Апанажата за партиите во плус, контролата во минус


Апанажата за партиите во плус, контролата во минус. Вака најкратко може да се објасни договорот на политичките партии нивното финансирање многу повеќе да зависи од буџетот на државата, а за трошењето на парите на граѓаните да не се обезбедени дополнителни контролни механизми. Како што е објавено, новиот закон за финансирање на партиите предвидува зголемување на сумата што партиите ќе ја земаат од буџетот за 2,5 пати во однос на досегашната, односно место досегашните 0,06 ќе се одвојуваат 0,15 отсто од буџетот, како што е практика сега во Србија. Тоа, според груби пресметки, значи дека ако од буџетот за оваа година, што изнесуваше околу 3,4 милијарди евра, за политичките партии се одвојуваа околу 2 милиони евра, според новиот закон оваа сума ќе изнесува над 5 милиони евра. Триесет проценти се наменети за малите партии, а другите седумдесет за големите политички субјекти. За сметка на зголемувањето на државното финансирање, се намалува сумата на донации што може да ја добиваат партиите – од 150 просечни плати што може да ги донира едно правно лице, со измените оваа бројка се намалува на 60 просечни плати. Ако досега, пак, за физичките лица беше предвидено дека можат да донираат 75 просечни плати, сега бројката се намалува на 30.
Противниците на буџетската државна поддршка сметаат дека ваквото финансирање на партиите претставува атак на индивидуалната автономија и слобода и принудно „завлекување раце во џепот“ на даночните обврзници, кои ако баш сакаат можат приватно, доброволно да ги финансираат партиите и кандидатите на избори. На другата страна клучниот аргумент на приврзаниците на финансирање на партиите и изборните кампањи од јавните извори е дека „демократијата чини“ и дека учеството во демократските процеси не може да биде работа само на финансиска (не)моќ на одредени актери.
Комбинираниот законски модел на финансирање на политичките субјекти, кој во дадениот случај подразбира зголемување на паричниот фонд од државата, а намалување на донациите од правни и физички лица, е добра варијанта, сметаат соговорниците кои вчера ги консултиравме. Според нив, гледано од чисто правен аспект, ова може да претставува обид да се намали трансферот на економската моќ во политичката. Односно, на некој начин, да се спречи опасноста големите стопански субјекти да ги финансираат партиите исклучиво за да добиваат закони во свој интерес.
Сепак, нагласуваат тие, без оглед на законските решенија, проблем во општеството се транспарентноста, контролата на процесот и независноста на институциите за контрола кои се целосно партизирани. Во таа насока, велат тие, потребно е да се работи на зајакнување на капацитетите на Антикорупциската комисија, на Државниот завод за ревизија, на судството и Обвинителството.
На тркалезна маса на тема „Подобрување на моделот на финансирање на политичките партии во Македонија“, која се одржа неодамна во организација на Националниот демократски институт (НДИ), Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнел“ алармираше дека системот на контрола е толку расцепкан што сите институции се надлежни и ниту една не е надлежна за да каже кои се неправилностите и да донесе конкретна одлука за тоа дали имало или не. На дебата, меѓу другото, беше нагласено дека Македонија има речиси „нула“ искуство во спречување на злоупотребите во оваа област.
Предметот „Талир“ е првиот отворен судски случај за незаконско финансирање партија, но остана на ниво на истрага во специјалното јавно обвинителство бидејќи не го фати рокот за поднесување обвиненија што истече кон средината на јуни минатата година. Тој се однесуваше на финансирањето на поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, а истрагата утврди дека во периодот од 2009 до 2015 година на партиската сметка незаконски легнале пет милиони евра.
Финансирањето на политичките партии е една од најголемите рак-рани во политиката и едно од главните подрачја за корупција и за заробување на државата во коруптивно- приватни интереси. Регулацијата на партиското финансирање нема ист облик во сите земји. Во САД финансирањето на изборите во најголем дел се потпира на приватните фондови, но трошењето на парите на изборите стана предмет на јавна контрола и посебна ревизија, со одредување прецизни лимити за паричниот „ветер во грб“. Во низа европски земји како Германија, Австрија, Шведска… . постепено се развиваше системот на силно потпирање на државната сметка, додека во Велика Британија, пак, беше развиен систем во кој партијата од левиот спектар – лабуристите е финансирана од синдикатот, додека конзервативците главно од бизнис круговите. Иако примерите се различни, доминира комбинацијата на јавно-приватно финансирање на политичките субјекти. Изборот е чија улога да биде помала – на државата или на донациите.
На прсти се бројат земјите без државно финансирање на партиите
Прв пример на јавно финансирање на партиите е забележан во Костарика во 1954 година, а потоа во Аргентина во 1955 и во Германија во 1959 година. Дотациите од државната сметка со време станаа неизбежен, а во голем број земји и најзначаен извор на финансирање на партиите. Последица на тоа е многу краткиот попис на земји каде што не постои јавно финансирање на партиите – Индија, Луксембург, Малезија, Велика Британија…
Во Германија моделот на финансирање е така поставен што од државниот буџет за партиите се издвојуваат 150 милиони евра годишно. Практично, сите даночни обврзници се должни за работа на партиите да одвојат 50 центи месечно. Пари добиваат не само парламентарните партии, туку и вонпарламентарните ако освојат над 0,5 отсто од гласовите. Партиите добиваат средства и на други начини, па така, на пример, ЦДУ само од членарина собира по шест милиони евра месечно. Приватните донации се исто така застапени, при што за донации од над 10.000 евра треба да се пријави името на донаторот. Сите кои даваат прилог за партијата имаат даночно олеснување од 50 отсто, така да државата и на тој начин го стимулира финансирањето на партиите, но и поттикнува тоа да биде јавно. Австрија им дава на партиите над 11, 5 милиони евра годишно, Бугарија 103 милиони, Хрватска 6,6 милиони, Финска околу 34 милиони, Унгарија 19, Португалија 8,5, Словенија 2,7, Шпанија 78….Поголеми средства на партиите од државните буџети се даваат притоа во западните земји каде има тренд на намалување на членството на партиите, а најилустративен пример за тоа е Шведска, каде 80 до 90 отсто од приходите на партиите доаѓаат како надоместоци од државата по неколку основи, а врз основа на резултатите од претходните избори. Сосема спротивно од случајот кај нас, каде владее „тепачка“ за членска книшка повеќе.
Различни се и искуствата во однос на т.н. индиректни државни давања. Во Англија државата не одвојува ниту пени за партиите, но на пример, на опозициските кандидати им се плаќаат парламентарни трошоци. Практично цела опозиција живее од тој државен придонес. Во изборната кампања државата плаќа кирии за канцеларии закупени за работа на партиите, за митинзи и за собири. Електронските медиуми имаат обврска бесплатно да им отстапат простор за огласување на партиите и на кандидатите, при што двете најголеми партии, лабуристите и конзервативците, добиваат подеднакво време за бесплатна промоција, додека останатите актери далеку помало време. Во Франција и Германија бесплатен термин се добива пропорционално со изборните резултати на претходните избори. Во Данска, Холандија и Италија државната телевизија на сите партии им отстапува подеднакво бесплатно време за промоција. Во САД, пак, нема ништо без пари и сето медиумско време мора да се купи по еднакви и фер услови.

Наум Котевски