најверојатно, само да избегнат лична одговорност за својот придонес за „крвавиот четврток“ во законодавниот дом.
Поразителен е и податокот дека владејачката гарнитура, во неможност на регуларен начин да постигне политички консензус за остварување на стратегиските цели на државата, е принудена на политички пазарења. И тоа во форма на амнестија за оние што на 27 април минатата година ги отвораа собраниските порти или чии гласови одекнуваа своевремено во „бомбите“ од „Бихаќска“.
Во ситуација кога главната опозициска партија не покажува конструктивност и флексибилност во однос на клучните политички процеси во земјата што водат кон нејзина евроатлантска интеграција, утеха за владејачката постава може да биде само уверувањето дека мора да се направат извесни отстапки и да се плати одредена политичка цена во име на повисоката цел. Само тие отстапки да не отидат подалеку од 27 април и од црвените линии за кои премиерот Зоран Заев пред извесно време зборуваше дека не смеат да се надминат.
Новите скандали со прислушувањето во Јавното обвинителство и во Кривичниот суд, кои избија среде реформи на безбедносно-разузнавачкиот систем и на правосудството, се предупредување дека политичката цена би била превисока ако некој помисли и на амнестија за „бомбите“. Особено ако се докаже дека станува збор за рецидиви од претходната афера „прислушување“, која ја предизвика политичката криза во државата.