Факултети бараат автономија, Сенатот не им дава

Жестока расправа за предлог-статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се водеше на седницата на сенатот. Со мнозинство гласови беше одбиен предлогот факултетите да можат да станат самостојни правни субјекти, што би значело да можат сами да одлучуваат за финансиите, проектите и развојот. Професорката Маја Стефановиќ подвлече дека ова право го овозможува новиот Закон за високо образование и не треба да им биде скратено на факултетите со Статутот. Според неа, треба да се остават две можности – универзитетот да биде правно лице, но и оние единици кои сакаат да го имаат тоа право.

Против овој предлог беа поголем дел од сенаторите, како и ректорот Никола Јанкуловски, кој својот став го образложи со мислењето од направената надворешна евалуација со која се поддржа интегриран универзитет. Според него, само три декани биле за тоа факултетите да имаат право на посебен правен субјект бидејќи и сега факултетите можат самостојно да решаваат за многу работи.

Проректорот за наука Владимир Петрушевски забележа дека Статутот бил донесен многу брзо, а материјалот не бил доставен навреме. Статутот, рече тој, требаше да биде направен по мера на целата академската заедница, при што забележа дека ректорот не се консултирал со повеќето проректори.

„Ако се готвиш да бидеш ректор и во следниот мандат, подготовката на Статутот треба да му ја оставиш на друг. При изработка на акти, треба да се консултираат и други умни луѓе, не само умни правници. Како беше можно да се предложат измени во концептот на докторски студии без да бидат консултирани ресорните проректори. Недозволиво е да се викаат членови на управата и Сенатот на консултации. Стигнуваат поплаки од многу луѓе бидејќи тоа го доживуваат како сослушување и обид да се влијае на деканот, сенаторот, за да постапат според други очекувања. Ректоре, вашиот углед и образ со ова се донесени во прашање“, му порача Петрушевски на Јанкуловски.

Ректорот Јанкуловски, пак, реплицираше дека постапката за донесување на новиот статутот била водена транспарентно согласно одредбите на Статутот на УКИМ. Формирана била работна група од професорите Борче Давитковски, Наташа Габер, генералниот секретар на универзитетот и секретарот од Факултетот за електротехника и информациски технологии во која член бил и тој и сите заедно за три недели го изготвиле текстот. Потоа бил доставен за јавна расправа на факултетите.

„Единиците доставија забелешки кои во најголемиот дел беа прифатени од комисијата. Текстот на Статутот со внесените забелешки е утврден од ректорската управа во форма на предлог и е доставен до универзитетскиот Сенат“, се правдаше Јанкуловски.

Сенаторите не го усвоија ниту предлогот УКИМ да има пет проректори, петтиот да биде за дејностите уметност и спорт и да го избира Сенатот место Ректорска управа. За Давитковски новиот Закон за високо образование треба да претрпи измени во делот на изборот на ректорот бидејќи тој треба да се избира на посебни избори, а не од сенатот, што е неодржливо со оглед на голем број на членки кои ги има универзитетот мислејќи на 23 факултети.

Пред почетокот на седницата професорката Стефановиќ оцени дека една група луѓе на чело со ректорот сака сета моќ, контрола и влијание врз процесите на работењето на универзитетот и на единиците да ги задржи во свои раце.

„По однос на начинот и постапката за разрешување ректор се воведени такви процедури, преку кои можноста ректорот да биде разрешен и да не му биде прифатен извештај теоретски и практично се сведува на нула. Автономијата која му е дадена на Универзитетот со законот во овој случај се користи за да биде укината внатре во Универзитетот. Околу процедурата, на голем број факултети воопшто не беа свикани наставно-научни совети, туку од професорите се барало да достават сопствени забелешки. Кога немате наставно-научен совет, немате заклучоци, ништо никого не обврзува“, додаде Стефановиќ.

Вероника Мароска-Леова