Влатко Ѓорчев истрча на патеката за наследник на Иванов


Заедно со семејството меѓу бадникарите пред Соборниот храм во Скопје, а потоа на божикна турнеја во Тетово, Гостивар, Маврово, Бигорски, Велес, Удово, Валандово и Струмица. Пораки за спокој и благосостојба до верниците, а во меѓувреме средба со лидерот Шабан Салиу – претседател на Демократските сили на Ромите, интервјуа за албанските медиуми со акцент на лошата економска состојба во која подеднакво се наоѓаат и Македонците и Албанците и нагласена активност во партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ.

Вака пратеникот Влатко Ѓорчев ја започна новата година во која нè очекуваат претседателски избори. Тој во август лани наполни 40 години, со што го исполнува законскиот минимум за кандидирање за претседателски кандидат, поради што во вмровските кругови наголемо се зборува дека е еден од фаворитите во внатрепартиската трка за потенцијален наследник на Ѓорѓе Иванов, кому напролет му завршува мандатот.

Спасуваше колеги на 27 април

Ѓорчев во моментов не сака да зборува за претседателските избори објаснувајќи оти во државава се случува важниот процес за промена на уставното име, со кој не се согласува. Ќе ја почитува одлука на раководството да не се учествува во собраниската расправа.

Тој е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година. Кратко време лани, по доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на партијата, беше координатор на пратеничката група. За време на владеењето на Никола Груевски со ВМРО-ДПМНЕ и со државата главно беше носител на избирачките листи, но никогаш не беше поставен на некоја раководна функција. Јавноста го запозна за време на средношколските протести во 1997 година кога беше еден од најактивните демонстранти.

Беше еден од ретките пратеници од власта што реагираа со ладна глава за време на случувањата на 27 април 2017 година, кога им спасуваше живот на тогашните опозиционери, поради што ја има почитта од актуелната власт, како и од странските дипломати.

Сепак, извори од партијата коментираат дека сè уште се испитува теренот, па рано е да се избрзува со имиња. Потенцираат оти јавниот оглас за кандидати за претседателските избори е отворен од минатата недела и трае до 31 јануари. Веднаш потоа ќе бидат отворени пликовите, а кандидатите ќе имаат рок од две недели да ја претстават својата програма пред општинските комитети. Фаворитот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде избран на конвенцијата закажана за 16 февруари во Скопје.

Досега, како кандидати на опозицијата се споменуваат Трајко Славески, Тања Каракамишева, Ганка Цветанова, Зоран Ставрески… Партијата размислува да одбере дури и непартиски кандидат, кој ќе биде способен да собере и дел од неутралните гласачи.

Јас лично очекувам голема победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните претседателски избори“, вели лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Власта бара консензуален кандидат

И во власта тактизираат со името на кандидатот укажувајќи оти целиот капацитет е насочен кон ратификација на договорот за името со Грција.

Досега не е отворен процес во врска со утврдување кандидат за претстојните претседателски избори бидејќи во тек е сериозен процес за завршување на постапката за уставни измени во парламентот. Има кандидати, но треба да се види кои од нив имаат поддршка кај граѓаните. Посакувам да имаме консензуален кандидат од сите. Да имаме човек што ќе биде татко на нацијата и зад кој ќе застанеме сите. Ќе се обидеме да го изнајдеме најдобриот или најдобрата“, најавува премиерот Зоран Заев.

Според анкетите, најдобар рејтинг имаат лидерите на двете најголеми партии, Заев и Мицкоски, но тие тврдат дека нема да се кандидираат за претседател на државата. Кога е во прашање власта, се споменуваат имињата на Оливер Спасовски, Никола Димитров, Стево Пендаровски, Денко Малески, Имер Селмани…

Парламентарниот спикер, Талат Џафери најави дека претседателските избори ќе ги закаже на почетокот на февруари, што значи оти би се одржале кон крајот на март или почетокот на април. Прогнозите велат дека ќе има втор круг, каде што ќе биде потребна излезеност од 40 отсто од запишаните избирачи или околу 720.000 лица. Доколку нема цензус, ќе може да се распишат нови избори во рок од 60 дена, а дотогаш улогата шеф на државата ќе ја преземе претседателот на Собранието. Власта веќе најави дека при такво сценарио не се исклучува можноста од ново менување на Уставот со цел претседателот на државата да се избира во Собранието, а не на директни избори.

Горан Адамовски