Филипче за „Независен“: Ни недостигаат 600 лекари

Министерството за здравство работи на измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита и на измени на Законот за прекин на бременоста, кој во оваа форма го ограничува правото на избор на жените. Во земјава недостигаат дури 600 доктори во здравствените установи, а најмногу педијатри и анестезиолози. Има институции со кои, ако во следниот период не бидат доекипирани со кадар, ќе  се компромитира нивната работа. Министерот за здравство Венко Филипче подвлекува дека приоритет е новиот Клинички центар да биде изграден на чисто државно земјиште.

Веќе девет месеци го водите еден од клучните ресори во земјава, Mинистерството за здравство. Што е подобрено периодов откако сте министер?

Она што го направивме уште во првите месеци беше промена на Законот за лекови во делот на паралелниот увоз. Како во ниту една земја во Европа, кај нас беше дозволено да се носат лекови без никакви сертификати за квалитет на лекот. Затоа пристапивме кон промена и усогласување на законот со закони што важат во Европската Унија. Тоа значи дека секој лек што влегува во нашата земја мора да има сертификат за квалитет. Воведовме законски измени што бараат контрола на секој лек што се внесува во земјата, согласно со европските и светските стандарди и воведовме лекови за ретки болести. Три нови лека се воведоа за првпат во земјава за пациенти за кои досега немаше терапија. Очекуваме да заврши процедурата за четвртиот лек спинраза за деца со мускулна атрофија. Го воведовме електронскиот регистар за ретки болести, што го олеснува следењето на лековите и пациентите, да знаеме месечно колку има од таа терапија и врз основа на тоа да се планираат количините. Го подготвуваме новиот тендер за инсулин со сертификат за квалитет, а предвидуваме и обврска компаниите да имаат едномесечна резерва за да се надмине ризикот од евентуален недостаток.

Би ставил акцент на зголемувањето на сумата на платите која докторите и медицинските сестри ја добиваат за дежурствата, за ноќен труд и за дополнителна работа, а овозможивме и вработување на приватните специјализанти со надоместок и придонеси во висина на минималната гарантирана плата за општ лекар. Платата со зголемување на дежурствата, а пред зголемувањето за 5 отсто кај докторите во некои клиники, порасна од 30 до 40 отсто. Дополнително се зголеми основицата на платата со исплата за септември за сите вработени во јавното здравство за 5 отсто. Се платија специјализантите кои досега работеа без пари. Воведовме модел на мобилни сервиси, тимови од здравствени работници кои можат да дадат здравствена услуга на пациентите, односно на граѓаните во нивните домови. Работиме интензивно со Светската здравствена организација, очекуваме помош од Светската банка за реформа на концептот на примарното ниво на здравствена заштита поради тоа што постојат региони каде што нема примарни матични доктори или постојните доктори се веќе пред пензија. Постои сериозен ризик во наредните неколку години дел од жителите да останат без соодветна здравствена заштита од матичните педијатри.

Од крупните работи што се подобрени периодов се реновирање, реконструкција и подобрување на инфраструктурата на Универзитетската клиника за психијатрија, Универзитетската клиника за хематологија, Универзитетската клиника за абдоменална хирургија, Клиниката за максилофацијална хирургија, отворање нов Оддел за интензивно лекување на Универзитетска клиника за неврохирургија и  нови оддели во Градската општа болница „8 Септември“.

Исто така, работиме на надградба на електронскиот систем „Мој термин“, со што се продолжува времетраењето на прегледот. Со измените во системот, специјалистот ќе го одредува времетраењето на прегледот и врз основа на тоа клиниката ќе ги креира термините. Целта е да ги растовариме докторите од административните формалности и да имаат повеќе време за своите пациенти.

Подготвува ли Министерството системско решение за набавка на лекови со кое ќе се стави крај на лековите што ги нема на позитивна листа, а кои претставуваат проблем за пациентите?

– На почетокот од годината ги намаливме максималните цени на вкупно 336 генерички и 222 иновативни лекови. Во моментов во консултација со експерти од Светска банка, активно работиме во насока на проширување на позитивната листа на лекови, која не била проширена повеќе од 10 години. Во тек е собраниска процедура за промена на Законот за здравствено осигурување, со кој се менува начинот на кој се ревидира позитивната листа на лекови во ФЗОМ. Со ова ќе се внесат нови и потребни лекови на позитивната листа и во следниот период значајно ќе се промени сликата во овој дел.

Дополнително се смени и Законот за лекови во делот на паралелниот увоз и како и сите други земји членки на ЕУ, почнавме за лековите што се внесуваат во земјава да бараме сертификат за квалитет. Со тоа правиме контрола на сите лекови кои се внесуваат во земјава. Со сертификатот го гарантираме квалитетот на лековите.

Колку здравствени работници недостигаат во здравствените установи во државата? Од клиниките постојано се жалат дека освен со лекари, кубурат и со медицински персонал. Неоспорно е дека имаше нови вработувања, меѓутоа уште колку согласности ќе одобрите до крајот на годината за да се намали тој дефицит?

 -Откако сум министер, во јавните здравствени установи низ земјава се вработија околу 2.200 медицински работници. Во моментов се прават стратегии за развој на секоја специјалност. Во земјава недостигаат околу 600 доктори, а најмногу фалат педијатри и анестезиолози. Има институции во кои, ако следниот период не ги доекипираме, можно е да се компромитира нивната работа. За некои оддели кои кубурат со кадри, ќе бараме решение преку концептот на регионализација. Факт е дека во државава имаме помал број на доктори на 1.000 жители за разлика од европскиот просек. Во Министерството сме фокусирани да ги задржиме здравствените работници во земјава, но ќе продолжиме и со нови вработувања, како и упатување на специјализација на младите кадри.

Сакам да истакнам дека досега биле водени политики кои придонесле да се соочуваме со огромен дефицит на стручен и специјализиран кадар. Затоа распишавме и најголем број државни специјализации од кога било досега. Се распишуваат рекордни 240 специјализации и 115 супспецијализации. Со сето ова, очекуваме дека во следниот период ќе се подобри сликата во однос на недостаток на кадри во Македонија во следните години.

Владата вети дека по Нова година платите на лекарите ќе стигнат до сто илјади денари. Сметате ли дека со пари ќе го спасите здравството?

-Фактори што влијаат докторите да ја напуштаат земјата се повеќе, не се само финансиските причини. Важна е и неможноста за едукација, односно напредување во струката. Како Влада ветивме дека до крајот на мандатот плата на лекар-специјалист ќе биде 100.000 денари и тоа ќе го оствариме. Се залагаме и сакаме да го оствариме тоа дури и порано, од следната година. Во моментов се прават проценки дали тоа може да се случи веднаш на почетокот на 2019 година или ќе се случи во два наврата во текот на следната година.

Дополнително работиме и да ја подобриме едукацијата на лекари. Имаме договори со еминентни болници од Германија и од Бугарија, кои ќе испраќаат експерти во земјава да вршат обука и едукација на нашиот кадар тука. Интенција е странски експерти да доаѓаат и да работат тука со наши лекари и сестри. Сметаме дека со тоа ќе ја подигнеме експертизата во земјава. За да се спречи негативниот тренд на иселување од земјава, ги зголемивме платите во здравството за 5 отсто, а дополнително се зголемија и надоместоците за дежурство, труд и ноќна работа, што е дополнителен финансиски стимул да не ни заминуваат кадрите од земјава. Во моментов траат преговорите со Министерството за финансии кое прави пресметка колку пари ќе бидат потребни, за да се стигне до ветената сума за специјалист. Нема да сметаме само на докторите туку повторно и на средномедицинскиот персонал и на другите вработени во јавното здравство, со цел да имаме правилна распределба на платите. Ќе настојуваме и ќе бидеме среќни ако уште во јануари платата на специјалистите биде 100.000 денари.

Ќе има ли инвестиции на другите клиники каде што условите се лоши?

-На почетокот од годината затекнавме повеќе запрени или забавени проекти каде што условите се лоши и потребна е итна реконструкција. На пример, Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид беше целосно застаната. Истото е и со Клиничката болница во Штип и Општата болница во Струмица. Сепак, динамиката на работа е продолжена и очекуваме во текот на следната година овие три болници да се целосно реконструирани.

Дополнително, работиме на завршување на започнатите капитални инвестиции во нова медицинска опрема и здравствена инфраструктура, меѓу кои: набавка на нова медицинска опрема и медицински и немедицински инвентар за новиот објект на Клиничка болница во Штип, за Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, како и за Општата болница – Струмица, во насока на подигнување на квалитетот на здравствените услуги во овие установи. Продолжуваме и во следниот период со капитални проекти, реконструкција и реновирање на постојните објекти, сè со цел да овозможиме подобри здравствени услуги за сите наши пациенти.

 До каде е подготовката на Акцискиот план кој треба да содржи краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија за намалување на смртноста кај новороденчињата, состојба која беше загрижувачка, а бројките застрашувачки?

-Акцискиот план е подготвен и се спроведува. Првичните резултати се добри и имаме намалување на смртноста. Во првите шест месеци е намалена смртноста кај новороденчињата од 24 на 17 отсто, а во последниот квартал има позитивни сигнали дека намалувањето е дополнително. Работи Комитетот за безбедно мајчинство, а од први октомври шефицата за Одделот на неонаталогија од Белград доаѓа кај нас да работи со нашите доктори и сестри за да воведат новини, да ја активираат опремата што ја набавивме и што нашите сè уште не знаат да ја користат. Дополнително, се преземаат повеќе мерки за намалување на новороденечката смртност. Заедно со агенциите на ОН, пред сè, UNFPA, работиме во насока на намалување на смртноста. Нивни експерти беа тука и направија проценки во сите родилишта во земјава.

Итната помош има сериозен недостиг на возила. Сега  располага само со шест возила и се соочува со недостиг на кадар. Кои се плановите на ова поле?

-Следниот период планираме прием на кадар во Здравствен дом – Скопје. Добивме донација од 9 возила од Чешка, а Министерството дополнително набавува 12 возила. Освен во Скопје, возилата ќе бидат распределени и во другите градови.

   

 

                                              За Клинички центар се бара државно земјиште

 

Анализата за изградба на новиот Клинички центар ја прават експерти од Европската комисија, а се вклучени и тимови од Банката на Советот на Европа. Почна ли процесот на проценка и иницијални планови за Клинички? Има ли решение за нова локација и тоа да е државно земјиште, освен она во населбата Злокуќани?

Претходниот проект не беше поставен во правец на модерен и современ клинички центар. Новата анализа смета дека треба да имаме модерен клинички центар што ќе даде интегриран тип на здравствена услуга, а тоа значи дека пациентот влегувајќи на едно место ќе ги добие сите здравствени услуги, во најкратко можно време. Првично идентификувавме едно место за градење во населбата Злокуќани. Но, размислуваме и за друга алтернативна локација, блиску до таа, која за разлика од првата, каде што земјиштето е со мешана сопственост – и приватно и државно, е чисто државна. Тоа значи дека ќе може за пократко време да се среди административната работа, но и да чини помалку, затоа што нема потреба од експропријација. Истовремено пристапивме и кон консултации со експерти за изградба и димензионирање на новиот Клинички центар. Планирано е таму да бидат сместени и Медицинскиот факултет, соодветен истражувачки центар и кампус за студенти по медицина. Тоа ќе биде мал медицински град кој ќе биде лесно достапен за граѓаните на Скопје и на целата држава и ќе им понуди современи медицински услуги. Најверојатно крајот на 2019 или почетокот на 2020 година ќе почнеме да го правиме.

 Вероника Мароска-Леова 

 Борис Грданоски-фоторепортер