Дел од студентите не знаат да ги напишат буквите „ѕ“ и „џ“


Забелешките во нацрт-извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и УНИЦЕФ за способноста на учениците се пораз за сите, смета професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во извештајот се наведува дека дури повеќе од 50 отсто од учениците во основните и средните училишта не ги развиваат основните компетенции што им се потребни за успешност и напредување понатаму во животот и дека просечните резултати кај учениците на меѓународните тестирања стагнираат во последнава деценија и се меѓу најниските во регионот. Овој пораз е резултат на тоа што образовниот систем не се заснова на стандарди, нагласува Барбареев. Тој вели дека политиката во изминативе 20 години нема визија за воспитно-образовниот систем и тоа, за жал, не им пречи и има секојдневното потонување во импровизации и волунтаризам.

„Сите многу добро знаеме дека никој не е задоволен од воспитно-образовниот систем, не се задоволни ниту наставниците, ниту родителите, ниту општеството, а најголемиот проблем е што системот создава генерации што не можат да се снајдат во животот. Денес во светот постојат многу примери за тоа што ги прави образовните системи успешни и кои се патиштата за создавање висококвалитетни образовни институции. На овие прашања многу држави веќе одамна имаат добар одговор. Најдобрата вест е дека денес има квалитетно знаење како да се подобри квалитетот во образованието. Најлошата е што политичарите можат да загубат на избори за прашања поврзани со образованието, но не можат да ги добијат изборите за образованието бидејќи резултатите ќе се видат многу подолго од нивното просечно владеење и нивниот поглед од жабјата перспектива“, вели Барбареев.

Причината поради која е толку тешко да почнат суштинските реформи во образовниот систем е во тоа што има еден голем невидлив дел под површината. Овој невидлив дел се интересите, верувањата, мотивите, предрасудите, стереотипите, стравовите на луѓето што се вклучени во образованието вклучувајќи ги и родителите и наставниците.

Сè додека учениците учат само да добијат оценки, а не знаење, ќе постигнуваат слаби резултати, смета професорот Људмил Спасов од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Направен е сериозен пропуст уште од почетните одделенија, кој кај учениците се провлекува понатаму. Дел од студентите што се запишани на факултет, вели тој, не ја знаат азбуката. Потребно е да се привлече вниманието кај учениците да учат и да знаат. Меѓутоа, потребно е и да се мотивираат наставниците, да им се зголеми платата. Резултатите од екстерно тестирање, кое се спроведуваше во земјава шест години, требаше да се искористи во приспособување и подобрување на образовниот систем, но, додава Спасов, наместо тоа сè се сведе на тоа надлежните да кажат само дека тестирањето добро завршило.

„Дел од студентите, кои се запишани на Филолошкиот факултет или на Правниот, насока новинарство, не ја знаат азбуката. Кога треба на табла да напишат реченица, збор или буква, прават грешки. Не знаат да ги напишат буквите што поретко се употребуваат, како ‘ѕ’ и ‘џ’. Ги пишуваат погрешно и одговараат дека тие така си ги пишуваат. Наидуваме на сериозен пропуст кој е направен од почетните одделенија и се провлекува до крај. Учениците треба да се привлечат, вината не ја гледам кај нив, не знаат бидејќи некој не го привлекол нивното внимание. Не дека е лошо што се спроведуваат нови програми туку треба да се приспособат кон оваа култура“, објаснува Спасов.

Според него, на екстерните тестирања се пробиваа тестовите, целта не беше да се научи туку да се положи по секоја цена. „Резултатите требаше да бидат патоказ за тоа како да се насочат образовните политики за да немаме вакви слабости во образованието што се отсликуваат и на меѓународните тестирања. На учениците однапред им беа давани одговорите, некои ги учеа напамет. Сега однадвор ни сугерираат дека учениците не ги развиваат основните компетенции. Потребно е да се обединиме и да направиме нешто подобро, не со заплашување со пониски плати, треба да има нови наставни програми, национално тестирање, ама сето тоа да не создаде стресови“, вели Спасов.

Хана Кичен од ОЕЦД на презентацијата на извештајот рече дека земјава има добри планови на хартија, ама тие треба да се операционализираат. Таа напомена и дека на меѓународно ниво истражувањата покажуваат дека најважниот фактор за квалитетни резултати е всушност квалитетната настава што помага во обликување на знаењата на учениците. Дури 50 отсто од учениците од Македонија на ПИСА-тестирањето во 2015 година не покажаа основни компетенции во математика, природни науки и читање.

Препораките за унапредување на образовните политики, освен на подигање на образовните резултати преку подобрување на оценувањето на учениците, според УНИЦЕФ, треба да се базираат и на наградување на наставниците, со што ќе им се даде поддршка и поттик за добра настава.

Вероника Мароска-Леова