Дури во 32 труда со 90 отсто препишување


Над 33 илјади документи се внесени во системот за плагијати во изминативе пет години откога беше промовиран софтверот. Најмногу внесени документи, повеќе од 18 илјади, се магистерски трудови, потоа семинарски работи, околу седум ипол илјади, па дипломски и докторски дисертации, околу две илјади. Најмалку внесено има книги, само 249. Во 32 документи има дури 90 отсто препишаност.Тоа преку пример би значело дека студент купил семинарска од колега, го сменил воведот и со неа се обидел да дипломира. Кај 25 документи има 50 отсто повторување на содржината, додека во повеќе од двесте документи има 100 отсто повторување на содржината, за што во повеќето случаи станува збор за двојно поставени документи. Еднаш менторот го поставил документот, потоа од заборавање или мислејќи дека не е прикачен во системот, повторно го внел. Досега никој не се осмелил да прикачи семинарска, плагијат со 100 отсто поистоветување на содржината. Во 70 документи, семинарски, магистерки или докторски, 30 отсто од содржината е иста, меѓутоа тоа не значи дека некој се обидел да направи плагијат, односно  злоупотребил материјал на друг. Постојат примери каде што во содржината на магистерскиот труд е наведено дека е преземен дел од објавено истражување.

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека во согласност со Законот за научноистражувачка дејност, софтверот plagijati.mk е задолжителен за сите магистерски, специјалистички и семинарски трудови кои мора да бидат внесени од страна на менторот, односно професорот. Со ова се формира централна база на податоци на овие трудови, која може потоа да се користи за откривање на плагијати.

„Овој систем е алатка што им помага на менторите од базата на магистерски, специјалистички и семинарски трудови полесно и побргу  да ги најдат документите од кои е преземен некој текст, односно кога се појавува плагијаторство. Откако ќе се изгенерира извештајот од страна на софтверот, менторот треба да го разгледа тој извештај и да одлучи дали тој труд е плагијат или не. Plagijati.mk е алатка која помага во откривање на плагијаторство од огромна база на трудови, но не може  сто отсто да каже дали некој документ е плагијат или не. Тоа е одлука на менторите“, велат од Министерството.

Од Министерството додаваат  дека оваа алка многу бргу ги открива истите или слични трудови, па оттука студентите не можат да предадат трудови што биле  веќе објавени или презентирани од претходните генерации. Мора сами да се потрудат да напишат нешто ново.

„Секоја високообразовна институција има правилник според кој точно се дефинирани критериуми за изработка на трудот и во него е дефинирано како се преземаат цитатите и на кој начин се наведува изворот на преземениот цитат, во спротивно, ќе се смета дека има појава на плагијаторство“, објаснуваат од МОН.

Инаку, со внесување на материјали во софтверот целта е да се намали или да се сведе на минимум преземањето туѓи научни трудови. Тоа се прави преку механизмот за споредба на поставените трудови со постојни трудови и проверка на оригиналноста. Покрај професори, и студентите можат во софтверот да ги внесуваат своите семинарски, дипломски, магистерски и докторски трудови.

Меѓу неправилностите на факултетите за кои објави „Независен весник“, а беа откриени од просветните инспектори, е и онаа дека при извршената контрола годинава на јавен универзитет било констатирано дека кандидат кој добил повисоко звање користел труд, плагијат, од свој колега, а го прикажал пред рецензентската комисија како свој.

„Инспекторите барале од факултетот да се формира комисија од стручни лица која, пак, констатирала дека трудот е плагијат. Врз основа на тој извештај било донесено решение за поништување на неговото напредување. Поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство против сторителот“, обелоденија меѓу другото од Државниот просветен инспекторат.

Деканот на Факултетот за информатички работи и компјутерско инженерство, Иван Чорбев, вели дека во системот за плагијати професорите од установата редовно внесуваат материјали од трудови согласно со законот, ама досега не откриле случај на злоупотреба на труд.

Вероника Мароска-Леова