Заев и Ципрас нема да се сретнат во Давос


Историска средба меѓу Заев и Ципрас. Дебелиот мраз се скрши. Вака беше окарактеризирана првата официјална средба „без вратоврски“ меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас лани ова време во завеаното алпско гратче Давос. Таа го постави правецот по кој изминатата година се одвиваа преговорите меѓу Македонија и Грција. Заев на маргините на Светскиот економски форум вети дека Македонија ќе ги преименува аеродромот и автопатот кои го носат името на Александар Велики. Ципрас од своја страна како гест на добра волја истакна дека Грција е подготвена да потпише договор за соработка со Македонија за интеграција во Европската Унија и за зголемување на трговската размена. Тој навидум наивен почеток кулминираше со договорот од Преспа кој деновиве, по еден тежок процес, чека да се дигне последната „рампа“ – ратификацијата во грчкиот парламент.

Од тие причини во Давос, кој неминовно буди асоцијации за решавањето на долгогодишниот спор меѓу двете земји, што на меѓународен план се смета за вонсериски успех, годинава ќе го нема Ципрас.

По неколкудневната скијачка пауза во Германија, пак, утре во Давос патува македонскиот премиер Заев засилен со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектешки. До вчера сè уште не беше прецизирана агендата на македонската делегација и во кои од стотиците планирани сесии би учествувала таа. Она што беше познато е дека во рамки на самитот Заев ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Секоја дури и најкратка средба на полигонот на светската политичка и бизнис-елита, според познавачите, секогаш носи нешто што придонесува за остварување на одредени теми, кои имаат сигурно одредено значење за земјите. Верувањата се дека покрај за економските ќе стане збор и за надворешнополитичките цели – на прво место за европските интеграции.

Македонската делегација, според едни, може да ја претстави Македонија пред потенцијални инвеститори како земја која е пред портите на НАТО, што обезбедува долгорочна сигурност и безбедност на сечиј капитал. Други економисти, пак, сметаат дека Светскиот економски форум е добра платформа за разговори со светските лидери и претставници на најмоќните компании, но дека Македонија не треба премногу да очекува.

„Точно, Заев и Ципрас првпат се сретнаа на маргините на економскиот форум во Давос. Сепак, тој не е наменет за политички средби од тој тип, иако тогаш таа средба на тој начин беше претставена. Тоа, очигледно, беше претходно договорено сценарио. Давос е место каде што се среќаваат важни светски играчи, пред сè најголемите корпоративни лидери. Место каде што треба да ве видат и, ако имате нешто да кажете, да ве слушнат“, вели експертот за бизнис-право и даноци Горан Рафајловски.

Таму, според него, не може во детали да се прецизираат решенијата на одредени проблеми, но може да се одредат правците каде ќе се движи светската економија.

„Секој може да ги претстави своите визии, но потребно е да имате економска програма и издржана стратегија. За да имате оправдување, треба нешто да претставите, што реално не е случај со нас. Еве, да речеме, ќе се сретнете со луѓе од енергетскиот сектор. Која би била нашата понуда?! Ние, за жал, со децении се занимаваме со енергетска драма ‘Чегрен’ и ‘Галиште’ која станува навистина здодевна за целокупната јавност“, иронизира Рафајловски.

Во зимското одморалиште веќе се собира светската елита во пресрет на денешениот официјален старт, каде што според одредени проценки треба да се соберат повеќе од 3.000 учесници од 115 светски економии. Тема на четиридневниот форум е „Глобализација 4.0: Обликување на глобалната архитектура во доба на четврта индустриска револуција“, која има за цел да укаже на растечката нееднаквост, растот на популизмот и национализмот и надоаѓањето на ерата на автоматизацијата или „четвртата индустриска револуција“.

Годинашниот форум се одржува во услови на флуктуација на пазарот на капиталот, општа неизвесност поради забавување на глобалниот раст, трговски војни, „Брегзит“. За една година од последниот форум, како што нагласуваат светските медиуми, САД и Кина си воведоа заемно тарифи на увоз на стока во висина од 250 милијарди долари и 110 милијарди долари, додека во Вашингтон моментно на сила е финансиската блокада поради политичкиот судир околу финансирањето на спорниот ѕид кон границата со Мексико. Нивото на годинашниот форум донекаде е намалено со откажување на присуството на неколку светски лидери. Претседателот Трамп, кој е против мултилатерални договори, пред три дена ја откажа посетата на Давос, а нешто порано тоа го направи и претседателот на Франција, Емануел Макрон, официјално, како што пишуваат медиумите, поради полниот календар со термини, а неофицијално поради тоа што учеството на состанокот на светската елита би можело да ѝ наштети на неговата веродостојност во започнатиот дијалог со граѓаните.

Кинеската делегација, пак, ќе ја предводи потпретседателот Ванг Чишан, а не претседателот Шји Ѓипинг, а откажано е учеството и на британската премиерка Тереза Меј, која во својата земја се обидува да обезбеди консензус за „Брегзит“. Сепак, меѓу трите илјади учесници ќе има голем број светски лидери. Меѓу десетиците шефови на држави и влади, учеството го потврди и германската канцеларка Ангела Меркел, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и јапонскиот премиер Шинзо Абе. На форумот ќе учествуваат и раководните луѓе од Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Светската трговска организација.

Лани во Давос, каде што за престој обичниот свет може да сонува (мегабогаташите своето присуство, според податоците на Си-ен-ен, го плаќаат со 40.000 долари) многу вистини беа соголени и прв пат јавно беа покренати многу табу-теми. Никогаш порано, се чини, не бил толкав јазот меѓу оние кои партиципираат на конференцијата и реалниот свет на кој припаѓа огромниот дел од популацијата, дури и во западните високо развиени земји. Токму таа нееднаквост и неправедно распореден капитал во светот, каде што осум отсто од најбогатите поседуваат 50 отсто од глобалното богатство, беше една од главните теми, а поединци отворено заговараа потреба од децентрализација на капиталот и моќта како единствен излез од состојбата во кое човештвото се наоѓа.

Светскиот економски форум е основан во 1971 година од германскиот професор по економија Клаус Шваб, а темата на првиот собир беше како да се усвои американскиот начин на управување. Тој во пресрет на собирот рече дека глобализацијата го достигна врвот, но и предизвика раст на нееднаквоста во светот.

Наум Котевски