Александар Петров, архитект: На Скопје му треба меѓународна помош


Александар Петров е архитект кој дипломирал на универзитетот во Ферара (Италија). Како стипендист на регионот Емилиа Ромања стручно се усовршува во Загреб. Од 2006 година работи во различни архитектонски студија помеѓу Џенова и Милано. По краткиот престој во Мелбурн, се насочува кон проектирање инфраструктури, а од 2013 година постојано е ангажиран на проектот за проширување на аеродромот „Марко Поло“ во Венеција, метро-станиците во Мека и Флиндерстрит во Мелбурн. Има изведено и различни објекти низ Скопје, Милано и Тиват. Минатата година ја објави книгата „Град без љубов“, во која дава критички осврт на проектот „Скопје 2014“. Сите текстови во книгата се концентрираат на градежниот аспект на владеењето на претходната власт, кој, според него, трајно го уништи градот и константно го силуваше градското јадро сите тие години.

Урбанистички хаос предизвикан од несоодветна подготовка на деталните урбанистички планови, во кои приоритет има профитерските интереси наместо стручно поткрепените архитектонски решенија, кои би требало да обезбедат нормален и функционален живот, беа повод тој деновиве остро да реагира во јавноста. Иако се сменија властите, негирањето на Скопје, смета тој, никако да се спречи или да престане.

Уредувањето на јавниот простор е материјализација на одредена поетска слика и почнува со некаков сон. Каков и чиј сон живее во моментов Скопје?

За мене лично, Скопје никогаш не асоцирал на поезија, но и тоа како знаел да зададе една поетска фатаморгана. За тоа како потврда ми надоаѓа песната „Рубин Кармин“ од „Архангел“, која ми го материјализира митот на таа широчина што Скопје некогаш ја поседуваше. Колку остана од тој сон денеска, не знам што да кажам.

Градењето и моќта секогаш танцуваат заедно. Но кој кого води?

Таков тип политика е типичен за 1970-тие и 1980-тите години, додека сè уште се проповедаше неолиберализмот на Западот и додека се немаа предвид последиците што таквиот систем ги создаде долги години потоа. Да се форсира економски бум преку градежна експанзија значеше да се раздвижат сите сегменти во индустријата. Е, сега, спојте го тој период со денешниот наш див (постсоцијалистички капитализам овде на Балканот), без правила на времето во кое живееме, со пропадната индустрија и ќе добиете перфектна аномалија, фалинка во која политиката и инвеститорот во неспособност и безидејност да завртат свеж капитал се во постојани стеги и наизменично се надополнуваат. Таквата кохезија е самоодржлива и ќе танцува уште долги години сè додека не промениме некои работи кои горе-долу на сите ни се познати.

Кој е виновен за несреќата што го снајде Скопје. Пресилна ли е констатацијата дека градот станува нехумано место за живеење?

Градот некако ни се провлече од останатите приоритетни проблеми со кои се соочувавме изминатите години. Остана во втор план и затоа го запоставивме, го отуѓивме, го иселивме и на крајот му го уништивме генот. За тоа не е виновен само психопатот со неговото силување, туку и сите ние кои со молчењето и помалиот отпор му го дозволивме тоа. Денешното Скопје е остаток од таа траума, маглива, сива, задушена, исполнета со глутници кучиња и јата чавки, кои колваат околу контејнерите растурени со ѓубре. Но и покрај тоа, мислам дека Скопје останува хуман град, затоа што неговите жители се жилави и желни за што повеќе живот во него, премногу сме станати составен дел од таа урбана дивина.

Како гледате на новите урбанистички решенија, особено на оние во центарот на Скопје, кои деновиве предизвикаа остра реакција кај јавноста. Се добива впечаток дека целиот процес е производ на флоскулата „земете ги парите и бегајте“.

Да, само што парите се стекнуваат или се губат, постојано циркулираат. Украдениот простор го снемува за довека. Тој е ограничен природен ресурс, јавно добро, како воздухот и водата… основни елементи потребни за живот и соживот. Узурпацијата на градежното земјиште го уништува градот за подолг период. Затоа мора да се навлезе во сржта на проблемот и да се дејствува што поскоро во постоечките детални урбанистички планови осудени на пропаст. Урбанизмот што се создаде во изминатиот период се планираше преку катастарските парцели. Преку урбанистичкото планирање се вршеше сукцесивно зголемување на стекнатите права по основ на сопственост на градежно земјиште, а не хуманизација на просторот и помагање во зголемување на неговата вредност.

Планирањето директно зависи од потребите на нарачателот, а никако од општествените потреби, јавниот интерес, одржливиот развој и потреба од убав и среден град. Системот на урбанистичко планирање е во спрега со инвеститорот, а не со општото добро. Таквата нанесена штета не може да ја процени ни Врховниот суд, кој е неписмен да го увиди конфликтот насобран во доставените технички елаборати. Општината е одговорна за својот детален план. Мора да се потпре на професионалци, а не на партиски војници и да создаде урбанистички управи кои ќе имаат ингеренција и контрола врз плановите, без да се губи во јавниот популизам на политичкиот пазар.

Во центарот спроти „Холидеј ин“ ќе никнат, според најавите, неколку 30-катници. Во непосредна близина кај Старата железничка станица, која е прогласена за објект со значајно културно наследство, се гради мега стабено-деловен простор со неколку 20-катници, кој дополнително ќе го попречи нормалното струење на воздухот. Со оглед на загадувањето, како треба да се развива градот – во височина, како некаков единствен спас за иднината, или можеби во широчина?

За да знаеме како да го уредиме градскиот партер, пред сè ни се потребни статистички параметри, добиени од толку посакуваниот попис. Кога ќе имаме јасни и точни индиции преку определени податоци, ќе знаеме дали градот расте или опаѓа. Ако тој расте, ќе мора да се направи стратегија помеѓу јавниот и приватниот сооднос и да се зададат насоки преку административните алатки како што се ДУП и ГУП, во кои граници и по кои територии ќе се гради или проширува градската граничната линија. Во тој случај градот има овластување и да прави експропријација, ако е тоа потребно за неговиот развој и јавен интерес. Во спротивно, доколку Скопје опаѓа поради слаба стапка на новородени, иселени итн., тогаш градот нема потреба од нови проширувања и доволно ќе биде густината што ја има да се амортизира. Нема да има потреби од нови градби. Врз база на тие податоци, се прават и политики, проценки и проекции за заштита и развој.

Последната слободна честичка простор во Општина Центар ја има откупено приватна фирма во коинвестиција со МПЦ. И таму ќе се градат станови за свештеници и фамилии, само не знам како ќе успеат да се наметнат на пазарот на недвижнини. Ќе нудат станови на клиенти кои ќе сакаат да живеат покрај загадена река, без зеленило, во соседство со попови и црковни лица, во станови со редуцирани урбани периметри. Апсурд во надреален контекст, што не би можел да го долови ни Фелини во своите филмови… саботни измешани мириси на темјан и попладневна запршка.

Што велат вашите истражувања, му се случува ли вакво градежно силување на некој друг град во регионот или Европа? Кого можете да го издвоите како позитивен пример?

Во созреаните капиталистички општества, урбаната шпекулација и тоа како е присутна, и таа секако е причина за развој на многу големи градови, како што е и примерот со Њујорк. Но во такви контексти постои посебен изнајден механизам и режим на територијата и контрола, па успева непречено да го контролира и надградува, и покрај современите проблеми со кои се соочува. Но случајот со земјите во развој е сосема аномален и непредвидлив, како на пример, екстремната урбанизација на Индија, Африка и Латинска Америка. Најболна, сепак, мислам дека е таа на бившите комунистички земји преку апсурдниот премин на поимувањето на државно во приватно земјиште. Затоа западниот систем не можеше да се копира и да се примени на нашиот транзициски општествен поредок. Слични примери на промашен развој се градовите Будва и Тбилиси. Иако во грузиската престолнина се силуваше со квалитетна архитектура, без добро осмислен урбанизам, таа остана да лебди во хаотичниот разјаден простор. Позитивен пример е секако градот Задар и политика на отвореност што ја води, избегнувајќи масовен туризам и агресивни инвестиции.

На кој начин се изготвуваат урбанистичките планови во поразвиените земји, да речеме во Италија, каде што живеете и работите?

Милано беше град жртва на корупцијата и беше наречен Тангентополис. Денеска нема педа од земјата која не е потрошена, и на градската управа ѝ останува многу мал простор за маневар. Нови пространства не можат да се градат, остануваат на располагање тие постоечките кои се рационализираат и се инвестира во многу пејзаж, напуштени објекти, реквалификација на индустриски зони кои не се во функција и развој на аграрни паркови и пространства, шуми (поради тоа што тие се најевтини инвестиции за одржување). Во деловите од градот кои се деградирани се користат политики на инклузивност и културолошко користење на просторот со цел да се заштити од современите пороци и нередија. Се намалува сообраќајниот волумен, а се зголемува капацитетот на јавниот транспорт и поврзаност… На пример, преку метро-станицата можам од мојот дом да стигнам без прекин до Лугано (Швајцарија) користејќи само јавен превоз. Живеам без автомобил и никогаш не сум почувствувал потреба дека треба да го имам.

Загубена е битката со Скопје или има шанси за нова интелигентна стратегија со која може нешто да се спаси? Што треба таа да содржи. Треба ли, можеби, во таа насока да се врати стариот Завод за урбанизам?

Секој град има потреба од техничка и стручна поткрепа, без да биде манипулирана од политиканството. И самиот град и самата урбанистика претставуваат стриктно определена политика, насока по која се развива идното граѓанство. Затоа е потребна одлучност, знаење, способност и визија на дејствување. Трпеливост и издржливост во еден процес кој знае да трае, кој е мултидисциплинарен и интерактивен, во кој градежната поставеност ќе биде финална, а не почетна цел. Скопје никогаш не смее да премине во идеологија, туку во научен процес, сплет од соработка на повеќе јавни институции во интерес за доброто на сите. Заедничка координација и кооперација помеѓу општините, Заводот за статистика, Министерство за транспорт, Катастар, Стопанската комора и многу други соучесници. Тие треба постојано да се надградуваат и информираат, и во секое време да го знаат одговорат на кое било критично јавно мнение, без да си ги префрлаат одговорностите меѓусебно. Јас сметам дека новиот ГУП и придружните детални урбанистички планови треба да се донесат со меѓународни конкурси, каде што ЗЕЛС ќе бара искусни проектантски институции за да се стигне до најдоброто решение. Градот да го одврзе ќесето и на тој начин ќе ги потроши парите на најдобар можен начин. Само преку таква процедура може да се дојде до рамнотежа помеѓу градежните сопственици и локалните жители каде што конкретно ќе се форсира најквалитетната организација на просторот. Добитното решение го прогласува мешовита жири-комисија претходно усогласена и јавно соопштена уште пред да започне конкурсот.

Во една таква комисија членуваат социолози, архитекти, писатели, психолози, уметници, ботаничари и еколози со интегритет и критериум кои ќе знаат да ги спознаат оригиналните потези да го прочитаат корисното и изводливото и да не дозволат бледите импровизации повторно да го запрепастат градот.

Објавивте книга насловена „Град без љубов“ во која давате критички осврт за проектот „Скопје 2014“ година. Сè уште трае дебатата дали одредени објекти и споменици треба да се урнат или да се дислоцираат. Каков е вашиот став?

Мислам дека книгата привлече голем интерес, што искрено ме изненади. Постојано се сомневав дека сето време што го одвојував за да пишувам по медиумите е небитно, затоа што долго време молчевме и трпевме. Но покажаниот интерес ми вгради една одговорност длабоко во мене како граѓанин на Скопје, кој ме тера да продолжам да го негувам тој интерес и да ја сензибилизирам градската јавност. И затоа со сета моја одговорност тврдам дека спомениците низ градот треба што поскоро да се тргнат, за градот да може да ја поврати онаа платонска ширина што ја отсекогаш ја поседувал!

Наум Котевски