Уште да падне режимот во ВМРО-ДПМНЕ

Александра М. Митевска

Спиро Ристовски и Владо Мисајловски, некогаш високи функционери во владата на ВМРО-ДПМНЕ, патуваа можеби залудно на југоистокот на државата за на самото место да го организираат валандовскиот конгрес на партијата.
Последните струења и превирања во и околу „белиот дворец“ во Скопје го доведуваат во прашање одржувањето на конгресот кој беше најавуван како историски, поради очекуваното заминување на долгогодишниот партиски лидер и премиер Никола Груевски и изборот на негов наследник. Големиот настан во малото Валандово е сега неизвесен – исто како што станува неизвесно дали Груевски навистина си оди од партискиот трон, како што најави по една енигматична полноќна средба со актуелниот премиер Зоран Заев во претседателската резиденција. Всушност, и да се случи сето тоа што беше најавено – и конгресот и изборот на нов лидер за опозициските денови што претстојат, по сите писма и оставки останува неизвесноста дали од ВМРО-ДПМНЕ ќе заминат и политиките на Груевски и неговите манири на раководење со партијата – сега кога не е веќе во позиција да раководи со државата.
Внатрепартиските расцепи и раситнувања не се нешто ново во не многу долгата плурална историја на Македонија. Низ такви етапи поминале речиси сите поголеми партии во земјава при трансферот во опозиција. Такви сценарија во своите партиски јадра преживеале речиси сите досегашни премиери по губењето на власта. Сепак, најновите случувања во сегашното ВМРО-ДПМНЕ – штотуку излезено од раскошните одаи на „Илинденска“, не може да не се доживеат како шок-бомба. Груевски премногу долго ја градеше (и фигуративно и буквално) својата партиска империја, инсталирајќи во нејзините темели кадровска инфраструктура од највисок степен на доверба и политики кои гарантираат послушност, лојалност и монолитност. Затоа сега се чинат нереални сите тие фракции и крила што почнаа наеднаш да излетуваат од партијата, додека лидерот со еден и полдецениски стаж не ги спакувал сѐ уште куферите. Затоа сега изгледа збунувачки што истите ликови кои ги спроведуваа до вчера политиките на едноумие (нарекувајќи ги синергија) и се спротивставуваа на поразличните мислења, сега бараат демократска и транспарентна постапка за избор на нов лидер. Како може да се очекува демократија и транспарентност од оние што не многу одамна учествуваа во гушењето на токму тие вредности – не само во својата партија, туку и во општеството?!
Првпат по една деценија, откако Груевски ја освои власта во Македонија во 2006 година, од ВМРО-ДПМНЕ почнуваат да извираат разни фракции и тоа во ситуација кога сѐ уште не е објавено кои се имиња влегуваат во трката за освојување на партискиот трон. Но, неодминлив е впечатокот дека сите тие навидум различни струи течат во иста насока – кон задржување на досегашната структурираност на партијата, независно од тоа дали некои други ликови ќе се вселат во партискиот врв. А, и да е реална таа фракционерска битка што почнува да се развива во вмровските редови неизбежно е чувството дека во суштина станува збор за борба за превласт во новиот опозициски табор, а не за намера навистина да се демократизира партијата.
По безмалку 15 години од конгресот во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ е соочена со можност од конкурентска битка за челното место во партијата. Тоа, очигледно, предизвикува нервоза меѓу припадниците на досегашниот партиски естаблишмент, кои се исправени пред опасноста да ги изгубат позициите доколку пред конгресот изберат погрешна страна. Како што, впрочем, завршија и многумина кои во 2003 година не застанаа на страната на Груевски или кои потоа не го оправдуваа неговото скршнување од курсот што го постави претходниот лидер Љубчо Георгиевски. Тоа е ризикот што го носи конкуренцијата, која од поодамна не живее во ВМРО-ДПМНЕ, така што сега не е изненадување манифестацијата на отпор и страв кон промените што претстојат.
ВМРО-ДПМНЕ, во овие критични денови, сепак не може да си дозволи да организира конгрес како што организираше избори додека беше на власт, за што сведочат и дел од „бомбите“ што ги слушна јавноста. На опозициската партија сега навистина ѝ е потребен демократски, транспарентен и слободен конгрес, кој ќе ѝ донесе нови ветрови и енергија. Тоа не е корисно само за ВМРО-ДПМНЕ туку и за целата политичка клима во државата, на која ѝ е потребна силна и конструктивна опозиција, неоптоварена со хипотеките од изминатата деценија. Во спротивно, оние што сега даваат отпор кон промените, на крај можеби ќе треба да донесат и делегати од Пустец за да прослават нечија Пирова победа на партискиот конгрес.