Бруцошите со ентузијазам, се надеваат на успешна перспектива


Бруцошите вчера дојдоа на првиот академски час со ентузијазам дека изборот на факултетот на кој се запишале ќе им обезбеди успешна перспектива. Се надеваат дека знаењата што ќе ги стекнат ќе ги применат во професијата. Најголемиот дел од нив се гледаат во приватниот сектор, ама има и такви што сметаа дека и администрацијата е добро решение за заработувачка.

„Сакам да отворам своја софтверска компанија. Одлучив да се запишам на државен факултет пред сè заради квалитетот на образование што се нуди“, рече Иван, бруцош на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

„Медицината ми е предизвик, завршив средно медицинско, затоа и мојата одлука беше да се запишам на Факултетот за медицина. Недостигаат здравствени работници во земјава, а јас сакам со својот труд да дадам придонес тој јаз да се надмине“, изјави Јасна.

По двата уписни рока на шесте јавни универзитети вклучувајќи ги и приватните, запишани се 13.320 нови студенти, од нив над 1.500 на приватните. Бројката на бруцоши не е конечна бидејќи до Министерството за образование и наука уште не се стигнати податоците од сите универзитети по третиот уписен рок, а на некои има и четврти уписен рок кој ќе се одржи утре. Дел од ректорите велат дека има уште слободни места за студии на факултетите.

Во своето обраќање пред студентите ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, подвлече дека оваа година на Универзитетот, чиј предизвик е негова интернационализација, младите имале можност да се запишат на 186 студиски програми. Преку програмата „Еразмус плус“ напомена дека годинава на повеќе студенти им се дава шанса за стажирање во компании во европските земји.

„Денешниот ден ќе биде забележан во календарот на вашиот живот, станувате дел од реномираното семејство на УКИМ. На предизвиците со кои се соочувате да не гледате како на пречка, туку како стимул за стекнување на поголемо знаење“, истакна Јанкуловски.

За ректорот, пак, на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, Сашо Коруновски, каде што се запишаа 1.300 студенти, а следува и четврти уписен рок в среда, важно е што студиските програми се приспособени на потребите на стопанството.

„Го започнуваме првиот академски час на Економскиот факултет во Прилеп со надеж дека сите што ни го довериле своето образование во наредните три-четири години ќе бидат задоволни од трудот и напорот на целиот кадар на Универзитетот и дека ќе ги постигнат своите цели за успешна професионална кариера која ќе им овозможи градење на просперитетна држава“, рече Коруноски.

Ректорот на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Блажо Боев, рече дека успеале да запишат 1.700 студенти од земјава и речиси 70 од странство.

„Сакам да им посакам успешно студирање на младите, најубавите години од својот живот да ги поминат во овој град и да стекнат знаење со кое утре ќе се справат со предизвиците, а тоа е секако широкиот пазар на Европската Унија“, рече Боев.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми нагласи дека на студентите им треба европско образование. За да се подобри состојбата на факултетите, вети дека при подготвување на буџетот за 2019 година заедно со ректорите ќе ги стават на маса приоритетните проекти.

Информатичката технологија е највисоко растечка во светот, младите во земјава тоа го препознаа. Премиерот Зоран Заев нагласи дека му е драго што на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство се запишале над 900 нови студенти, односно 13 отсто повеќе од лани. Позитивно за економскиот развој на Македонија е и тоа што просечната платата на компјутерските инженери достигнала илјада евра, а тоа го покажаа статистичките податоци во јуни.

„Нашата држава наместо да извезува квалитетни кадри, да почне да извезува квалитетни производи создадени тука“, порача Заев.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, со молба до студентите на ФИНКИ, своите афинитети да ги применат на домашниот пазар.

„Најважно е ако отпатувате да се вратите. Со оглед на тоа што сте запишани на овој факултет ќе имате големи шанси да заминете во текот на студиите, но најпрвин пробајте тука“, рече Манчевски.

Академската година почна вчера, новина што беше предвидена во новиот Закон за високо образование. Години наназад првиот академски час беше на 15 септември. Надлежните се надеваат сите концепти во Законот дека ќе станат реалност. Дополнително ветија дека ќе се вложува во инфраструктурата, наставата и во сè што значи студентско секојдневие, со цел младите да не заминуваат надвор. Убедени се дека простор за подобрување на квалитетот во високото образование има. Во Законот им се дава можност на факултетите да вработуваат асистенти, подмладок кој им недостигаше, а правото им беше замрзнато изминатите години. Проблем на дел од факултетите и натаму е недостиг на кадар и просторни услови.

 

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер