Двојна формула и за името на црквата


Нека нѐ примат под името Охридска архиепископија, а ние и натаму ќе си се викаме Македонска православна црква. Ниту една црква признаена од Цариградската патријаршија нема национална додавка. На пример, Српската православна црква е запишана како Пеќска патријаршија, така што не е трагедија ако нѐ примат како ОА. Проблем е само како ќе реагираат српската и бугарската црква, оти едните нѐ сметаат за нивни, а другите ем за нивни ем себеси си се сметаат за наследници на Охридската архиепископија. Но, главниот збор ќе го има вселенскиот патријарх“.

Вака црковни извори го коментираат најновиот развој на настаните и писмото што премиерот Зоран Заев, заедно со писмо од МПЦ, го испрати до Вселенската патријаршија со кое бара признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Грчки извори, пак, објавија оти претседателот на Владата во Скопје отворено се откажал од „Македонска“ пред името на црквата. Овие информации вчера беа демантирани од „Илинденска“ и од самиот Заев.

Испратив замолница за да се помогне во долгогодишниот проблем и неговото решавање. Секако, тоа е во координација со Македонската православна црква. Барањето е патријаршијата преку Светиот синод да донесе одлука и конечно да помогне со признавање на МПЦ-ОА. Веруваме дека Патријаршијата сето тоа ќе го направи со другите помесни цркви, како што е редот. Кога се обраќаат црквите кон Патријаршијата се обраќаат и со политички аспект и затоа дополнително на тоа писмо што Светиот синод на МПЦ-ОА го направи, јас испратив писмо за поддршка. За да нема дилеми во јавноста, секогаш признавањето се случува согласно положбата, патријаршијата или слично. Кога се признавале црквите, се признавале како Пеќска патријаршија, Охридска архиепископија и слично. Никој ниту побарал ниту некој може да го смени името на Македонската православна црква. Не е тема на дилема или на дебата името на МПЦ“, потенцира премиерот пред пратениците во Собранието.

Барањето било отворено на завчерашниот состанок на Светиот синод на Вселенската патријаршија, потврдуваат оттаму.

Беше разгледано барањето на расколничката црква во Скопје, барање подржано и преку писмото на премиерот на ПЈРМ за преземање иницијатива од Вселенската патријаршија за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија. Се одлучи да се разгледа и да се стори тоа што треба врз основа на условите, што не можат да се прекршат, на историските и канонските надлежности и прерогативите на Вселенскиот патријарх“, соопштуваат од ВП.

Владиката Тиметој, кој е портпарол на МПЦ-ОА, потенцира дека барањето било испратено пред еден месец, а Заев тоа го сторил со знаење на Светиот синод на црквата.

МПЦ е во изолација веќе 50 години. Пред еден месец е испратено писмото до Вселенската патријаршија во кое не се откажуваме од името ниту, пак, размислуваме за тоа. Ние бараме признавање на нашата автокефалност. Доколку тие нѐ признаат како Охридска архиепископија, ние ќе прифатиме“, изјави Тимотеј.

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека МПЦ-ОА и досега се обидувала да добие признавање од Вселенската патријаршија, но била одбивана. Фактот што ВП сега барањето како да го ставила во „процедура“ укажува дека има некоја промена во нејзиниот однос.

Не би сакал да верувам дека е ова само заради нашето омекнување во однос на преговорите околу името со Грција кои влегуваат во финална фаза. Мислам дека ние како црква и држава сакаме да искористиме одредени разидувања кои сега се заоструваат во релациите меѓу православните цркви: конкретно меѓу Руската, Српската, Бугарската православна црква и Вселенската патријаршија. ВП досега одбиваше јавно да каже нешто, а камоли да го стави во процедура барањето на МПЦ за добивање на автокефалност и нѐ упатуваше исклучиво на преговори со СПЦ. ВП ѝ порача и на Бугарската црква дека ги прекршува каноните ако направи нешто во однос на МПЦ. Сега таа самата ја става МПЦ во процедура и ќе го разгледува нашето барање, иако би можела веднаш и молчешкум да нѐ одбие и да ни каже дека за нас е надлежна СПЦ. Очекувам реакција од црковен Белград“, анализира Ѓорѓевски.

Тој потсетува дека неодамна ВП го ставила во процедура на разгледување и барањето на украинските световни власти да ѝ се даде автокефален статус на УПЦ-Киевски патријархат која не е признаена како црква, а дури има и полош статус од МПЦ-ОА. Вселенскиот патријарх Вартоломеј постојано изјавува дека тие се мајка-црква на украинските верници, што треба да значи дека има право да реши нешто.

Значи, вселенскиот патријарх, од овие или оние причини, под влијание на овие или оние фактори, а јас мислам дека тука има влијание и неговата прозападна ориентација, добри односи со САД и Брисел, презема чекори кои ќе предизвикаат реакции меѓу православните цркви. Конкретно на Руската и на Српската православна црква, бидејќи со ова тој ќе го наруши принцип на консензус на православните цркви (14 по број), односно на едногласност кога се работи за признавање на нови автокефални цркви. Тој принцип е договорен, се почитува, но како одлука не е изгласан на последниот сеправославен собор на Крит во 2016 година, кој го бојкотираа Руската, Бугарската, Грузиската и Антиохиската православна црква. Значи, вселенскиот патријарх како да најавува дека е подготвен да презема еднострани чекори. Во одговорот на МПЦ и на Заев тој се повикува на историските и канонските надлежности што ги има ВП. Тоа како да дава сигнал дека тие го потенцираат правото самоволно да преземаат нешто и да не се држат до принципот на консензус. Сега е решавачко тоа до каде ќе оди во таа конфронтација со Руската и со Српската црква и вселенскиот патријарх зашто е извесно дека тие ќе го нападнат“, констатира Ѓорѓевски.

Црковни извори признаваат оти би се откажале од името МПЦ-ОА. Доколку писмото или замолницата вродат плод, ќе добиеме еден вид двојна формула за комуникација со други цркви. Името ОА би го користел блокот грчки православни цркви, а ние би го задржале МПЦ во внатрешна употреба. И во „Нишката спогодба“, СПЦ се согласи да користиме име МПЦ во внатрешна употреба, а во надворешна ОА, но тој договор беше одбиен, оти требаше да бидеме автономна црква во нивен состав. Прашање е, исто така, како на ова ќе гледа Бугарската црква која се смета за наследник на Охридска архиепископија и која не сака тоа да бидеме ние.

Со реакција вчера се јави и Здружението на македонските заедници од Австралија, од каде што најавија дека македонските православни заедници, кои имаат свои храмови и се дел од Македонската православна епархија за Австралија (Сиднеј), никогаш нема да прифатат каква било промена на националниот идентитет на МПЦ или јурисдикција од некоја странска црква што има негаторски однос кон македонскиот национален идентитет и кон македонската самостојност.

Црковниот проблем се движи кон решение

Црковниот аспект на проблемот се движи кон решение и ова е многу важна разврска што ќе има влијание врз решавање на македонското прашање“, вели заменик-министерот за надворешни работи Јанис Аманатидис.

Постои една многу позитивна разврска, црковниот аспект на прашањето, што влезе со одлука на Светиот синод и со допис до премиерот, на кој одговори дека со прашањето ќе се справиме со должно внимание и одговорност“, рече Аманатидис потенцирајќи дека тоа е позитивен чекор и она што го барала грчката црква. Грчкиот премиер Алексис Ципрас во својата реакција упатена кон тамошната опозиција соопшти дека Заев побарал да се отстрани терминот „Македонија“ од името на црквата.

Горан Адамовски