Укинувањето на радиодифузната такса ќе го чини Буџетот 19 милиони евра догодина

За вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата следната година од Буџетот планирани се средства во износ од 1,19 милијарди денари или околу 19 милиони евра.

Тоа значи дека укинувањето на радиодифузната такса ќе го чини Буџетот околу 19 милиони евра следната година.
Овие средства ќе бидат обезбедени преку буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.

Во септември годинава Собранието ги донесе измените во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги со што се укина обврската на граѓаните и фирмите да плаќаат радиодифузна такса.

Првичните проекции на Владата беа дека за реализирање на оваа мерка следната година ќе бидат обезбедени 14 милиони евра од државниот Буџет што е за пет милиони евра помалку од оние кои сега реално се предвидени во Предлог буџетот за 2018 година кој е доставен до Собранието.

Според Законот за аудио и аудио визуелни медиуми сумата од 19 милиони евра, предвидена во Буџетот за следната година за оваа намена, се дели по следниот принцип: МРТ добива 74,5 отсто, Македонската радиодифузија 19,5 отсто, а остатокот од 6 отсто оди за Агенцијата за медиуми (ААВМУ).
Согласно ваквата поделба, само на јавниот сервис од буџетот на Министерството за информатичко општество предвидено е догодина да бидат префрлени околу 886.550.000 денари или околу 14,4 милиони евра.

Според финансискиот извештај за 2016 година, МРТ преку наплатата на радиодифузната такса, пари од Владата по разни основи и остварен приход од реклами, имал приход од над 19 милиони евра.

Само од радиодифузна такса јавниот сервис имал приход од околу 14 милиони евра, што е идентична на сумата предвидена за следната година која наместо директно од џебот на граѓаните ќе биде префрлена од Буџетот, кој секако се полни од граѓаните и фирмите.

МРТ има над 800 вработени.

 

А.С.