Шестотини илјади гласа „за“ ќе му дадат легитимитет на референдумот

Доколку има еден глас против повеќе на референдумот, Владата ќе се поклони и ќе каже „оваа работа не поминува“. Ако мнозинството каже „да“, дури и да нема цензус, тоа ќе биде земено предвид, но процедурата ќе се врати во Собранието.

Само неколку часа по оваа изјава на шефот на дипломатијата Никола Димитров, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Телма порача „но пасаран“.

„Нека немаат илузии од власта што значел успешен или помалку успешен референдум и да отвораат дебати без аргументи. Законот е јасен. Над 900.000 гласачи кои треба да излезат и најмалку половината да гласаат потврдно за овој договор, тоа по закон претставува успешен референдум. Доколку излезат помалку, тоа ќе значи дека овој договор не поминал“, рече Мицкоски, кој нагласи дека доколку мнозинство гласа „за“ и биде исполнет цензусот, тој ќе застане зад волјата на граѓаните, иако повеќе негови пратеници веќе му свртеа и најавија „не“ за уставни промени.

Ваквите спротивни гледишта предизвикаа реакции во јавноста околу тоа дали и колку гласа „за“ ќе му дадат легитимитет на плебисцитарното изјаснување во случај на недостигнување на цензусот од 50 отсто, без оглед што референдумот е од консултативен карактер и процесот треба да се врати во Собранието кое го ратификуваше договорот со Грција. Странски дипломати во земјава деновиве неофицијално навестија дека ако на референдумот се обезбедат 600.000 гласови „за“, тоа ќе биде доволно за меѓународната заедница да го смета за легитимен и успешен, т.е. да го признае резултатот како поддршка за договорот од Преспа.

Високиот праг на референдумското изјаснување од самиот старт се наметна како еден од ризиците за понатамошните фази од реализација на договорот од Преспа. И покрај солидниот одѕив и јасно изразената волја на граѓаните, можно е, велат познавачите, 200 илјади луѓе кои би гласале „против“, да надгласаат одлука од 700 илјади луѓе кои би гласале „за“ со тоа што ќе останат дома. А главната поента, како што додаваат, е референдумот да им даде на двете страни подеднаква шанса.

Во насока на легитимитетот на референдумот новинарот Атанас Кировски вели дека клучното прашање е колку гласови „за“ ќе има на референдумот. Притоа се повикува на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години владееше со опсег на гласови од 330.000 до најдобрите за нив 480.000 гласа, кои ги освоија на парламентарните избори во 2008 година. Рекордот го држи СДСМ, кој освои 497.000 гласови на изборите во 2002 година.

„Пикот се претседателските избори кога Иванов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ освои 530.000 гласови заедно со ДУИ. Ако има над 600.000 гласа „за“, нема сомнение дека договорот го поддржува мнозинството и има легитимитет“, пишува Кировски, но додава дека доколку не излезат потребните над 900.000 гласачи опозицијата има право да тврди дека референдумот е неуспешен. Доколку има под 530.000 гласови „за“ тогаш договорот, според него, има сомнителен легитимитет.

„Дали тогаш ќе се оди на предвремени избори или сепак ќе се брза со уставни измени е многу тешко да се прогнозира“, смета Кировски.

Како интересна политичка битка во која се бркаше истиот цензус од 50 отсто, иако контекстот е сосема друг, се посочува вториот круг од претседателската трка во 2004 година меѓу Бранко Црвенковски и Сашко Кедев. Одѕивот тогаш беше 55 отсто – Црвенковски освои 385 илјади гласа, а Кедев 309 илјади. Трет беше Гзим Острени од ДУИ со 134 илјади гласа.

И покрај тоа што Избирачкиот список брои 1,8 милион избирачи, треба да се земат предвид и проценките дека изминативе години од земјата се иселиле повеќе од половина милион лица, кои не пројавија голем интерес да се вклучат во референдумското изјаснување. Затоа за професорот Ѓорѓи Спасов важно е колкав број од стандардните 1.200.000 гласачи ќе излезат на гласање.

„На ниту еден референдум досега или ниту на едни парламентарни или претседателски избори, колку и да биле драматични, не излегувале повеќе од 1.200.000 гласачи, или околу 66 отсто од запишаните во Избирачкиот список. Оние околу 600.000, кои се појавуваат на списокот од 1991 година до денес, или се иселени, или се на привремена работа, или од разни причини воопшто не ги интересира политика. Оттаму тие кои никогаш не се појавувале на гласање никој не може да ги смета за свои поддржувачи или за бојкотирачи на референдумот“, оценува Спасов, потсетувајќи дека, на пример, ВМРО-ДПМНЕ, на изборите во 2006 година на излезеност од 54 отсто освои 300.000 гласа и потоа во континуитет владееше 11 години.

Бегањето во бојкот, според него, е обид за затскривање зад бројката на оние 600.000 илјади граѓани од списокот што никогаш не се појавиле во реалноста и обид за лажно тврдење дека постои некакво огромно мнозинство од граѓаните на Македонија кое не го поддржува договорот.

„’За Европска Македонија’ треба да докажат дека од оние 1.200.000 гласачи, најмалку 650-700 илјади ќе гласаат ‘за’. Тоа е мнозинство поголемо од мнозинството со кое е избран Иванов, од мнозинството на која било партија што досега формирала Влада и доволно мнозинство за доказ каква е мнозинската волја на народот за тоа во која насока треба да се движи државата“, поентира Спасов.

Од друга страна, професорката и претседателка на Комисијата за политички систем во ВМРО-ДПМНЕ, Тања Каракамишева, најавува нови „фестивали“ во Собранието при отсуство на цензус.

„Референдумот нема да биде успешен. Како мислат да ги буткаат уставните измени? Како власта мисли да ја изврши продажбата на пратениците од опозицијата покрај народот жив и здрав“, прашува Каракамишева.

(Наум Котевски)