АКМИС заглавен во институциите


Работна група од Министерството за правда во октомври минатата година влезе во Кривичниот суд, во ноември во Апелацискиот и Врховниот суд и во сите три суда констатираше неправилности во функционирањето на АКМИС, компјутерскиот систем за автоматско управување со судски предмети.

Најголеми неправилности беа констатирани во Кривичниот суд. Се утврди дека таму постоела рачна распределба на предмети која тогашниот в.д. претседател на судот, Стојанче Рибарев, ја нарече „дупли АКМИС“.

Извештајот на работната група беше предаден во Министерството за правда, а сега истрага се води во Основното јавно обвинителство, кое треба да истражи дали има кривична одговорност кај судиите.

Сепак, и по десетина месеци нема никаква одговорност за утврдените неправилности. Обвинителството очекува податоци од Судскиот совет, од претседателот на Основниот суд Скопје 1 и од Специјалното јавно обвинителство, за што обвинителството упатило ургенции до овие институции.

„Во меѓувреме, во предметот во континуитет се обезбедуваат вербални докази преку сослушување на лица кои со својот исказ можат да помогнат во утврдување на фактичката состојба. Откако ќе ги добијат одговорите на поднесените барања, надлежните обвинители ќе донесат одлука за натамошно постапување во предметот“, велат од Обвинителството.

Од Кривичниот суд информираат дека сѐ што побарало обвинителството од нив поврзано со истражни и предистражни постапки е доставено до надлежното обвинителство. „Сите дополнителни податоци кои се побарани веднаш откако ќе бидат обезбедени ќе бидат доставени до обвинителството“, велат од Кривичен.

Од Специјалното јавно обвинителство нема никакви информации, а комисија формирана од Судскиот совет уште го разгледува извештајот за АКМИС. Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, неколку пати го нарече овој извештај паушален, неаргументиран и без докази. Досега не нашле ниту еден предмет што бил распределен надвор од АКМИС.

„Многу жално е што комисијата формирана од поранешниот министер за правда, Билен Салији, во која учествуваат четворица судии и четворица информатичари, покрај членови и уште двајца вработени во Министерството за правда, ја презедоа лошата практика од некои меѓународни комисии и без никакви докази доставуваат извештај. Нашата комисија работи макотрпно за да утврди дали некои наводи од тој извештај може да се утврдат за вистинити. Како судии еклатантно и евидентно е дека има аномалии во извештајот, ги бараме тие голем број предмети коишто беа посочени и не можеме да откриеме сè уште дали има вистина во тоа или нема. Ниту едно име и ниту еден предмет не се наведени дека се распределени вон АКМИС“, изјави Караџовски.

Судијата Лазар Нанев, кој беше претседател на работната група што вршеше увид во функционалноста на компјутерскиот систем, останува на наводите од извештајот и очекува овој случај да добие правна разврска.

„Ние констатиравме предмети кои не се распоредувани согласно со АКМИС-системот и тоа е наведено во извештајот. Дали е тоа за злоупотреба, дали е тоа за кривична одговорност или не, тоа не е работа на работната група туку тоа е обврска на Основното јавно обвинителство. Тоа треба да констатира дали е исполнето законско битие за одредено кривично дело. Меѓутоа, очекуваме согласно со извештајот што ние го направивме, ОЈО да ги истражи сите аспекти и на крајот да донесе соодветна одлука по конкретниот предмет“, вели Нанев.

Според него, работната група навремено го изготвила и доставила извештајот до Министерството за правда и тука завршила нивната работа согласно со Законот за судови и Судскиот деловник.

Извештајот што беше декласифициран деновиве Министерството за правда го објави и јавно. Наводите од извештајот којшто покажа дека 860 предмети не биле внесени во АКМИС-системот и за нив не бил доделен судија, ѝ беа познати на јавноста. Во извештајот нема ниту едно конкретно име на судија и ниту еден предмет за кој категорично е наведено дека биле наместени.

Единствено е споменато името на тогашниот в.д. претседател на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев кој известил дека постоела рачна распределба на предмети.

Конкретни предмети од еден судија се давале во работа на друг судија, а честите промени во годишниот распоред значеле и ограничување кој судија ќе биде вклучен во автоматската распределба. Судии биле вадени од АКМИС по разни основи само со параф на претседателот на судот.

„Од увидот било констатирано дека исклучувањата судии од автоматска распределба на предмети се вршени по основ на известување за отсуство по различни основи и за различно времетраење, најчесто пократко од пет дена, без писмена одлука со наредба и образложена причина, туку само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница“, стои во извештајот.

Во Врховниот суд, Комисијата констатираше дека минатата година распоредот бил менуван девет пати, АКМИС се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети.

„Со честите промени на годишниот распоред за работа на судот, се влијае врз составот на советите кои одлучуваат по предметите, што повлекува и рачна прераспределба на предмети. За распределбите постои писмена одлука од претседателот на судот, но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот деловник. На овој начин, случајниот избор на судија со автоматската распределба на предметите се суспендира и наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија“, пишува во извештајот.

Најмалку неправилности имало во Апелацискиот суд Скопје каде што е констатирано дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат, туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар.

Во извештајот нема наведено кој бил на чело на судовите во времето кога се правеле неправилности, но според периодот на анализа, Кривичен го водеа судиите Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев, а Врховен го водеше актуелниот претседател Јово Вангеловски.

На извештајот е потпишан судијата Лазар Нанев, но свој потпис не ставил судијата Зоран Димитриевски кој бил член на комисијата и уште еден член, советник информатичар.

Фросина Факова-Серафиновиќ