Димитров не ја коментира поплаката од Катругалoс


 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, не ја коментираше реакцијата на грчкиот алтернативен шеф на дипломатијата, Јоргос Катругалос, кој му се пожалил на генералниот секретар Јенс Столтенберг за изјавата на премиерот Зоран Заев за  јазикот и македонското малцинство. Она што го соопшти официјално министерот е дека разговарале за процесите околу спроведувањето на Преспанскиот договор и за правните чекори што следат натаму, со оценка на крај дека останува цврстата волја и на двете страни договорот да се спроведе.

Катругалос претходно посочи дека  имал  суштинска дискусија со македонскиот министер  и  двајцата се согласиле  дека проблематичните изјави предизвикуваат сомнеж за вистинското значење на Преспанскиот договор и дека треба да се избегнуваат, токму затоа што двете земји инсистираат на верно почитување на духот и писмото на Договорот кој е од бенефит за двете страни. Според него и  двајцата се согласиле дека „она што точно го дефинира статусот на обврските на секоја страна е членот 3 (4), кој не остава никаков простор за интервенција во ниту една од земјите“.Катругалос бараше да се биде „многу, многу внимателен“ да не се создаваат сомнежи и погрешни интерепретации за тоа што го кажува Договорот.

И Столтенберг не сакаше многу да ја коментира грчката забелешка по средбата со Катругалос , најавувајки само дека утре, на состанокот на министрите на НАTО ќе се расправа и за Преспанскиот договор, додавајќи само дека НАТО силно го поздравува прогресот околу него, се надева дека ќе биде целосно имплементиран и дека земјите членки чекаат да и речат добредојде на „БЈРМ како Северна Македонија“.

Она што сепак беше во фокусот на Димитров беше средбата со унгарскиот шеф на дипломатијата од која официјално не произлегоа многу деталји. Неофицијално Сијарто се бранел дека на проблемот со азилот на Никола Груевски гледаат само како на правно прашање и дека за нашето барање за екстрадиција ќе решава тамошниот суд. Но, околу стравот дека Унгарија може да прави пречки на приемот на Македонија во НАТО за да го оправда потегот со азилот Сијарто уверувал дека тоа нема да се случи и дека Будимпешта и натаму ќе ни дава поддршка и за НАТО и за ЕУ.

Димитров сепак истакнал дека случајот со бегството и добивањето азил на поранешниот премиер Груевски е предизвик за билатералните односи меѓу двете земји што во Македонија се третира со голема внимателност и во согласност со  принципите на владеење на правото кон кои Македонија се стреми.

„Ќе ги искористиме сите правни можности за негово соочување со правдата во Македонија“ – тврдел Димитров пред Сијарто .

Министерот Димитров имаше средба и со холандскиот шеф на дипломатијата Стеф Блок, кој му честитал за  завршувањето на втората фаза за уставните измени, а Димитров го информирал за   реформите околу  владеењето на правото за да нема  сомнеж меѓу земјите членки дека Македонија заслужува  преговори со ЕУ. Холандија патем беше една од двете земји која не беше уверена дека на вој план ги исполнувме условите.

Наш известувач од НАТО

Слободанка Јовановска