Дали Судскиот совет ќе биде кочничар на судските реформи?


Судскиот совет е телото кое избира и разрешува судии, но актуелниот состав досега не разреши ниту еден судија, односно не утврди одговорност кај ниту еден од нив, иако целата јавност слушна дека се избирале судии од тефтерчиња и дека поранешната претседателка, а сегашна членка на советот, Александра Зафировска, им предлагала судии на поранешните министри.

Таа дури и се јавувала во кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски за да му каже дека распишала оглас за избор на судии.

Токму Зафировска сега е на чело на Комисијата која го разгледува извештајот на работната група при Министерството за правда која утврди дека се злоупотребувал АКМИС системот кој требаше да спречи предметите да се распределуваат на подобни судии.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, подолго време се крие од јавноста. Тој не се појави на собраниската Комисија за политички систем кога се разгледуваше извештајот на Судскиот совет и не беше изгласан, а вчера не одговараше ниту на телефонските повици ниту на пораките.

На фиксниот телефон, пак, нè известија дека вчера не дошол на работа. Неговата последна изјава за злоупотребите на компјутерскиот систем беше дека извештајот на работната група е паушален и неиздржан. Според него, за тие 860 незаверени предмети се кренала голема фама јавноста, а бројката не била точна.
За ова истрага отвори Обвинителството и последните информации оттаму беа дека барале податоци од Судскиот совет, СЈО и од Основниот суд Скопје 1, а во Обвинителството се сослушувале и сведоци. Други детали за истрагата нема.

Судскиот совет сè уште ги нема разгледано ниту иницијативите за разрешување на судии што ги поднесе Советот за утврдување на факти, за судиите што го ослободија од притвор бизнисменот Сеад Кочан, обвинет во случајот „Труст“. Меѓу нив е претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

До Судскиот совет има иницијативи и за утврдување нестручно и несовесно работење на осум судии кои одлучуваа за притворот на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои неколку дена пред Врховниот суд да ја донесе одлуката избегаа.

За денес Караџовски има закажано седница на која има неколку точки на дневен ред, меѓу кои донесување на одлука за формирање на Комисија за избор на член на Судскиот совет, расправа по претставки и поплаки на граѓани за работата на судии и неколку други точки.

Судиите, иако постојано се жалат на притисоци, не ги пријавуваат. Долгогодишната судијка во Врховниот суд, Милка Ристова, оценува дека судиите сè уште не можат да се ослободат од лошата традиција, дека секогаш треба да го чувствуваат пулсот на извршната власт.

„Сè уште имам впечаток дека судиите не се свесни дека тие се помоќна власт од извршната, бидејќи судија може да укине, да поништи одлука на извршната власт, а Уставниот суд поништува закони што ги носи законодавната власт. Правосилна судска одлука не може никој да ја преиспита, ниту владата ниту парламентот, освен суд во законски предвидена постапка. Не пријавиле политички притисок, понекогаш се чувствувало влијанието кога се гласало. Не се кажувало дека гласањето е мотивирано од законски причини, не се образложувало гласањето дека е врз основа на некој член, едноставно само се гласало. Тие судии знаеја да кажат ‘тоа е мое мислење и не морам да кажам зошто така мислам’“, вели Ристова.

За дилемата дали ова тело може да биде кочничар на судските реформи, како услов за почнување на преговорите на Македонија за влез во Европската Унија, од Министерството за правда велат дека сите институции треба да бидат свесни за својата одговорност во процесот на евроинтеграција.

„Во тој процес очекуваме и Судскиот совет да пристапи одговорно во исполнувањето на своите обврски“, велат од Министерството за правда.

Караџовски беше избран за претседател на Судскиот совет на 26 април 2016 година, а неговиот мандат трае три години, односно завршува во април идната година. Дотогаш треба да има суштински промени во судскиот систем.

Освен реформите во судството, на врвот на листата на Европскиот совет е борбата со корупцијата. За министерката за правда Рената Дескоска судството е еден од клучните фактори во борбата против корупцијата.

„Затоа особено е загрижувачки, доколку се утврдат појави на корупција во рамките на судството, бидејќи тоа е органот кој треба да се бори со корупцијата во другите органи.

Во делот на реформите секако посебно внимание ќе биде посветено на она што значи законска основа за ефикасност на судството во борбата против корупцијата во другите органи, но и во своите редови бидејќи дефиницијата на корупцијата не е само добивање на средства, туку и влијанието врз судиите кое може да биде пошироко при решавање на одредени предмети“, вели Дескоска.

За судијката Ристова во борбата против корупцијата, покрај законската регулатива, најважен е човечкиот потенцијал во судството и Јавното обвинителство, институции кои треба да го спроведат законот.
„Сметам дека овој период треба многу да се работи на јакнење на интегритетот на судиите и на јавните обвинители, односно конечно овој профил на кадри да стане свесен дека се трета власт која целосно треба да биде независна, особено од извршната власт. За таа цел во академијата на судии и јавни обвинители интензивно се спроведуваат обуки за изучување на судиската етика односно кодексот за јавнобвинителска етика“, вели Ристова.

Според неа, во постојното законодавство кај нас под антикорупциски кривични дела се сметаат само тие што значат примање на директен поткуп и друг вид корист, но не и суптилните влијанија.

„Телефонските јавувања и притисоците на судот, дали од политички, роднински или друг вид мотиви, засега не можат да бидат опфатени во системот на правна одговорност за овој вид на дејствие, а тие и тоа како имаат влијание“, додава Ристова.

Таа предлага порадикално да се преиспитува професионалната работа на судиите и јавните обвинители, односно да се преиспита нивната имотна состојба, од моментот кога стапиле на должност и во текот на нивната професионална кариера, односно со што се стекнале тие лично и членовите на нивното семејство.

„Сето тоа заедно треба да направи нов профил на судија и јавен обвинител, стручно поткован, но и да има и таков човечки потенцијал да биде способен да одолее на сите видови на притисоци и да се држи само до словото на законот“, заклучува судијката.

Фросина Факова – Серафиновиќ