Ја чекаме Грција, па влегуваме во НАТО

Оставката на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос и ставот на Независни Грци да не го гласаат договорот од Преспа, само за кратко внесоа немир кај политичката елита во земјава. Набргу потоа стигна уверување оти премиерот Алексис Ципрас, кој побара да се гласа за доверба на неговата влада, неофицијално има обезбедено мнозинство во парламентот, што би значело дека ќе го преживее гласањето за доверба и ќе се изгласа решението за името. Тоа, според најавите, треба да се случи кон крајот на месецот со што завршува најголемиот дел од обврските по Преспанскиот договор. Но тој нема да биде „жив“ сè додека парламентот во Атина не го ратификува и протоколот за членство на Македонија во НАТО. Ципрас вели и тоа ќе се случи, ама малку подоцна поради технички причини. Веднаш потоа, земјите членки на НАТО ќе добијат известување дека договорот стапува на сила и тие ќе можат да ја викнат Македонија да им се придружи.

Доколку работите во Грција не завршат како што предвидува Ципрас, договорот од Преспа не важи, и покрај тоа што Македонија ги прифати уставните измени. Се враќаме на старо и сè ќе биде исто како што беше пред Никола Димитров и Никос Коѕијас да стават параф на решението во Мала Преспа.

Шансите за таков епилог се симболични, но сепак мора да се почека на завршување на сите обврски, по што државата ќе почне постепено да функционира со новото име. Придавките „македонско, македонски, македонско“ во имињата на државните институции ќе мора да се променат во духот на договореното и на крајот од имињата ќе се додаде „на Северна Македонија“. Личните карти, пасошите, возачките дозволи, како и другите лични документи не мора веднаш да се менуваат туку по истекот на нивната важност, но не подоцна од пет години по стапувањето во сила на уставните измени. Исто толкав преоден период е превиден и во политичкиот дел бидејќи сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна работа ќе се менуваат најдоцна за пет години. Кодовите на интернет и секаде каде што е предвидена нивната употреба ќе останат МК и МКД, а на регистерските таблички ќе стои NMK (North Macedonia – Северна Македонија на англиски јазик). Спомениците од проектот „Скопје 2014“ нема да се отстрануваат, но покрај нив ќе стои табла дека станува збор за споменици од хеленистичкиот период. Аеродромот во главниот град е веќе преименуван, исто како и автопатот од Табановце до Гевгелија.

Тоа се отстапките, а придобивките се дека уште на самитот на Алијансата во јули во Брисел ќе биде официјализирана поканата за членство во НАТО, при што отприлика ќе помине една година за да станеме полноправен член. Сите 29 парламенти ќе треба да го изгласаат протоколот за пристапување на Северна Република Македонија во НАТО, а најавите се дека Грција ќе биде земјата што најпрва ќе го направи тоа.

Веднаш по потпишувањето на договорот во Мала Преспа, Македонија доби условно отворање на преговорите за влез во ЕУ, што би се случило во јуни годинава доколку освен спроведување на договорот за името, бидат реализирани итните реформски приоритети, добиеме позитивен извештај од Европската комисија, како и одлука на Советот на ЕУ. Најголеми противници за давање позитивен сигнал за Македонија се Франција и Холандија, од каде што сметаат оти нашата земја не прави доволно за да ги реформира проблематичните точки во општеството. Претпоставките се дека годинава, сепак, нема да добиеме отворање на преговорите имајќи предвид оти целиот фокус на власта беше насочен кон решавање на спорот за името, за чија цел се правеа огромни отстапки што дополнително ја срушија правната држава, а во ЕУ целата енергија ќе се троши на европските избори. (Г.А.)