Повеќе од 3.500 граѓани ќе се доквалификуваат во странство


 

Вкупно 3.500 граѓани годинава ќе заминат на доквалификација надвор од државава преку европската програма „Еразмус плус“. Вклучени ќе бидат во проекти што ќе се реализираат преку таканаречената „Клучна акција 1 – Мобилност за учење на лица“ и „Клучна акција 2 – Стратегиски партнерства за развој на иновации и размена на добри практики“. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност прифати 93 проекти, односно 22,7 отсто од пристигнатите 409 апликации на повикот што беше објавен кон крајот на октомври минатата година. Најголем дел од поднесените апликации, дури 289, биле за мобилност, потоа за стратегиски партнерства, па за структурен дијалог каде што конкурирале за 18 проекти, а одобрени се три. За 2018 година предвидени се 2.701.250 евра за проекти на високообразовни институции и мобилности на студенти и наставен кадар. Агенцијата 77 отсто од средствата ќе ги намени за мобилност на студенти меѓу програмските држави, а 23 отсто за доквалификација на наставници.

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, вели дека мобилноста на студентите и доквалификацијата на наставниот кадар од Македонија е од исклучителна важност, пред сè поради тоа што дел од високообразовните установи изминативе години немаа добро конципирани наставни програми, а уште помалку доволно добар кадар.

„Последните десетина година универзитетите вирееја како печурки по дожд, без добро конципирани наставни програми, а уште помалку доволно добар кадар. Размените ги пополнуваат дупките во знаењето, но и овозможуваат надградба на вештините вклучувајќи ги лингвистичките компетенции“, вели Димова за „Независен весник“.

Најчести теми кај стратегиските партнерства се: развој на нови наставни програми, наставни методологии, развој на дигитални компетенции и подобро претприемачко образование.

„Од ‘Еразмус’ се финансира проектот ‘Иновативна постдипломска програма за креирање напреден образовен профил оспособен да се справува со предизвици во областа на информатичката технологија/сајбер-безбедноста и заштитата на личните податоци на интернет’, кој го имплементира конзорциум од Универзитетот за информатички науки и технологии ‘Св. Апостол Павле’ од Охрид, Дирекцијата за заштита на личните податоци на Македонија, Универзитетот Лоџ од Полска, Генералниот инспекторат за заштита на личните податоци од Полска и Комисијата за заштита на личните податоци на Бугарија. Го споменувам овој проект бидејќи ќе биде исклучително важен ако Македонија почне да преговара за членство во ЕУ“, рече Димова.

Со зголемениот интерес за изработка на проекти се развива меѓународната соработка и се зголемува достапноста на формалното и неформалното образование кај учениците, студентите и наставниците. Македонија преку програмата „Еразмус плус“ од европските фондови за годинава доби најголем износ на средства – речиси шест милиони евра. Растот на финансиската поддршка се должи на поголемата доверба на институциите на ЕУ кон Македонија. Димова објаснува дека тоа е така бидејќи корисниците ги зголемуваат своите капацитети и секоја наредна година се подготвени да апсорбираат повеќе пари. Исто така, секоја година се зголемува и информираноста на корисниците така што нивниот број постојано расте и тоа се рефлектира на вкупниот износ на средства што и се доделуваат на македонската Национална агенција.

Корисници на програмата „Еразмус плус“ се и градинките, основните и средните училишта, институциите што се занимаваат со образованието на возрасните, универзитетите, невладините организации, спортските локални друштва, приватните претпријатија, општините и регионалните управи, државните институции, фондациите. И годинава компаниите имаат можност да добијат грантови од „Еразмус плус“, така што преку проектот можат да ги испратат работниците кај партнерски истородни организации, но и да примат новодипломирани студенти на таканаречена „работа“. Овие грантови се делат од Брисел и тие изнесуваат по три милиони евра за три години. Во 2017 година над десет илјади учесници оствариле мобилност преку стратегиски партнерства, од кои 1.554 учесници биле вработени.

„Тоа не е вработување, но не е ни волонтерство, зашто целта на овој дел од програмата е стекнување практични работни вештини, односно она што не можеле да го добијат од факултетот. Дури постојат и таканаречени ‘Сојузи на знаење’ и ‘Сојузи на вештини’ каде што се поврзуваат минимум шест организации од триаголникот наука, универзитет-истражување-индустрија“, рече Димова.

Кога станува збор за Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во јавноста остана запаметен скандалот со проневерата на европските пари од страна на директорот Бошко Нелкоски. Медиумите пред девет години обелоденија дека тој им поделил илјадници евра на невладини организации на свои роднини и блиски, по што беа суспендирани сите европски пари наменети за македонското образование, а ЕК ги замрзна програмите „Млади во акција“ и „Доживотно учење“. Македонската агенција под суспензија беше речиси две години. По исполнувањето на акцискиот план за санација, Националната агенција повторно доби право да ги користи европските пари.

„За подобрување на процесите на Националната агенција од неодамна иницирав процес на реизбор на евалуатори на предлог-проекти. За да биде постапката сосема транспарентна, изборот нема да го прави Националната агенција (директорката), туку независна комисијата составена од непарен број на членови номинирани од амбасадите во Скопје кои работат со билатерална помош, но и од Делегацијата на ЕУ во Скопје. На тој начин се надевам дека ќе добијам исклучително квалитетен кадар кој не само што ќе прави квалитетни евалуации, туку ќе служи и како алатка за градење на капацитетите на идните корисници“, објасни Димова.

Вероника Мароска-Леова