Допрва ќе се решава за тестирањето на учениците


Надлежните допрва ќе анализираат дали и од кога ќе биде воведено национално тестирање. Ова беше една од препораките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), по анализата на основното и средното образование која утврди дека просечните резултати кај учениците од земјава на меѓународните тестирања стагнираат и дека дури повеќе од 50 отсто од нив во основните и средните училишта не ги развиваат основните компетенции потребни за успешност и напредување во животот. Министерот за образование и наука Арбер Адеми најави дека заедно со Бирото за развој на образованието и со Државниот испитен центар ќе подготват акциски план кој ќе биде претставен пред Владата, а ќе содржи активности што треба да ги преземат институциите за да се исполнат препораките. Од сето тоа ќе зависи дали ќе почне да се применува тестирање во земјава и дали учениците од почетните одделенија ќе имаат помалку часови. Адеми ќе лобира документот со препораките од извештајот да се примени во пракса. Резултатите од тестирањето би се искористиле, како што рече, за подобрување на образовниот систем, без да се создаваат стравови кај учениците и наставниците.

„Иако сè уште размислуваме за национално тестирање, сакаме тоа да биде насочено кон наставниот процес, квалитетот на наставата, наставните програми, квалитетот на наставниот кадар, а резултатите од тестирањето да ги искористиме за подобрување на образовниот систем. За тоа да се направи, потребно е време, не е само да се стави на хартија. Не сакаме да се создадат стравови ниту кај наставниците ниту кај учениците“, додаде Адеми.

Министерството, според Адеми, за 2019 година има 6,1 милијарди денари во буџетот, што е за 7,84 отсто повеќе во однос на претходната. Периодов, како што уверува, ќе се фокусираат на реформирање на основното и на модернизација на средното стручно образование, како и на унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард. За ученички стандард се предвидени 1,1 милијарда денари, а за капитални инвестиции 2,4 милијарди денари, при што средствата ќе бидат наменети за изградба или реконструкција на училишта и спортски сали. Министерството за образование ја разгледуваат и можноста за реконструкција на студентските домови со меѓународна помош. За блок-дотации за основни и средни училишта во општините се наменети 14,4 милијарди денари, што во однос на 2017 година е речиси 1,4 милијарда повеќе. Во септември ќе има ново зголемување за 5 отсто на платите на наставниците во основното и во средното образование, а првпат по повеќе години зголемување од 5 отсто повисока плата ќе добијат и професорите во високото образование. За науката, пак, се планирани 415 милиони денари.

Меѓутоа, во буџетот на Министерството за образование нема пари за набавка на компјутери за училиштата. Од сегашните, две третини се нефункционални бидејќи се стари веќе 10 години. Адеми рече дека имале разговори со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да се направи подобра поврзаност на училиштата со интернет. Дури потоа ќе се знае дали ќе се врши набавка на компјутери.

„Не сакаме да обезбедиме компјутери кои никогаш нема да функционираат. Идејата е добра, да има компјутери при реализацијата на наставата, но искуството покажа дека сме потфрлиле. Сега ни требаат дополнителни консултации со експерти во областа, да видиме која опција би била најдобра“, рече Адеми. Тој, исто така, посочи дека во воспитно-образовниот процес е забрането да се користат мобилни телефони за време на наставата и од страна на учениците и од страна на наставниците бидејќи така се попречува часот. Но, и да се донесат подзаконски акти, министерот не верува дека ќе се почитуваат правилата.

Вероника Мароска-Леова