Во Грција се споменува име на македонски јазик без превод како можно решение


Терминот Македонија со одредница во рамки на сложено име, но на македонски, без превод на другите јазици е она што во Грција се споменува како можно решение на името. Како конкретен и евентуален предлог преовладува името „Нова Македонија“, токму како што се изговара на македонски.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, текстовите на новинарите од телевизиите „Скај“ и „Антена“, од весниците „То Вима“, „Катимерини“ и „Естиа“, но и изјавите на пратеникот од Нова демократија, Јоргос Кумуцакос и лидерот на „Сојуз на централисти“ се во насока на тоа дека договорот, можеби би бил за сложено име напишано на македонски јазик.

Овие предвидувања и анализи на грчките новинари и ставовите на политичарите, во голем дел се базирани на изјавата на лидерот на Независни Грци, по мини министерскиот совет во премиерската палата. Панос Каменос, во четвртокот, како што тогаш пренесе МИА, рече дека останува на неговите позиции, потенцирајќи дека „грчкиот термин Македонија е цврста национална позиција“. Токму придавката „грчкиот“, пред зборот „термин“ е она што прави разлика во однос на досегашните изјави на коалицискиот партнер во грчката влада. Каменос во минатото, најчесто говореше за неприфаќање на употребата на „терминот Македонија“.

„Веројатно, за грчката страна, излез би било словенскиот превод на терминот Македонија“, напиша „Катимерини“ по завршувањето на состанокот.

-Каменос рече дека нема да го прифати „грчкиот термин Македонија“ во кое било решение. Сфаќам дека целиот случај се движи кон едно име кое што ќе биде на словенски јазик, без превод. Ова го кажувам како моја проценка, коментираше надлежниот за надворешна политика Јоргос Кумуцакос при гостувањето во утринска емисија на грчката телевизија „Скај“.

Токму оваа телевизија на нејзиниот сајт објави текст во кој се повикува на извори од грчкото МНР.

– Решение за името на пЈРМ што ќе го содржи терминот Македонија, но со словенска структура и ќе содржи некоја одредница, бара Грција, според досегашните информации. Според извори од Министерството за надворешни работи, грчката страна е позитивна за можно име Вардарска Македонија или Нова Македонија, пишува грчката телевизија Скај на нејзиниот сајт, а при тоа, двете имиња ги објави како што се читаат на македонски, а не преведени на грчки.

„Нова Македонија“, на македонски го изговори и лидерот на грчката партија „Сојуз на Централисти“ во интервју за грчка телевизија, споменувајќи го како постигнат договор меѓу двете земји.

– Работата оди кон Нова Македонија. Тоа е веќе договорено, рече за телевизијата „Епсилон“, Василис Левендис, претседателот на „Сојуз на централисти“, партијата која на последните избори во Грција прв пат влезе во Парламентот.

Весниците „То Вима“ и „Естиа“ и телевизијата „Антена“, излегоа со слични анализи дека името можеби ќе биде напишано на македонски, без превод на други јазици.

„То Вима“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека името можеби нема да содржи географска одредница и можеби би било напишано на кирилица. Во тие рамки, според весникот, е и името „Нова Македонија“.

„Естиа“, пак дали намерно или по грешка, јавува дописникот на МИА од Атина, наместо „Нова Македонија“, го објави името „Новамакедонски“, слеано напишано, со грчки букви, но како што се чита на македонски јазик.

– Според последните достапни информации, господинот Нимиц обработува едно решение кое ја задоволува Грција во делот на името, на иредентизмот и (делумно) во делот на употребата на новото име за сите, но ќе признава македонски идентитет, македонска националност и македонски јазик за Скопјаните. Предложеното име, како што го има претставено „Естиа“ е „Новамакедонски“, едно име, без превод и напишано на кирилица, објави весникот „Естиа“ и објаснува дека новото име би било во сите пасоши, лични карти, факултетски дипломи, додека пак идентитетот би останал непроменет.

Овие информации од весникот, ги презеде и грчката телевизија „Антена“ во централното издание на вестите, со коментар дека име на кирилица би можело да биде евентуалното решение.

– Ова можеби е само почеток, можеби Нимиц ова ќе го достави на преговарачката маса, но процесот ќе биде долг. Ќе се доставуваат имиња, ќе се повлекуваат, ќе се менуваат, ќе трае со месеци, коментира новинарката од грчката Телевизија.

„Нова Македонија“ без превод, веќе извесен период во новинарските кругови во Грција се споменуваше како можен конечен предлог на Нимиц, но без да постои некаква потврда или пак аргумент што би ги оправдал овие тврдења. Сега, изјавата на Каменос беше доволна медиумите во Грција да започнат со анализи и предвидувања.

За „Нова Македонија“, но како име со превод на други јазици, прва објави грчката телевизија „Стар“ минатиот месец, токму на денот кога требаше да се одржи првата средба на Нимиц со претставниците на двете земји, но беше одложена за следниот ден, поради лошите временски услови и неможноста да се стигне во Брисел. Новинарката од „Стар“ тврдеше дека тоа е името што доминира и името што се наоѓа на масата во Брисел.

Шефот на грчката дипломатија три дена подоцна, на брифинг со новинарите во грчкото МНР изрази зачуденост за натписите во грчките медиуми кои излегоа со конкретни предлози за името, во моменти кога во Брисел воопшто не се ни одржа средбата. Рече дека прочитал за резултатите од средбата, што никогаш не се ни одржа. Додека, пак, во интервјуто за ЕРТ рече дека не постои конкретен предлог на преговарачката маса